Штајнмајер се надева на нова ера
3 февруари 2009Франк Валтер Штајнмајер очигледно одвај чека подетално да ги дознае основите на новата американска надворешна политика. Иако в сабота (07.02.2009) новиот американски вицепретседател Џо Бајден ќе има излагање на оваа тема на Конференцијата за безбедност во Минхен, што се очекува со големо нетрпение, Штајнмајер уште претходно оди во кратка посета кај Хилари Клинтон, својата нова колешка по функција. Причина: меѓународните настани бараат брзо и тесно усогласување меѓу САД и Европа, образложува Штајнмајеер.
Многу заеднички теми
Теми за разговор меѓу Штајнмајер и Клинтон има доволно: од промената на климата, преку енергетската безбедност, Ирак и светската економска криза, па до самитот на НАТО во април. Од извори во делегацијата се дознава дека Штајнмајер кај Клинтон сака да се завземе и за подобрување на американско руските односи. Во врска со прашањата околу разоружувањето, германскиот министер констатира нова отвореност:
„Темите како оваа наеднаш може да се дискутираат без проблеми со новата американска влада. Тоа беше така уште при првата посета на Барак Обама овде во Берлин, а исто така и при првиот телефонски разговор со новата американска министерка за надворешни работи.“
Известувањето за Обама во Германија според него е повторно премногу еднострано:
„Наспроти некои дебати кај нас, кои се концентрираат на прашањето дали Обама ќе значи испраќање повеќе наши војници во Авганистан, јас би рекол, да погледнеме подобро, можеби се кријат повеќе шанси во овие нови германско-американски односи отколку што ние понекогаш признаваме во сопствените јавни дебати.“
Министерот гради мостови кон Вашингтон
Кратката посета во Вашингтон веројатно ќе исполни и друга цел: внатрешнополитичка. Зашто, обидите на Штајнмајер за приближување кон новата американска администрација одамна се видливи, било во форма на отвореното писмо до Барак Обама или понудите за прифаќање затвореници од Гвантанамо во Германија. Штајнмајер гради мостови кон Вашингтон, додека канцеларката се‘ уште е воздржана. Шефот на дипломатијата патува во Вашингтон уште пред Ангела Меркел. Навистина, не е планиран разговор со Барак Обама, но случајна средба со него на кандидатот за канцелар на Социјалдемократите во Германија би му донела голем поен.