1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер сепак ќе патува во Сирија

3 декември 2006

Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер сепак ќе ја посети Сирија на крајот на повеќедневната турнеја по Блискиот исток.

https://p.dw.com/p/Ac1E
Демонстративна поддршка за премиерот под притисок: Штајнмајер и Фуад Синиора во Бејрут
Демонстративна поддршка за премиерот под притисок: Штајнмајер и Фуад Синиора во БејрутФотографија: picture-alliance/dpa

Според информациите од членови на неговата делегација, Штајнмајер ќе разговара со сирискиот претседател Башар ел Асад, како и со неговиот колега по функција Валид Муалем. Денеска пак Штајнмајер ги посети германските војници на Кипар, кои учествуваат во меѓународната мировна мисија за Либан.

Ова е втор обид на Франк Валтер Штајнмајер во последните месеци да се сретне со сириското раководство и да се обиде да ги испита можностите Сирија, како важен фактор на Блискиот исток, да биде вклучена во настојувањата за создавање мир во регионот. Во средината на август имено тој веќе беше на пат кон Дамаск, кога пристигнаа информациите за говорот на сирискиот претседател Башар ел Асад со јасно непријателски тонови кон Израел. Штајнмајер овој пат ја отфрли идејата дека би можел да одигра улога на посредник со Сирија. Тој само носи јасна порака за официјален Дамаск, порача шефот на германската дипломатија при вчерашната посета на Бејрут. Ако Сирија сака да излезе од сегашната неповолна позиција во меѓунариодната политика, тогаш мора да го смени односот кон соседен Либан и да го прифати неговиот суверенитет – нагласи Штајнмајер.

Вчера тој во Бејрут демонстративно му пружи поддршка на премиерот Фуад Синиора кој е соочен со масовни демонстрации на опозицијата и барања за оставка.

„Оние кои сакаат да ја сочуваат демократијата во оваа земја, а тоа го сакаат се надевам најголемиот број граѓани, тие не смеат да дозволат оваа влада да биде ставена под знак прашање преку улични протести„ – порача Штајнмајер.

За преговори наместо улични протести се изјасни и премиерот Синиора:

„Цврсто сум уверен дека Либанците во минатото се обидоа да ги решат проблемите со насилни средства и тоа се покажа како грешка. Во Либан насилството не ги решава проблемите. Затоа не дозволете никој да си го губи времето, зашто тоа нема да доведе до ништо.„

По разговорите со Синиора Штајнмајер се сретна и со претседателот на либанскиот парламент, Наби Бери, кој и‘ е близок на опозиционата Хезболах милиција. На адреса на нејзиното раководство гостинот од Берлин порача:

„Во оваа многу напната ситуација сите страни во Либан мора да се свесни за нивната одговорност. Никој не смее да биде заинтересиран за натамошна дестабилизација на земјата. Сигурен сум дека токму населението на земјата, кое годинава беше погодено од големи страдања, ништо не си посакува повеќе отколку стабилност и мир.„