1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шоудаун во Минск

Инго Мантојфел / Превод: Е.М.Фиданоска20 август 2014

Конфликтот на истокот на Украина влегува во решавачка фаза. Не може да се исклучи отворена руско-украинска војна, оценува Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1CyCF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Министрите за надворешни работи на Германија, Франција, Русија и Украина водат преговори за прекин на огнот на истокот на Украина - досега без успех. Во исто време, се зголемува интензитетот на борбите во Доњецк и Луганск. Сепак, има најава за средба на украинскиот претседател Порошенко и рускиот претседател Путин, што би се одржала за околу една недела во Минск. Конфликтот достигнува нов праг - наредните денови најверојатно ќе бидат решавачки за тоа дали фактичката руско-украинска војна ќе стане и официјално војна меѓу Русија и Украина.

Киев е за воено решение

Тешката состојба со информирањето во регионот, свесните погрешни информации што ги даваат страните во конфликтот и замаглувањето преку дипломатски флоскули, во очите и сфаќањето на јавноста ги прават нејасни линиите на актуелната состојба. Украинското раководство на крајот на јуни се одлучи за воено решение на конфликтот во Доњецк и Луганск. По многу неуспешни обиди да се најде решение, на претседателот Порошенко, од внатрешнополитички причини, не му остана речиси никаков друг избор. Соборувањето на малезискиот патнички авион МХ17, според се‘ направено од страна на сепаратистите поддржувани од Москва, го зајакна во меѓународни рамки разбирањето за ваквата политика.

Во моментов украинската политика не е заинтересирана за прекин на огнот, се‘ додека такво примирје само ја замрзнува актуелната состојба и на сепаратистите им дава простор да здивнат. Целта на Киев очигледно е да ги поврати Доњецк и Луганск до денот на украинската независност, 24 август, дури и ако тоа може да води кон уште поголема хуманитарна катастрофа. На крајот, Киев веројатно ќе се обиде да ја поврати контролата врз целата руско-украинска граница.

Москва досега беше за скриена дестабилизација

Преку деловите на границата кои се под контрола на сепаратистите постојано доаѓаат војници и оружје од Русија. Руската политика досега правеше се‘ за дестабилизација на Украина. Таа сака да спречи враќање на целосна контрола врз регионот Донбас од страна на Киев.

Ingo Mannteufel
Инго Мантојфел, уредник на Руската редакција на ДВФотографија: DW

На тој начин Москва следи повеќе цели: слабеење на новото несакано државно раководство во Киев, како и создавање сепаратистичка творба меѓу Украина и Русија - како тампон зона кон Украина, која стреми кон Запад и истовремено како залог за идните преговори околу политичката иднина на Украина.

Но најдоцна со соборувањето на МХ17 стана јасно дека руската политика е игра со голем ризик. САД и ЕУ донесоа одлука за чувствителни санкции против Русија и со тоа реагираа пожестоко отколку што Кремљ најверојатно очекуваше. Москва избрзано одговори со контрасанкции, кои меѓутоа многу пожестоко ќе го погодат руското население отколку европските производители на храна. Со оглед на фактот дека Берлорусија и Казахстан, двете во царинска унија со Русија, досега не сакаат да учествуваат во вакви санкции, станува јасно колку непромислена е руската политика.

Војна или мир - изборот е во раце на Путин

Кремљ сега е исправен пред одлука - може и натаму да продолжи со ескалација, значи да ја зајакне поддршката на сепаратистите и да ја искористи хуманитарната катастрофа во источна Украина како изговор за отворено воено влегување во земјата доколку сепаратистите бидат дефинитивно потиснати. Во руската политичка елита, пред се‘ во воено-индустрискиот комплекс и националистичките кругови, има заговорници за ваков курс. Тие се надеваат дека со изолација на Русија од светскиот пазар ќе се спроведе реиндустријализација на земјата со помош на, со години забарикадираните, девизни резерви.

Алтернативата би била претседателот Путин да се заврти кон политика на деескалација и фактички да им ја откаже поддршката на сепаратистите. Меѓутоа, тој тоа би го сторил само ако Украина и ЕУ му дозволат излез од кризата со кој ќе го зачува образот. Зашто внатрешнополитичките импликации од евентуален јавен пораз би биле многу опасни за Путин, дури поопасни од отворена руско-уркаинска војна, која во Русија пропагандистички би се продала како мировна мисија.

Најавената средба во Минск на Путин и Порошенко, заедно со водечките претставници на ЕУ, што треба да се одржи во вторник (26.08), дава малку надеж за дипломатско решение. Тоа што Ангела Меркел претходно, во сабота, првпат по почетокот на кризата во Украина патува за Киев и се среќава со претседателот Порошенко пред решавачкиот шоудаун во Минск, покажува дека и германската канцеларка знае колкав е залогот во моментов.