Шест бегалци, шест судбини
Десетици илјади лица од конфликтните региони бегаат кон ЕУ. Една од рутите оди преку Турција, Грција, Македонија, Србија, па се до Унгарија. Нашите репортери се сретнаа со шестмина бегалци во текот на таа балканска рута.
Мохамед од Сирија
Наставникот по англиски јазик е Курд и во Гевгелија се најде бегајќи од војната во Сирија. Тука, на станицата сака да се регистрира и потоа со воз или такси да продолжи кон Србија. Тој знае што сака и прашува: „Дали во Германија може да се работи на англиски јазик?“
Заман од Мароко
Овој насмеан човек четири години живеел без документи во Атина. „Таму полицајците се вистински расисти“, вели тој. Поради тоа му се придружи на бранот бегалци. Иако во неговата земја не се војува, тој сака да оди во Германија - таму да бара „чесна работа со цел да живее чесен живот“.
Ахмад од Ирак
„Нашата земја има голем проблем со „Исламска држава“. Колат кого фатат“, мирно раскажува овој 17-годишник. Тој дојде преку Бугарија, каде вели дека полицајците го тепале и го ограбиле. Во Белград спие под ведро небо и чека воз кон север. „Сакаме во Германија, таму може да се живее во мир.“
Мохамад од Авганистан
Таткото на две деца се одмора во еден импровизиран центар за помош на бегалците во Белград. Како и сите други, и тој на криумчарите им платил да го префрлат од Турција во Грција. „Бродот се преврте. Целото семејство беше во вода еден час, додека Турците не не’ спасија.“ Мохамад е среќен што се живи и здрави.
Милад од Сирија
„Секој во Сирија знае дека Асад убива недолжни луѓе“, вели 27-годишниот експерт за компјутери. Во стара фабрика за тули на крајот од Суботица, чека некој Пакистанец кој ќе ја поткупи граничната полиција и за 4.500 евра Милад и неговите родители ќе ги префрли во Германија. „Сакаме во Франкфурт, таму имам роднини.“
Фалат од Авганистан
На едноставен англиски овој 25-годишник објасни за состојбата во својата татковина: „Лоша ситуација, секој ден војна“. И тој е во фабриката и ги чека шверцерите. Целото патување го чини 5.000 евра. Ограда во Унгарија? „Нема проблем - ние секако ќе одиме во Германија. Тоа е добра земја, која ги прифаќа бегалците.“