1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Широк опозициски фронт: Многу муабети, малку акција

Катерина Блажевска19 септември 2016

Во опозициската десница се отворени за разговор околу формирањето широк изборен фронт, но сметаат дека таа одлука треба да биде донесена порано, а не да се чека Конгресот на СДСМ

https://p.dw.com/p/1K4ea
Фотографија: DW/P. Stojanovski

За него многу се зборува, но досега речиси ништо не е направено. Формирањето на широк опозициски фронт зависи од одлука на опозицискиот СДСМ, кој за тоа ќе одлучува на програмскиот Конгрес на партијата, што ќе се одржи на 2-ри октомври. Делегатите ќе решаваат дали за победа на изборите ќе се борат преку димензионирана партиска коалиција или преку најширок опозициски фронт. Ова го најави заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, додавајќи дека граѓаните се изморени од бесконечни кавги и политички конфликти.

„Граѓаните сакаат да видат луѓе што знаат да создаваат, не само коалиции, туку луѓе што знаат да создаваат партнерства, сојузници и да градиме заедничка иднина. Затоа, нашиот предлог до Конгресот ќе биде да не создаваме обични партиски коалиции, туку да создаваме навистина широк фронт, кој ќе каже 'не' за досегашното осиромашување, изолацијата и стравот што владеат во Македонија“, најави Шекеринска.

Во некои од партиите од опозициската десница сметаат дека за ваквиот предлог мора да се разговара порано од тој датум.

„Оваа одлука исклучиво зависи од СДСМ, односно дали тие навистина сакаат широк фронт или не. Доколку сакаат, одлуката за тоа само треба да биде потврдена на најавениот Конгрес, а не допрва да се решава за неа. Имаме впечаток како тоа да се одолговлекува“, велат од ВМРО-Народна партија, додавајќи дека остануваат отворени за соработка.

Тие досега биле поканети на разговори со партиите од т.н. трет блок, но велат дека ни таму се уште не е прецизирано кои партии ќе учествуваат во коалицијата.

„Се споменуваат и Обединети за Македонија (ОМ) на Љубе Бошкоски, и 'Достоинство' на Стојанче Ангелов, но досега не сме имале заедничка средба со нив. ОМ, на пример, се уште се во коалиција со СДСМ. Очекуваме за десетина дена да се прецизира составот на таа коалиција“, велат од ВМРО-НП.

Mazedonien Skopje Antiregierungsproteste
Се чека одлуката на СДСМ околу широк опозициски фронтФотографија: DW/P. Stojanovski

Напад врз власта од два фронта

Во јадрото на тој трет блок се вклучени Демократскиот сојуз, Фродем, Демос и МОРО-Работничка партија, под името Коалиција за промени и правда.

„Оваа коалиција е одговор на граѓанскиот предизвик за да можат граѓаните да имаат можност да бираат“, објаснува Павле Трајанов, лидер на Демократскиот Сојуз.

„Освен за коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ, со новата Коалиција за промени и правда се отвораат можности околу 60 отсто од неопределените гласачи да поддржат нова политичка групација составена од демократско-центристички и десни партии. Оваа Коалиција е цврсто решена да направи промени со цел да се создадат услови за одговорност на државно- политичкиот врв кој Македонија ја вовлече во тешка криза, и да се спроведат системски реформи. Сосема е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се напаѓа од две страни, од два фронта, а тоа е гаранција дека ќе биде поразен“, вели Трајанов.

Тој потенцира дека Коалицијата за промени и правда е отворена и за други опозициски партии, и дека се разговара со некои од нив - ВМРО-НП, Обединети за Македонија и други, но и со повеќе граѓански асоцијации и поединци.

„Според последните сондажи на јавното мислење, само Демократскиот сојуз има поддршка од над 5% од граѓаните. Доколку се окрупни овој блок, проценките се дека над 100.000 граѓани би гласале за него. Коалицијата за промени и правда е отворена за соработка и со други опозициски партии, вклучително и со СДСМ, но само на принципиелни основи и заедничка стратегиска цел - симнување од власт на ВМРО-ДПМНЕ И ДУИ. Инаку, поединечниот настап на новоформираните и помали партии без партиска инфраструктура и без препознатлива програма, е 'самоубиствена операција' или во краен случај помош на владеjачките партии“, предупредува Трајанов.

Окрупнува и албанскиот блок

И во албанскиот блок забрзано се работи на создавање заеднички фронт, велат од Движењето „Беса“, каде интензивно се подготвуваат за настап на изборите.

„Што се однесува до коалициите, ако се работи само за ДУИ, таа партија може да биде победена и од самата 'Беса', но заради зголемување на сигурноста на граѓаните дека ДУИ со сигурност ќе замине во историја, ние веќе сериозно работиме на што е можно поголемо окрупнување на опозицискиот фронт кај Албанците. Ќе се обидеме да направиме што поголем фронт и мислиме дека сите тие кои се анти-ДУИ можат многу лесно да бидат дел од оваа коалиција, освен ако не се 'фатени' од ДУИ, веќе одамна“, вели Африм Гаши од „Беса“.

Што се однесува до коалиција со македонски политички партии, од „Беса“ сметаат дека се уште не е време да се анализира таа идеја.

„Во ова време сме фокусирани на окрупнување на албанскиот блок, а потоа сите заедно ќе решиме што ќе правиме. Тоа е одлука која се разбира дека нема да ја донесе самостојно Движењето 'Беса', туку заедно со сите нејзини коалициски партнери од албанскиот блок“, објаснува Гаши.

Нови избори по една година?

Во политичките кулоари, пак, се повеќе се шпекулира дека ако се реализира идејата за создавање широк фронт, со што изборите би добиле „референдумски карактер“ за поразување на власта, не е исклучено по една година да се организираат нови избори на кои партиите посамостојно ќе ги одмерат силите, по претходна промена на законот кој ќе овозможи Македонија да биде една изборна единица. Од партиите засега не се изјаснуваат околу ваквите шпекулации.

Запрашана зошто досега не се реализираше предлогот Македонија да биде една изборна единица, Шекеринска деновиве одговори:„Уште минатата година го дававме тој предлог, се боревме за таков предлог, затоа што сметаме дека со една изборна единица секој глас ќе вреди еднакво, сите граѓани ќе знаат дека нивниот глас еднакво се вреднува, а сите политички партии ќе знаат дека има една иста шанса за успех. Жалиме што ја испуштивме таа шанса и сметаме дека веднаш по промените во декември, тоа ќе биде еден од чекорите што ќе ги предложиме во Собранието - Македонија да ја направиме една изборна единица“.

Со постојниот изборен модел со шест изборни единици и со распределбата на мандатите според Д'онтовата формула, на секој изборен циклус практично се губеа околу 100.000 гласови дадени за помалите партии. Поради тоа, дел од помалите партии беа принудени да се здружуваат со големите, како гаранција дека ќе добијат дел од колачот. Оние што настапуваа самостојно, доживуваа реприза - илјадници гласови дадени за нив одеа во неповрат. Поради фактот дека големите коалиции буквално ги збришуваат малите партии кои настапуваат самостојно, бројот на кандидатски листи на парламентарните избори во континуитет се намалуваше. За илустрација, во 2006 година на изборите имало 33 кандидатски листи, на парламентарни избори во 2008 и 2011 година 18, а на последните - 14 кандидатски листи.