1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чуму референдум Грци?

Бернд Ригерт / превод: ЕМФ29 јуни 2015

Грчката неуспешна влада сака со референдум да си ја симне од себе одговорноста за хаосот кој и‘ се заканува на земјата. Планот е провиден, оценува Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1FooO
Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Wabitsch

Грците во недела ќе можат да се изјаснат, но за што всушност? Дали народот е за или против финансискиот пакет на меѓународните кредитори, вклучително мерките за штедење и реформи? Прашањето што треба да се постави е апсурдно. Не може да се гласа за нешто што го нема. Министрите за финансии на еврозоната де јуре и де факто го тргнаа предлогот од маса откако Грција ги прекина преговорите. Грција во моментов е оставена сама на себе и се‘ побрзо ита кон банкрот.

Ако Грците се согласат со пакетот мерки за една недела, тогаш тоа нема да има ефект. ќе мора да се преговара за сосема нова програма за помош. Но, со кого? Со леворадикалната влада на премиерот Алексис Ципрас тоа нема да оди, затоа што тој пред референдумот повика на отфрлање на предлогот на кредиторите. Влада која не стои зад реформите тешко дека некогаш сериозно ќе ги спроведува истите тие реформи.

Грчевито држење за власт

Затоа „да“ на референдумот би значело автоматски оставка на владата и нови избори. Но, се стравува дека владејачката екипа, која во суштина е комунистичка, ќе се држи грчевито за власт. За благосостојбата на народот, по трагичните грешки од минатата недела, се чини им е и онака сосема сеедно. Таа подмолно ги доведе преговорите до пропаст и сега се крие зад референдум. Владата можеше да го праша народот уште пред многу недели, а не под притисок на претстојниот банкрот.

Ако Грците одговорат со „не“ на поставените прашања, тогаш веќе нема назад. Односите со кредиторите и со европската монетарна унија ќе бидат трајно прекинати. Тоа го сака премиерот. Кому тоа би требало да му биде од полза, останува тајна. Сосема е јасно дека Грција без помош однадвор е осудена на финансиска пропаст.

Австрискиот министер за финансии Ханс Јерг Шелинг прв изговори гласно: излез од еврозоната ќе се случи. Шефицата на ММФ Кристин Лагард е резигнирана. ММФ веќе не може да и‘ помогне на Грција. ЕЦБ се‘ уште ги држаи грчките банки над вода. Уште колку долго?

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Не е само Грција демократија

Грчкиот премиер Ципрас во текот на неговиот последен телефонски разговор со канцеларката Ангела Меркел рекол дека Грција има уште „многу кислород“ за да преживее. Можеби Грција може уште еднаш да собере пари, дури и да ја заобиколи карпата „30 јуни“ и да го исплати кредитот на ММФ. Лошиот развој меѓутоа со тоа нема да биде запрен. Приходите од даноци се намалуваат, стопанството слабее. Тоа не може да го запре ни најубавиот референдум. Тоа е можно само со умна финансиска политика, положена во меѓународна помош.

Во дебатата околу референдумот што се водеше во грчкиот парламент не се штедеа обвинувања и навреди на сметка на кредиторите и Европа воопшто. Особено болно и апсурдно е обвинувањето дека само уште во Грција имало демократија. Сите други се здружиле недемократски против земјата. ЕУ е составена од 28 демократии, кои се покажаа солидарни не само во последните 5 години. Грција со децени беше најголем нето-примач во ЕУ.

Со или без Европа

Сириза и десничарската партија Анел ниту ја закупиле ниту ја измислиле демократијата. На долговите и финансиската одговорност не може да им се откаже доверба на избори. На Грците мора да им е јасно дека на референдум не се одлучуваат само за или против една програма за помош, туку и за својот иден политички пат - со или без Европа. Ако сакаат и натаму да продолжат со леворадикалниот и на неуспех осуден експеримент, тогаш мора да размислат за последиците. Никој во Европа не сака да ги понижи Грците (аргумент што исто така постојано се слуша), но да им се помогне може само ако тие сакаат да им се помогне.