1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер со Попоски, Хајндл во Тетово

БГ20 мај 2016

Берлин бара целосно укинување на аболицијата, а специјалниот пратеник Хајндл од Тетово апелира за ставање на државните интереси над партиските. Средба Штајнмајер-Попоски во Брисел.

https://p.dw.com/p/1IrJU
Mazedonien Deutscher Botschafter in Österreich - nach Treffen in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Паралелно со втората посета на специјалниот пратеник Јоханес Хајндл на Македонија, во Брисел денеска и шефот на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмајер разговараше со својот македонски колега Никола Попоски.

Засега нема официјално соопштение од состанокот кој се одржа на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО. Германското МНР преку својот Твитер профил кусо информираше дека се разговарало за политичката криза во земјата.

Специјалниот пратеник Јоханес Хајндл кој, вчера по вторпат во една седмица дојде во посета на Македонија, по денешната средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети во Тетово само кусо изјави дека неговиот став е на линија со соопштенијата на високите претставниците на Европската Унија, Федерика Могерини и Јоханес Хан.

„Партиските лидери мора да ги стават државните интереси над партиските“, рече Хајндл.

Вчера и германското министерство за надворешни работи побара итно поништување на аболицијата.

„Важно е во најбрз рок да се укине амнестијата со која беа аболицирани бројни политичари во април годинава. За да се врати довербата во демократските институции кај македонските граѓани, мора да бидат истражени сомнежите за злоупотреби. Специјалната обвинителка мора да продолжи со својата работа слободно и без блокади“, порача официјален Берлин.

Германското МНР ја поздрави одлуката на македонскиот парламент да ги одложи изборите планирани за 5 јуни и оцени дека тоа отвора шанса за партиите „да го сопрат загрижувачкиот развој од последните месеци и да ја вратат нивната земја на европскиот пат“.

„Но, одложувањето на изборите мора да биде придружено и од веродостоен реформски процес. Партиите имаат одговорност да се погрижат дека овојпат ќе бидат исполнети неопходните услови за изборите да ги исполнат меѓународните стандарди“, се наведува во изјавата.