1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц во Киев: Повратено делче доверба

Rosalia Romaniec | DW Mitarbeiterin | Leiterin Current Politics
Розалија Романиец
17 јуни 2022

Патувањето на Олаф Шолц во Украина требаше на земјата да ѝ донесе надеж и „конкретни нешта“. На многумина тоа им се чинеше невозможно, но работите излегоа подобри отколку што се стравуваше, оценува Розалија Романиец.

https://p.dw.com/p/4Cpry
Ukraine | Olaf Scholz und Wolodymyr Selenskyj
Фотографија: Sergei Supinsky/AFP/ Getty Images

Канцеларот лично ја имаше подигнато границата на очекувања од неговото патување во Киев толку високо, што се стравуваше дека тешко ќе може да ги исполни очекувањата. „Нема да се приклучам на оние кои одат на кратко, со термин за фотографирање, туку ако тоа се прави, тогаш секогаш се работи за многу конкретни работи“, рече тој пред еден месец.

Олаф Шолц не отиде сам во Киев, туку со уште двајца државници од Западна Европа - францускиот претседател Макрон и италијанскиот премиер Драги. Зад тројката стојат трите најсилни економски сили и политички „тешкаши“ во Европа. На лице место, како претставник на Источноевропејците, им се придружи и романскиот претседател Јоханис. Иако посетата беше кратка и имаше многу фотографии, таа беше многу повеќе од само „дојди и замини“.

Големи очекувања

Патувањето на тројцата Западноевропејци треба првенствено да се сфати како знак на европска солидарност со Украинците. Но, колку што имаше симболика во патувањето, толку беше важно и гостите да пружат конкретна поддршка. Пред сè Олаф Шолц - затоа што (украинскиот) поглед беше насочен пред сѐ кон него.

Rosalia Romaniec | DW Mitarbeiterin | Leiterin Current Politics
Розалија РоманиецФотографија: Ronka Oberhammer/DW

По повеќе од сто дена војна, германскиот канцелар кончено се качи во специјален воз за Киев и тргна на можеби најважното патување во својата политичка кариера.

Украинското раководство очекуваше пред сѐ две работи: повеќе тешко оружје од Запад и „да" за кандидатскиот статус на земјата за ЕУ. Што се однесува до оружјето, резултатите се само делумно задоволителни. Шолц вети натамошни испораки на тешко оружје, но кажа малку за временските рамки. Значи, сепак ќе треба малку време, и покрај тоа што Шолц толку многу нагласуваше дека обуката на украинските војници во Германија е започната одамна.

За другото, пак, канцеларот не разочара, туку го разбра моментот. Како најмоќна земја на ЕУ, како и поради историската одговорност, тој зборуваше јасно: „Украина е дел од европското семејство“. Со оваа реченица, Шолц ја презеде лидерската улога во Киев, која канцеларот мора да ја исполни. Друго не можеше ни да си дозволи.

Фактот што Зеленски веднаш ја нарече одлуката „историски резултат“, беше паметна демонстрација на единство со Европа - и покрај сите очекувани разлики на долгиот пат од кандидатски статус до членство. Украинскиот претседател пред јавноста тврдеше: „Задоволен сум“.

Olaf Scholz I  Emmanuel Macron I Mario Draghi I Klaus Iohannis und Volodymyr Zelenskiy
Заедничка изјава во Киев како знак на успехФотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Утре како дел од Европа

Се чинеше дека двоумењето и одолговлекувањето на германската влада во последните месеци ја нарушија довербата на Украинците (и на Источноевропејците) во сигурноста на Германија. На ова патување на Шолц му успеа барем делумно да се ослободи од својот имиџ на колебливец.

А, за Зеленски тој ден стануваше збор за многу повеќе од само формална перспектива за членство на Украина во ЕУ. Неговата земја е среде војна. Неговите сонародници покажуваат храброст и борбен дух што во Европа не е забележан од Втората светска војна. Треба да се истрае секој ден. Им помагаат изгледите за иднина како дел од Европа. Кога Шолц рече дека припаѓаат на Европа, тие сфаќаат дека нивната борба за слобода не е бесмислена. На Зеленски ваквата порака му беше потребна и внатрешнополитички, зашто на земјата ѝ претстојат тешки месеци.

Уште нешто беше многу корисно за Киев. „Украина мора да ја добие војната“, порача францускиот претседател, испраќајќи со тоа јасна порака не само до Украина, туку и до Москва. И овие зборови донесоа олеснување и надеж на Истокот.

Шолц разбра

Патувањето секако не го исполни сето она на што Киев се надеваше. Украина мора да биде трпелива, особено кога станува збор за тешко оружје. За Зеленски, сепак, на овој ден му беа речиси поважни основните работи. Пред патувањето, тој рече: „Од канцеларот Шолц ни е потребна сигурност дека Германија ја поддржува Украина.“ Не треба да постои шпага помеѓу Украина и односите со Русија.

Шолц ја сфати пораката и со поддршката на Украина на нејзиниот пат кон ЕУ се погрижи неговото патување во Киев да се смета за успешно. Тоа не е за потценување. Шолц и Макрон долго време се сметаа за најголеми во Европа кога станува збор за Украина. На француско-германското дуо му се префрла неуспешна политика кон исток и блискост со Москва. Договорот од Минск, постигнат со посредство на Берлин и Париз, е мртов и не е опција за Зеленски. Фактот што трите западноевропски држави во Киев се позиционираа толку јасно во поддршка на Украина како дел од Европа е нов квалитет.

За Олаф Шолц, патувањето беше и можност да ги замолчи критиките за неговиот претходен курс на колебање. За тоа да трае подолго од еден момент, канцеларот сега треба само да остане на курсот.