Шкотскиот парламент поддржа референдум за независност
29 март 2017Еден ден пред официјалното започнување на процесот на излегувањето на Велика Британија од Европската унија, шкотскиот парламент го поддржа барањето на премиерката Никола Старџен да бара од Лондон организирање нов референдум за независност.
Со 69 гласови „за“ и 59 „против“ пратениците на шкотскиот покраински парламент на шкотската премиерка Никола Старџен ѝ дадоа мандат од британската премиерка Тереза Меј и од британскиот парламент да побара одржување на втор референдум, по првиот од 2014. година, на кој гласачите во мнозинство беа против. Гласањето требаше да се одржи минатата недела, но беше одложено поради терористичкиот напад во Лондон. Новиот референдум за независност на Шкотска би требало да се одржи меѓу есента 2018 и пролетта 2019 година, пред Велика Британија официјално да ја напушти ЕУ.
Старџен побара од парламентот одобрување на нејзиниот план, откако истакна дека нејзините обиди да се постигне компромис со британската премиерка Меј за шкотските интереси во процесот на британското излегување од ЕУ не дале разултат.
Сега Никола Старџен треба да добие согласност од премиерката Тереза Меј и Вестминстер за распишување на нов референдум.
Денеска Тереза Меј ќе го активира членот од 50 од Лисабонскиот договор, откако синоќа го потпиша барањето. Без Брегзитот, за кој гласаа 52 отсто од Британците, но го отфрлија 62 отсто од шкотските избирачи, шкотската премиерка Старџен немаше толку рано да го бара новото изјаснување за независност, три години по првото, кога заговорниците за независноста на контроверзниот плебисцит загубија со 45 наспроти 55 отсто. Прашање е каков ќе биде исходот од новиот референдум за независност. Според анкетите, заговорниците на независна Шкотска, засега се во предност. Шкотска се надевадека на ваков начин ќе остане во европскиот заеднички пазар. Тереза Меј сака да ја спречи шкотската независност, најавувајќи му на Единбург проширување на компетенциите.