1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ширењето на коронавирусот во Куманово не е причина за аларм

БГ
31 март 2020

Најголем дел од новорегистрираните случаи на заразени со коронавирус во земјата се од Куманово. Надлежните се уште не сметаат дека е време градот да се стави во карантин. Пендаровски смета дека државата адекватно реагира

https://p.dw.com/p/3aGuh
Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Од 44 нови случаи на заразени со коронавирус во земјата во последното деноноќие, 23 се жители на Куманово. Еден 45-годишен кумановец е меѓу двајцата починати во истиот период на Инфективната клиника во Скопје. Втората жртва е 78-годишен маж од Дебар. Двајцата имале хронични болести.
Според министерот за здравство Венко Филипче, големиот раст на бројот на евидентирани заразени лица во Куманово е резултат на засиленото тестирање, но засега нема потреба од дополнителни мерки. Градоначалникот на Куманово Максим Димитревски уште од минатата недела бара неговата општина да биде ставена во карантин, но експертите сметаат дека се уште нема потреба од таков чекор.
„Во Куманово се земени многу материјали. Многу е рано да се каже дали зголемувањето е драматично. Свесни сме за барањата кои што пристигнуваат од повеќе општини. Ние одлуките ги носиме врз основа на проценка на епидемиолозите. Не би судел врз основа на денешните случаи“, вели Филипче. 

- Јавната администрација куртули, државните функционери одат на минималец

На Инфективната клиника во Скопје се лекуваат 54 болни од Ковид-19. Четворица од нив се во критична состојба, а 20 дишат со помош на кислородна маска.
Вкупниот број на заразени од коронавирус во земјата се искачи на 329 лица. Министерот Филипче оценува дека линеарното зголемување на бројот на заразени и натаму е добро, и очекува пикот да биде достигнат кон крајот на април. „Зголемувањето на пациенти во овој период е според очекувањата на епидемиолозите. Тој тренд ќе продолжи се до пикот, кој според сегашните проценти се очекува на крајот од месец април“, рече тој.
Шефот на државата Стево Пендаровски денеска свика уште една седница на Советот за безбедност во проширен состав, по која заедничката оценка е дека состојбата во државата е „адекватна“. Пендаровски оцени дека сите институции добро се носат со кризата, и рече дека продолжувањето на вонредната состојба за уште 30 дена е извесно доколку ситуацијата остане на актуелното ниво.
„Состојбата е сложена и непредвидлива“, рече Пендаровски и „никој не може да предвиди уште колку ќе трае пандемијата“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема