1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шокантно злосторство врз деца во Пакистан

Шринивас Мазумдари/БГ11 август 2015

Шок и лутина во Пакистан откако беше откриен случај на масовна злоупотреба на деца. На удар се најде и полицијата, а активистите бараат од државата да преземе итни мерки

https://p.dw.com/p/1GDAk
Фотографија: Reuters/M. Raza

Ова е најголемиот скандал со злоупотреба на деца во историјата на Пакистан, вели првиот човек на Бирото за заштита на деца во Пунџаб, Саба Садик. Според медиумските извештаи најмалку 280 деца биле сексуално малтретирани и силувани во селото Хусаин Кан Вала, југозападно од Лахоре. Злосторството го извршила банда од 25 педофили кои ги уценувале родителите на децата заканувајќи се дека ќе ги објават видеата од силувањата. Децата и меѓусебно биле принудувани на сексуални акти. Случајот ја шокираше јужно азиската нација од 180 милиони жители, а скандалот се најде на насловните страници на сите национални весници.
Пакистанската влада најави дека жестоко ќе се пресмета со престапниците. „Ќе сториме сѐ за одговорните за ова одвратно злосторство да добијат заслужена казна“, изјави пакистанскиот премиер Наваз Шариф. Најмалку 7 лица беа уапсени во неделата на 9 август, под обвинение за малтретирање на децата и продажба на видео записите. Провинцискиот премиер Шабаз Шариф нареди независна судска истрага.
Но, додека судиите се обидуваат да го утврдат нивото на злосторството, властите се најдоа на удар на критиките, откако невладините активисти и семејствата на дел од жртвите ја обвинија полицијата дека го прикривала злосторството.
„Полицијата ги штити криминалците, ги поддржува и им овозможи да избегаат од селото“, вели Латиф Ахмед Сара, адвокат и активисти кој ги застапува жртвите, додавајќи дека дел од видео материјалите датираат уште од 2007 година.

Pakistan Festnahmen im Skandal um Kindesmissbrauch
Дел од уапсените осомничени за нападите врз децатаФотографија: Getty Images/AFP/A. Ali

Неказниво насилство

Хабиба Салман, од невладината организација Сахил од Исламабад која се бори против злоупотребата на децата, за ДВ вели дека злоупотребата на децата не е нов феномен во Пакистан, и дека тоа се случува со години. Криминалците ги привлекуваат ранливите деца со различни тактики, а потоа ги уценуваат, вели таа. Она по што се разликува последниот случај се неговите размери. Иако случајот предизвика големо внимание, Салман очекува интересот да во следните денови да опаѓа, како што се случувало и претходно.
„Имаше многу случаи од висок профил изминатите години. Тие добиваа внимание во медиумите, по што политичарите најавуваа мерки за справување со проблемот. Но досега не видовме никакви резултати“.
Портпаролот на УНИЦЕФ, Даниел Тиме вели дека Пакистан нема систем со кој би се набљудувала заштитата на децата, па оттука е тешко да се процени колку случаи на злоупотреби има во земјата.
Но, Салман вели дека нејзината организација успеала да собере податоци врз основа на пријавите во полиција. Според неа, 3.508 случаи биле пријавени во 2014 година, но се претпоставува дека вистинската бројка е далеку повисока.
Особено со оглед на конзервативната природа на пакистанското општество, луѓето не се решаваат да пријават вакви случаи.
Салман објаснува дека сексуалното насилство има долготрајни штетни последици врз здравјето на децата, кои влијаат врз нивната самодоверба, самопочит, како и врз брачниот и семејниот живот. Со оглед на фактот дека ниту една провиција во Пакистан нема закон против детската порнографија, Салман ги повикува властите да усвојат законска рамка преку која ќе се борат против насилството врз децата.