1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО и ЕУ се единствениот противотров за национализмот

22 февруари 2018

Во интервју за централната англиска програма на Дојче Веле, македонската вицепремиерка и министер за одбрана Радмила Шекеринска говори за преговорите со Грција и шансите за зачленување во НАТО и ЕУ

https://p.dw.com/p/2t94x
Minister der neuen mazedonischen Regierung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

ДВ: Сакам да Ве прашам за спорот околу името на вашата земја. Овој спор трае со децении. Од каде произлегува убеденоста на премиерот дека тој може да се затвори толку брзо во јули?

Шекеринска: Велат, „Ништо значајно не се постигнува без малку оптимизам", така што на некој начин тоа е уште еден импулс. Импулс за започнување на реформската агенда во земјата. Ги надминавме разликите кои ги имавме со Бугарија и склучивме договор, само два месеци откако бевме избрани за нова влада. Така што, покажавме поинаков начин на креирање политики, поинаков начин на однесување, европско однесување на Балканот, и веруваме дека ова може да функционира и во случајот со спорот околу нашето име со Грција.

Се разбира, за танго се потребни двајца, а успехот ќе зависи од двете влади на двете страни, кои сакаат да се стави крај на овој спор. Сепак, разговорите меѓу двата премиери, ни дадоа надеж дека двете земји ќе ја искористат оваа можност, бидејќи тоа оди во прилог и на Македонија и на Грција.

ДВ: Значи, ова не се само размислувања на владите. Македонскиот народ е оптимистичен во врска со решавањето на овој спор, но се чини дека грчкиот народ не е толку оптимистичен. Таму видовме демонстрации. Дали тоа претставува уште еден предизвик?

Ш: Верувам дека при секој компромис, особено кога станува збор за компромис меѓу две земји, некои од граѓаните на двете земји ќе бидат незадоволни. Нема да добиеме аплауз само поради тоа што сме го решиле проблемот. Веројатно двете влади ќе добијат критики. Но, улогата на владите е да ги решат проблемите и да предводат, а не да се предадат под притисок на групи, поединци, партии кои можеби претпочитаат поделена Европа, поделен Балкан. Затоа, владите треба се критикуваат, но не треба да се заборави дека владите постојат за да ги решаваат проблемите.

Целото интервју за ДВ во оригинал на вицепремиерката Радмила Шекеринска можете да го погледнете тука: 

НАТО и ЕУ се единствениот противотров за национализмот

ДВ: Сакам нешто да ве прашам: Вие се залагате за членство во НАТО и ЕУ. На крајот од минатата година рековте дека „земјата е заглавена веќе десет години". Ова е навистина важно. Но, рековте и дека тоа е важно за вашата земја да го одврати национализмот. Видовме и некои слики од вашиот парламент минатиот април, каде екстремистите ја запоседнаа зградата. Зошто мислите дека членството во ЕУ и во НАТО ќе претставува сила против национализмот? Сепак, и во самата ЕУ сме сведоци на национализам.

Ш: Нашиот стремеж за членство во НАТО и ЕУ постои практично од прогласувањето на нашата независност. Ова е една од целите што ја обединуваат земјата. Македонија е многу разновидна земја во однос на етничките групи, религиозните групи и јазиците, а ако навистина постои точка во која сите се согласуваат, вклучувајќи ги различните политички партии, тоа е стратешката цел да се приклучат на Западот, да се приклучат кон НАТО алијансата, кон ЕУ. Тоа претставува одличен темел и движечка сила на нашите реформи. Кога го добивме грчкото вето во 2008 година за нашето членство во НАТО земјата стана пофрустрирана, поизолирана, а во политиката не постои вакуум, па таа празнина се пополни со многу работи, вклучително и национализам. Не верувам дека НАТО и ЕУ по дефиниција може да го победат национализмот. И нема да го победат. Но, доколку на луѓето им се даде надеж, доколку им се дадат можности за стабилен поинтегриран регион и континент, доколку им се даде перспектива за економски раст, која обично доаѓа со членство во НАТО и ЕУ, на тој начин ќе им се даде единствениот противотров што можеме да му го понудиме на овој континент во борбата против национализмот. Тоа го видовме како пример во 2005 и 2006 година кога Македонија направи одлични брзи чекори кон ЕУ и земјата претставуваше позитивен пример на Балканот. Тоа функционира.

ДВ: Всушност клучниот збор тука е „брзината“. Канцеларката Меркел денес рече дека гледа дека вашата земја е на патот за пристапување кон ЕУ. Всушност, колку бргу мислите дека тоа навистина ќе се случи, колку се надевате?

Ш: Во врска со НАТО, реформите што ги направивме во минатото и сега всушност ни дозволуваат да се надеваме дека во јули ќе добиеме покана, а ЕУ е побавен процес се разбира, кој е поопсежен и поразновиден бидејќи покрива многу аспекти. Ние не шпекулираме со датуми. Не поставуваме датуми, туку цели. И нашите цели се навистина да ја трансформираме земјата и да надминеме дел од слабостите. Значи, за нас е многу важно да се вратиме на патеката кон ЕУ и НАТО, а потоа ќе следат датумите во зависност од тоа колку бргу ја трансформираме земјата и даваме резултати.

ДВ: Вие сте министер за одбрана; Сакам да ве прашам за НАТО, бидејќи има голем притисок врз членките на НАТО да трошат повеќе, барем два проценти од нивниот национален буџет. Дали е подготвена Македонија за тоа?

Ш: Да, донесовме план како да го зголемиме нашиот буџет, одбранбениот буџетот. Кога бевме близу до добивање на членство во НАТО во 2008 година, всушност нашите трошоци за одбраната беа 2,17%, што значи дека ја постигнавме целта без истото да си го поставиме како цел. Но, сега, по десет години на опаѓање, ситуацијата не беше сјајна, така што годинава го зголемуваме одбранбениот буџет за 15%, а во исто време се заложивме за дополнително зголемување од 0,2% секоја година, со што би ја исполниле целта на време. Исто така, го зголемивме нашето учество во мисиите предводени од НАТО, како мисијата во Авганистан, за 20%, и продолжуваме со поддршка на мисијата КФОР на Косово.