Ши Џинпинг сака да ја цементира својата власт
18 октомври 2017Според статутот на Комунистичката партија, со партијата управува „колектив“, кој се состои од „личности со одредени надлежности“. Тој колектив е всушност Постојниот одбор на Политбирото. Во интерната комуникација тоа е „партиска централа чие јадро е другарот Ши Џинпинг“. Додуша, така беше до почетокот на годинава, а сега главно се зборува само за „јадрото“, додека „партиската централа“ како колектив - исчезна.
Се промени и поздравот кон Ши Џинпинг на воена парада. Согласно армиските прописи, поздравот од 1984. година гласи: „Здраво, другар команданте!“. Но, на 30. јули, по повод 90-годишнината од формирањето на народноослободителната армија, и пред тоа, на прославата организирана по повод враќањето на Хонг Конг во закрилата на кинеската држава, можеше да се чуе само: „Здраво, претседавачу Ши!“
Претседавач со партијата, а не генерален секретар?
Ши е навистина претседател на Централната воена комисија, но споменатиот поздрав можеби веќе ја навестува новата можна функција на претседавач со партијата. Од 1945. година до 12. Конгрес во 1982, според статутот на партијата, постоеше „претседавач со Централниот комитет на КП на Кина“. Прв на таа функција беше основачот на државата Мао Це Тунг, а последен - реформскиот политичар Ху Јаобанг.
Како претседавач со партијата, Ши веќе не би бил „прв меѓу еднаквите“, туку би имал уште поголеми овластувања во Постојаниот одбор на Политбирото, кој има седум членови.
Државната новинска агенција Ксинхуа неодамна пренесе дека на партискиот конгрес би требало да биде променет статутот на партијата. Се шпекулира околу можноста од укинување на колективното раководство и на тој начин овозможување Ши да се инсталира како претседавач со партијата. За тоа би биле потребни само мали статутарни измени - во параграфот 22 би требало на три места да се избрише изразот „генерален секретар“ а на две места да се воведе новиот збор - „претседавач“.
Навистина, овој план би можел да биде отфрлен, ако се појави отпор во партијата, посебно меѓу постарите членови. Но, Ши Џинпинг на располагање има и други начини за долгорочно осигурување на неговата позиција. На пример, би можел да го намали бројот на места во Постојаниот одбор, од седум на пет.
Сега пет од вкупно седумте членови на Постојаниот одбор веројатно ќе се повлечат од функциите, поради старост. Тоа на Ши му дава можност за унапредување на неговите лојални следбеници. Во Политбирото, кое има 25 членови, би требало да се заменат барем дванаесет.
„Ши Џинпинг ќе доведе свои луѓе во Политбирото“, вели кинескиот историчар Жанг Лифан во разговор за Дојче веле, „па и такви кои моментно не се на високи партиски функции. Концептот е веќе разработен“.
Млади фаворити
Некои од главните фаворити кога станува збор за членство во новиот Постојан одбор на КП се релативно млади и би можеле да останат на функцијата и по следниот партиски конгрес во 2022. година. Во нив спаѓа и Ху Чунчуа (54), партиски секретар на економски најсилната провинција Хуангдонг. Тој има искуство со управување во потенцијално немирните малцински региони, како што се Тибет и Монголија.
Ли Шулеи има „само“ 53 години. Некогаш пишуваше говори за Ши Џинпинг, кога тој беше претседател на партиската школа, централниот расадник на кадри на Комунистичката партија на Кина. Ли е еден од најважните сојузници на Си во борбата против корупцијата.
Во младите фаворити спаѓа и Чен Минер, со 57 години. Тој во јули го замени на функцијата партискиот секретар на централнокинеската метропола Чонгќинг (со 30 милиони жители), кој беше сменет поради корупција.
За функционерите во КП на Кина важи правилото наречено „7 плус, 8 минус“. Тоа значи дека партиски кадар во Политбирото со 68 години старост веќе не смее да добие нов мандат. Интересно е дали правилото ќе биде применето и кај 69-годишниот Ванг Ќишан, претседавач со Дисциплинската контролна комисија и важен соборец на Ши во антикорупциската кампања.
Во врска со персоналните одлуки, Ши во Политбирото е последната инстанца. Ако тој на Ванг му овозможи уште еден мандат, тоа ќе има сигнално значење за целата земја. Постарите кадри и локалните партиски тела ќе се повикуваат на случајот Ванг и ќе бараат продолжување на мандатите.
Ши Џинпинг во 2022. година ќе наполни 69 години. Некои набљудувачи сметаат дека тој стреми кон трет мандат како партиски шеф, до 2027. година. Досега ниеден генерален секретар на КП не останал на функцијата подолго од два мандата.