„Силата на демократијата е способноста за компромис!“
24 декември 2018Политичката и општествената расправија во Германија во 2018 година стана погласна и пожестока. Често се зборува за општествен расцеп и за отуѓување на политичарите и граѓаните. Гневот е видлив особено на т.н социјални медиуми. Таму честопати веќе нема дебата или размена на мислења.
„Таму е отровно, таму се крава врева и секојдневно се изразува огорченост.“ Сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ја тематизира растечката острина на расправијата во својот Божиќен говор. Тој вели дека има „впечаток оти ние, Германците, сѐ поретко разговараме едно со други, а уште поретко се слушаме што зборуваме“. Штајнмајер упатува итна опомена дека мора да се остане во дијалог, дури и тогаш кога се имаат различни ставови и кога се влегува во расправија. Зашто, токму тоа е дел од демократијата, нагласува Претседателот.
Ангажман на секој поединец
„Нашата демократија е силна!“, вели Сојузниот претседател, додавајќи дека тоа го искусува секојдневно, а заслуга е на милиони луѓе во Германија. Меѓу нив е и секој поединец кој се ангажира во соседството, во здруженијата, во политиката. Тука се и сите оние кои и на Божик работат во болниците и старечките домови, или во полицијата и противпожарните служби.
Зацврстувањето на силата на демократијата Штајнмајер го поврзува и со една опомена, која може да биде и предупредување: „Нашата демократија е онолку силна, колку што ние тоа ќе ја направиме. Таа се заснова на тоа да го кажуваме нашето мислење, да се бориме за нашите интереси.“ Треба да се залагаме за нашите ставови, но да го почитуваме и мислењето на другиот, вели Претседателот: „На крајот, доаѓањето до компромис не е знак на слабост, туку тоа е она што ни дава белег! Силата на демократијата е способноста за компромис!“
Погледот кон странство како предупредување
Штајнмајер се обраќа до Германците за Божик по вторпат. За разлика од претходната година, тој во својот говор овојпат спомна и други земји. „Она што се случува, разидувањето во општествата, кога една страна одвај да може да разговара со другата без притоа да летаат искри - тоа го гледаме во светот околу нас.“
Штајнмајер ги спомнува „барикадите кои горат во Париз“, „длабоките политички јазови во САД, загриженоста во Велика Британија поради Брегзит, маките на Европа во случајот на Унгарија, Италија и други места“. Германците „во средиштето на Европа, се разбира не се заштитени од вакви состојби“, опоменува тој. Тоа му дава уште повеќе на значење на повикот на Штајнмајер за дијалог, полемика, за соживот.
„И кај нас има неизвесност, стравови, гнев“, предупредува Сојузниот претседател. Токму затоа, за него е толку важен разговорот со луѓето во деновите што доаѓаат, на божиќната вечера, со роднини и познаници. „Колку е добро што дискутираме, колку е добро што разговараме едни со други! Ако за мојата земја си посакувам нешто, тогаш ова, што повеќе!“
„Сите ние“ сме Германија
Зашто, како што потенцира Штајнмајер, ако нешто повеќе го загрижува од буката и огорченоста на некои луѓе, тогаш е тоа „молкот на многу други“. Сѐ повеќе луѓе се повлекуваат „меѓу оние кои им се слични, назад во својот меур, каде сите имаат исто мислење, па и мислење за тоа кому не му е местото тука“. Претседателот Штајнмајер предупредува од опасната изолација: „Едно нешто ќе важи и утре: сите ние сме дел од оваа земја, независно од потеклото или бојата на кожата, од погледите на свет или екипата за која навиваме.“