Шпионска афера: САД многу зборуваат, ништо не кажуваат
8 јули 2014Портпаролот на американскиот претседател Барак Обама, Џош Ернест се обидуваше да објасни со дипломатски зборови, за притоа ништо конкретно да не каже за обвинувањето за наводната американска шпионажа во германската тајна служба БНД.
Американските односи со Германија се неверојатно важни и се во знакот на почит, соработка и споделување на заеднички вредност и тоа со децении, нагласи портпаролот на Белата куќа. Токму поради тоа што односите меѓу САД и Германија се тесни и вонредно добри, Вашингтон, како што беше речено, ќе соработува со Берлин за заеднички да се реши оваа ситуација.
Портпаролот на Обама не кажа како треба да изгледа ова „соодветно решение“ од американска страна. За тоа, за жал, во овој момент и на ова место не може да каже ништо, вели портпаролот на Белата куќа.
Тој немаше одговор ниту на прашањето дали американската тајна служба ЦИА навистина во рок од две години од двоен агент на БНД купила 218 документи за 25.000 евра. Впрочем, во тек е германската истрага и американската влада во такви случаи во основа не се меша.
Освен тоа, одделот за новинари во Белата куќа не е погоден подиум за да се коментираат можни интерни работи за активностите на тајните служби на САД, подвлече Џош Ернест. На новинарите тој им понуди: „По ова прашање радо можете да препрашате за неколку дена. Можеби тогаш ќе има натамошни информации и јас ќе смеам да ви ги соопштам“.
Дека германската канцеларка Ангела Меркел сметаше оти е принудена токму во Кина да се произнесе за аферата, забележа и Белата куќа. Доколку обвинувањата се потврдат, тогаш тоа е сосема спротивно на она што се подразбира под работа од доверба на службите и партнерите, рече канцеларката во Пекинг.
Меркел обвинувањата ги формулираше во конјунктив, рече портпаролот на Обама. „Зошто едноставно не ги демантирате обвинувањата?“, прашаа новинарите. Бидејќи, како што конечно призна портпаролот на Обама, тој не смее ништо да каже за германско-американската афера со двојна шпионажа.
И американскиот претседател Барак Обама сѐ уште не разговарал со канцеларката. Последниот телефонски разговор со Меркел бил минатиот четврток, значи пред да биде уапсен осомничениот двоен агент на БНД. Дали, кога и како ќе се произнесе американскиот претседател за шпионската афера, засега не се знае.
Договор за нешпионирање нема со недна земја во светот
Она што уште сега е познато е дека иако НСА веќе не го прислушува мобилниот телефон на Меркел, американските тајни служби не ги менуваат нивните шпионски активности во однос на Германија. Со ниту една земја во светот САД немаат склучено договор за нешпионирање, нагласи американскиот претседател Обама при последната посета на Меркел во Вашингтон. Ниту со сојузниците Велика Британија, Канада и Франција, ниту со Израел.
Ова значи дека Германија и натаму ќе мора да живее со тоа дека ќе биде шпионирана од агентите на ЦИА. Повеќе стотици агенти на ЦИА работат во Германија, многумина од нив се официјално регистрирани како дипломати. Инсајдери од ЦИА за новинската агенција Ројтерс потврдиле дека американската тајна служба за странство била вмешана во шпионска акција во Германија. Во рамките на таа операција бил вклучен соработникот на БНД.