Шолц: Короната да се стави под контрола
31 декември 2021Без луди новогодишни забави, без големи огномети - пандемиската 2021-година во Германија завршува исто толку неспектакуларно како што заврши и 2020-тата. Со една промена - пред една година на народот му се обрати Ангела Меркел, облечена во блејзер со златна боја, а сега зборува Олаф Шолц, кој од Канцлерамтот се јавува облечен во темен костум.
Шолц и неговата СПД победија на изборите во септември, а од декември тој е на чело на владата, во која седат и Зелените и ФДП. „Предавањето на власта од старата во рацете на новата влада, кое помина мазно, па дури и речиси пријателски, наиде на добар одзив во светот“, вели канцеларот Шолц на почетокот на своето новогодишно обраќање, и со тоа нагласува дека таквите премини не се нешто што се подразбира само по себе.
Пандемијата нема да заврши
Шолц ја презеде земјата во тешки времиња. Четвртиот бран на пандемијата сѐ уште не завршил, а веќе доаѓа петтиот бран со варијантата Омикрон.И тоа во време, во кое многумина се уморни од пандемијата. „Пандемијата на корона, со нејзиниот товар и големите рестрикции, ни влезе на сите во коските“, заклучува канцеларот.
Нема надеж дека сѐ брзо ќе заврши. Напротив, на сите им е јасно дека пандемијата не е завршена, вели Шолц: „Денеска и во наредните недели на сила се големи рестрикции, меѓу другото и во делот на приватни контакти. Ве молам, сфатете ги тие ограничувања многу сериозно“, опоменува канцеларот. На 7 јануари Шолц со покраинските премиеро ќе се договара околу натамошни мерки.
Итен апел за вакцинација
Короната да се стави под контрола - тоа е една од големите задачи во новата година, вели Шолц. Од средината на ноември досега во Германија се инјектирани повеќе од 30 милиони вакцини. До крајот на јануари тој број треба да се зголеми за уште 30 милиони. Шолц апелира до невакцинираните: „Договорете термин во наредните денови во некој од центрите за вакцинација, или кај лекар. Искористете ги можностите да се вакцинирате спонтано и без најава! Ве молам, не го одлагајте тоа!“
Оние кои веќе имаат примено две дози вакцини, би требало што е можно побрзо да добијат и трета. „Сега сѐ зависи од темпото. Мора да бидеме побрзи од вирусот“, нагласува канцеларот.
На скептиците им порачува дека нивниот страв од негативни последици е неоснован. Во меѓувреме се вакцинирани речиси четири милијарди луѓе во светот, „без поголеми нуспојави, а и безброј вакцинирани станаа родители на здрави бебиња“, потенцира Шолц, алудирајќи на две од предрасудите кои се поврзани со вакцинирањето. „Ползата од вакцината е навистина голема.“
Благодарност до медицинскиот персонал
Шефот на владата во новогодишното обраќање изразува посебна благодарност до сите оние кои се борат против пандемијата во болниците, станиците за нега, лекарските ординации, центрите за вакцинација, полициските станици и Бундесверот. „Ви благодарам за она што го правите за нашата земја, за сите нас!“
Канцеларот со ниту еден збор не ги спомнува делумно насилните протести против корона-мерките и обврската за вакцинација која е предмет на дебата. „Се разбира, во секојдневната комуникација наидуваме на различни мислења и проценки“, вели Шолц и додава дека тоа честопати е напорно, но една силна заедница ги издржува противречностите „ако се слушаме едни со други и ако имаме почит едни кон други“.
Нема поделеност во земјата
Канцеларот не сака да слушне за некаква поделеност во земјата. „Со сета јасност сакам да кажам дека спротивното од тоа е вистина. Нашата земја се држи заедно!“ Тој вели дека насекаде гледа „огромна солидарност“: „Тоа е огромна подготвеност за помош, тоа е ново зближување и поврзување.“
Тоа се виде и по катастрофалните поплави летоска, потсетува канцеларот. По поплавите во покраината Северна Рајна-Вестфалија, Баварија и Рајнланд Пфалц, луѓето заеднички се справуваа со последиците, помагаа, расчистуваа и почнаа со обнова.
Заштитата на климата е задача на векот
Заедништвото е неопходно и доколку Германија сака да ги постигне своите климатски цели и за помалку до четврт век да стане независна од јаглен, нафта и гас. „Тоа е гигантска задача“, оценува Шолц. „За да ја исполниме, иницираме големи инвестиции - во нови електромрежи, во станици за полнење на електромобилите, во ветерници, шини и уште многу работи.“ Тоа, според канцеларот, кој се обидува да ги распрска сомнежите во изводливоста на зацртаните цели, ќе донесе „благосостојба и добри работни места“.
Меѓутоа, ниту една земја не може да постигне „напредок за подобар свет“ сама, туку само ако целата меѓународна заедница работи на тоа. Во јануари Германија го презема претседавањето со Г7, групата на седум најразвиени држави во светот. Германската влада има намера да ја стави заштитата на климата меѓу темите кои ќе бидат во фокусот на нејзиното претседателство со Г7.
Предупредување до Русија
Друга тема би требало да биде конфликтот со Русија. Г7, во случај Русија да влезе во Украина, се закани со „големи последици“. „Неповредливоста на границите е високо добро и околу тоа нема преговори“, нагласи германскиот канцелар во своето новогодишно обраќање.