1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Шведска: доброволно против вториот бран на корона

Давид Ел
10 ноември 2020

Рекорден број заразени и премиер во карантин. И Шведска минува низ втор бран на пандемијата. Но, за разлика од соседните земји во земјата и натаму нема задожителни правила, туку само препораки.

https://p.dw.com/p/3l42W
Schweden 2. Corona-Welle
Фотографија: Johan Nilsson/TT/picture alliance

„Ситуацијата бргу се развива во погрешна насока“, напиша шведскиот премиер Штефан Лофвен во минатиот четврток на Фејсбук. „Сѐ повеќе заразени. Сѐ повеќе починати. Ситуацијата е сериозна“. Ова е првиот пост откако Лофвен се повлече во превентивна самоизолација: некој од неговото опкружување имал контакт со лице позитивно на Ковид 19.

Со овој потег Лофвен оди над правната регулатива за која е одговорен: лица во контакт со заразени од втор степен речиси во ниту една земја во светот не одат во карантин, особено не во Шведска. Оваа скандинавска земја речиси и да нема задолжителни регулативи и се обиде пандемијата да ја стави под контрола само со препораки. „Ако сте потврдени како заразено лице со Ковид 19, тогаш мора најмалку седум дена од појавата на болеста да останете дома,“ препорачува Министерството за здравство на нивната веб-страница. На прашањето дали препораките мора да се почитуваат, се одговара со „и да и не“.

Комисијата со нивниот главен епидемиолог Андрес Тегнел е главниот центар за борба со пандемијата - во Скандинавија вакви специјализирани оддели од секогаш имаат доста влијание врз политиката.

Infografik COVID-19 Sterblichkeitsrate Schweden, Europa DE

Осамена критика

Како и во цела Европа и Шведска во последниве недели доживува втор бран-корона – деновиве се бележат рекордни бројки на нови инфекции. Во меѓувреме земјата цврсто се држи до својот познат „шведски пат“ во справувањето со пандемијата. Филозофијата на која се базира гласи: ако се повикувате на совеста на луѓето, наместо да ги принудите на ограничувања, препораките ќе бидат прифатени во многу поголема мера.

Повеќе:

-Што е успешно во шведскиот корона-модел?

-Ковид-19: „Не одете по шведскиот пат“

-Шведскиот експеримент со Ковид-19 на стаклени нозе

Една од критичарите на ваквиот пристап уште од почеток е Лена Ајнхорн: 66 годишната режисерка, писателка и поранешен виролог заедно со 21 истомисленици  во април објави сеопфатна и научно основана критика за шведскиот корона-менаџмент. Во интервју за ДВ, таа рече дека Шведска – исто како и пролетоска – е повеќе погодена од своите соседни земји. „Разликата е во тоа што во другите земји има рестрикции“. Данска штотуку се префрли на семафор-систем со проширени ограничувања на јавниот живот, а Норвешка воведе задолжителна работа од дома за областите со висок ризик.

Шведска без маски

На улиците веднаш се забележува клучна разлика, вели Ајнхорн. „Ако шеташ во Стокхолм или посетуваш продавници никој таму не носи маска! Во јавниот превоз има поединечни случаи. Табу е да носиш маска”.

На почетокот на пандемијата не беше толку јасно, но сега се смета за научно докажано дека ширењето на корона вирусот се спречува во голем дел ако секој носи заштитна маска.

Schweden 2. Corona-Welle
Фотографија: Amir Nabizadeh/TT News Agency/REUTERS

И во Норвешка, Финска и Данска маските сега се веќе составен дел, вели Лена Ајнхорн. „И тие доцнеа, но сега во сите останати скандинавски земји се носат маски. Има само грст земји во кои и натаму не се носат, а Шведска е една од нив”.

Петте фази на шведскиот „посебен начин”

Лена Ајнхорн не очекува дека во догледно време Шведска целосно ќе ја смени својата корона стратегија. Критички прашања на прес-конференцијата доаѓаат главно од странски новинари, бидејќи во странство гледиштата за шведската стратегија од почетокот на пандемијата повеќе пати се менуваа.

Прво велеа: „Уау, можеби се во право’", вели Ајнхорн. „Потоа имаше сѐ повеќе мртви во Шведска, ние станавме чудовиште, сите нѐ сметаа за лудаци”. Во некои периоди Шведска беше земја со најголема стапка на смртни случаи во светот, бидејќи починаа многу сениори. На други места старите лица беа поефикасно заштитени од заразата. Потоа дојде следната фаза, вели Лена Ајнхорн.

Летоска имавме малку смртни случаи и повторно бевме рај на земјата. Кога на есен почнаа да растат бројките во други земји и имаше нов локдаун Шведска стана идол на слободата. Но, сега веќе не е ни тоа бидејќи и тука повторно расте бројот назаразени”.

Во шведското население поддршката за здравствените служби и државниот епидемиолог Тегнел е непроменета. Во соседните држави владите порано или подоцна се поместија од курсот на нивните служби и сѐ повеќе носеа мерки наместо препораки.

Шведската влада тоа не може да си го дозволи, смета Ајнхорн. „Нашата влада има малку поддршка, сѐ додека здравствените служби се омилени, владата нема да може против нив”.

Па така шведската влада и среде вториот бран се потпира на доброволното однесување на граѓаните. Во петокот, ден еден од неговиот карантин, премиерот Лофвен пиша на Фејсбук: „Држете се информирани и следете ги советите.”