Шлаканица за Орбан- клуч беше единството на опозицијата
14 октомври 2019„Главниот град се заврте против Орбан“, напиша во насловот реномираниот германски весник Франкфуртер алгемајне цајтунг во првичната анализа на делумната победа на унгарската опозиција на локалните избори.
„Партијата на премиер Фидес претрпе непријатни порази во Будимпешта и во другите поголеми градови. Тоа се должи на скандалите и обвинувањата за корупција против Фидес, но и на стратегијата на опозицијата за соработка, од левицата до екстремната десница “, пишува весникот од Франкфурт.
Новиот градоначалник на Будимпешта ќе биде левичарот Гергели Карашони, кој зборуваше за „историска победа“ и за почеток на потфатот во кој Унгарците „ќе си ја повратат слободата“.
Повеќе на темата:
-Секс и корупциски скандали го тресат режимот на Орбан
-Орбан му го заврте грбот на Вебер за европските избори
Карашони ја предводи лево-либералната група „Дијалог“, која досега имаше мало значење во унгарската политика. Овој политичар изгради добар имиџ како претседател на една општина во главниот град. Карашони во изборната трка го поддржа широка коалиција на партии а дури и екстремно десничарската Јобик се откажа од свој кандидат за градоначакник на Будимпешта.
Кандидатите на опозицијата победија меѓу другите и во Мишколц, Печ, Ходмезевашархеј, и ја обранија власта во Сегедин.
„Сепак, не смее да се занемари фактот дека Фидес на локалните избори во неделата остана најсилна партија во земјата - и покрај некои порази во поголемите градови кои се прашање на престиж“, пишува ФАЦ. Орбан по гласањето соопшти дека неговата партија останала на власт во 13 од 23 најголеми градови, во сите 19 региони, како и повеќе од половина од општините во земјата.
Интернет порталот на неделникот Фокус пишува дека „по валканата кампања, Унгарците му удриле силна шлаканица на Орбан.“ Текстот потсетува дека кампањата беше одбележана од скандали, вклучително и објавувањето на видо снимки на кои е прикажан градоначалникот на Ѓер во експлицитни односи со девојки на јахта.
Весникот Велт пак пишува дека клучот за успехот на опозицијата бил заедничкиот настап на изборите, но и оти е прашање „дали нивната љубов ќе опстане до следните парламентарни избори во 2022 година“.
„Ако опстане, тогаш на Орбан ќе му биде разнишано тлото под нозете: целиот негов систем се заснова на принципот„ централна сила “- Фидес во средината а лево и десно другите партии. Но, сега Унгарија се движи кон биполарен систем во кој Фидес е десно, а веднаш до него е левиот, либерален блок “, заклучува Велт.