Шефот треба да си оди!
5 декември 2017Баварскиот лав, животното кое е на грбот на економски успешната и политички влијателната покраина Баварија, од изборите наваму личи повеќе на маченце. Од сите партии во Бундестагот, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) е најмала. Помалата сестра во Унијата (ЦДУ/ЦСУ) на вагата носи само 6,2% од гласовите, двојно помалку од деснопопулистичката АфД. Толку мал нејзиниот удел не бил никогаш досега.
Поради тоа, од Минхен, од изборите наваму, не се слуша рикање, туку само мјаукање. Политичка фронтална линија која за канцеларката не е лесна за калкулирање. Зашто ЦСУ, која две години беше најостар противник на Меркел во делот на бегалската политика, среде најтешкиот процес на составување влада од постоењето на Сојузната република, е во прилично гласна расправија. И покажува што може да се случи во една партија кога се губи на избори.
Падот на Хорст Зехофер
Тоа има многу врска со Хорст Зехофер (68). Шефот на партијата и покраински премиер е престар за наредната година да може да настапи на покраинските избори од кои во Минхен, по шлакланицата на сојузните избори, во меѓувреме исто така се стравува. Доколку резултатот наредната година биде слично лош, тоа ќе значи крај на ЦСУ како партија застапена во Берлин и партија која во Баварија секогаш за себе си резервира над 50% гласови и најчесто и ги освојува. Со 38% гласови сега има само половина сила.
Политичката одговорност за ваквата криза се товари врз Зехофер. Тој на отворена сцена жестоко ја критикуваше политиката на добредојде кон бегалците која ја форсира Меркел, но не можеше ништо фактички да промени. А бегалците кои главно неконтролирано влегуваа во земјата, првпат на германска почва стапнуваа во Баварија. Во граничните региони, каде пред 4 години само по себе разбирливо беше дека ќе се гласа за ЦСУ, оваа есен триумфираше АфД. Не е чудо што Хорст Зехофер, како никој друг врвен политичар од делот на губитниците, претрпе најголеми штети и загуби на угледот.
Комбинацијата од објективна загуба на угледот и со тоа и губењето на моќта, од некогашниот политички џин Зехофер направија тактизаторски колебливец. Неговата партија го турка од позициите. Зехофер е првиот од тројцата големи губитници на изборите кој го напушта полето, барем делумно. По него веројатно ќе следат и други.
Да владеат сакаат оние кои загубија - ќе излезе ли тоа на добро?
Зашто она што се случува во баварската ЦСУ веројатно наскоро ќе има продолжение и во ЦДУ и во СПД. Сите три партии кои ја сочинуваа последната голема коалиција во Берлин заедно загубија 14% од гласовите. По пропаѓањето на преговорите за Јамајка-коалиција, која во својот состав ќе имаше барем еден победник - либералите, сега за наредните 4 години одговорноста за судбината на земјата сакаат да ја преземат само тешко ранетите.
Одлуката на СПД сѐ уште не е позната, но трендот во меѓувреме јасно оди во насока на нов обид да се покаже профил како помал партнер во влада со ЦДУ. Притоа, ќе се настојува да се постигне силно свртување в лево. На СПД едноставно ѝ е неопходен белег по кој ќе се разликува од Меркелиниот центристички курс, кој ги парализираше не само социјалдемократите. ЦСУ, меѓутоа, под раководната палка на новиот силник Маркус Зедер ќе маршира во друга насока. Таа сака во 2018 година повторно да ги придобие на своја страна избирачите кои сега се приклониле кон АфД. А, тоа ќе го прави со јасна десничарска политика.
Само да се задржи власта
Новата голема коалиција затоа би морала вистински да се истегне. Како шефот на СПД, Мартин Шулц, тешко понижен као историски губитник, сака да ја направи содржински видлива својата партија, останува тајна. Дали ќе преживее на лидерската позиција во наредните месеци е повеќе од неизвесно. Самоуверено чекорење во секој случај изгледа сосема поинаку.
Но и Ангела Меркел ќе мора многу да се напрегне за да диригира со новиот сојуз во Берлин. Она што трајната канцеларка сѐ уште ја одржува на функцијата партиски шеф е недостигот на персонал во нејзината Христијанско-демократска унија (ЦДУ). Вицепретседателот на либералите, Волфганг Кубики тоа вака го дефинира: „Единственото нешто што Унијата сѐ уште го брани е Меркел да остане канцеларка“. Но недостојното инсистирање на одржување на политички статус кво е премалку за да се обезбеди стабилно владино мнозинство кое би требало потоа да се одржи цел легислативен период. Земјата има потреба од нови луѓе. ЦСУ го означи почетокот.