1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шоуто на хармонија на Путин и Ердоган

Даниел Хајнрих
4 април 2018

Посета која требаше да сугерира единство - рускиот претседател Путин нагости кај турскиот колега Ердоган. Турција и Русија се економски тесно поврзани. Во сирискиот конфликт меѓутоа следат различни интереси.

https://p.dw.com/p/2vRme
Türkei Recep Erdogan & Wladimir Putin in Ankara | Grundsteinlegung-Zeremonie Akkuyu AKW
Фотографија: Reuters/U. Bektas

Поздравување, блицови, насмевки пред камерите: заедничката прес-конференција на Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган на почетокот на дводневната посета на рускиот претседател се претвори во шоу на хармонија во Анкара. Официјална причина за посетата - двајцата шефови на држави сакаат заеднички да го прослават почетокот на изградбата на првата турска нуклеарна централа. Според турските медиуми, од страна на Русија изградената нуклеарна централа Акују на средоземниот брег на турската провинција Мерсин, која чини 20 милијарди долари, би требало да покрива цели 10% од турските потреби за струја.

Ова не е единствена соработка меѓу Турција и Русија во енергетскиот сектор. Кристијан Бракел, раководител на фондацијата „Хајнрих Бел“ во Истанбул, за ДВ го нагласува значењето што соработката во енергетскиот сектор го има за двете земји: „Русија е многу важна за турскиот пазар на гас, отприлика 63% од испораката на гас во Турција доаѓаат од Русија. Веќе извесно време се планира изградба на гасовод 'Турски тек“', со чија помош би требало да се доставува и гас во ЕУ*. Тоа носи предности за двете страни. Од една страна, Русија сака да остане енергетско-политички релевантна за ЕУ, а од друга страна Турција сака да се етаблира како енергетска раскрсница.“

Русија и Турција соработуваат не само на пазарот на енергија. Според наводи на Светската трговска организација (СТО), ЕУ е единствена од каде Турција увезува повеќе продукти отколку од Русија. Околу 11% од турскиот увоз потекнува од Русија. Покрај нафта и јаглен, оттаму во Турција се извезува пред сѐ железо. Важна улога игра и туризмот. Околу 4 милиони Руси годишно својот одмор го минуваат во Турција. Наспроти тоа, Турција покрај земјоделски производи, како лимони или сончоглед, во Русија извезува пред сѐ делови за автомобили и бродови. Според наводи на Статистичката дивизија на ОН, надворешнотрговската размена на двете земји во 2016 година изнесувала 17 милијарди долари.

Türkei Recep Erdogan & Wladimir Putin in Ankara
Русија и Турција соработуваат во повеќе економски сфериФотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/K. Ozer

Сирија останува проблем

И покрај ваквите економски испреплетувања, односите меѓу двете земји пред само 2,5 години беа во сериозна криза. Турската армија во ноември 2015 година собори руски борбен авион кој на својот пат за Сирија навлегол во турскиот воздушен простор. Авионот се урна, а пилотот загина. Турско-руските односи беа на дното.

Повеќе:

Путин и Ердоган - вистински пријатели?

Путин и Ердоган играат на енергетската карта

Денес за различните интереси на Москва и Анкара сведочи пред сѐ регионот Идлиб, на северозападот на Сирија. Експертот за Сирија, Сем Хелер од Меѓународната кризна група, е уверен дека судбината на Идлиб ќе биде решена низ преговори на Турција и Русија зад кулисите. „Во Идлиб се собираат најголемите непријатели на Асад, поради што Русија би можела да се обиде да даде зелено светло за офанзива на режимот во провинцијата.“ Таквиот чекор, меѓутоа, би имал далекусежни последици за Турција, зашто офанзива би натерала стотици илајди луѓе да побегнат преку граница, во Турција, вели Хелер.

Турција сака по секоја цена да спречи такво нешто. Од 2016 година турската армија контролира делови од граничната провинција Алепо. На крајот на март таа со сојузничките сириски бунтовници го зазеде и курдскиот регион Африн. Во овие региони под нејзина контрола турската влада сака да насели дел од 3,5 милиони сириски бегалци кои се во Турција од 2011 година и кои таму сѐ повеќе предизвикуваат тензии.

Експертот Хелер е сигурен: Турција сака да го одржи Идлиб како „тампон зона против војната“.

Luftangriffe auf Syriens Idlib
Идлиб како тампон зона?Фотографија: picture alliance/AA/H. Muhtar

Турската шпага во случајот Скрипал

На крајот на март се појавија наслови дека Турција нема да се приклучи кон одлуките на членки на НАТО и на ЕУ за протерување руски дипломати. Тоа многу западни држави го сторија како одговор на нападот со отров врз поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Велика Британија.

Експертот за Турција, Кристијан Бракел, меѓутоа во чекорот на Турција не гледа нејзино вртење грб на Западот. Тој не сака да зборува ниту за некаква нова руско-турска алијанса против Европа: „Има цела низа ЕУ-држави, на пример Унгарија, кои исто така не протераа руски дипломати. Сѐ на сѐ, тоа беше акција на клучните ЕУ-држави, како Германија, на скандинавските земји и државите на Бенелукс. За турската страна тоа претставува шпага. Од една страна треба да се зачува поврзаноста со Европа, токму со Велика Британија, а истовремено треба и да не се лути Русија.“

Одржувањето баланс е слично на одење по жица, што се докажува кога ќе се фрли поглед врз економските бројки. За Турција важен партнер е не е само Русија. Со волумен од речиси 12 милијарди долари Велика Британија во 2016 година беше втор по важност извозен пазар за турски производи.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид