Штајнмајер: спорот за името не може да се реши за две-три недели
6 ноември 2014Шестата Аспен конференција која вчера (5.ноември) се оддржа во Берлин, покажа дека кога е во прашање Западен Балкан, во Германија има раздвижувања во позитивна насока.
По средбата на министрите за надворешни работи од регионот која во август годинава ја иницираше канцеларката Ангела Меркел, сега преку германската секција на Аспен Институтот и шефовите на дипломатиите на Германија и Велика Британија, Франк Валтер Штајнмајер и Филип Хамонд повторно на маса седнаа со нивните балкански ресорски колеги.
Иднината на Македонија во ЕУ и спорот за името со Грција беа меѓу главните теми на дебатата, а шефот на германската дипломатија оцени дека спорот не може да се реши набрзо. На шефот на македонската дипломатија Никола Попоски му беше забележано дека земјата наместо на изградба на споменици, треба повеќе да се фокусира на отворање работни места.
Што е со Македонија?
Секоја од земјите од Западен Балкан на европскиот пат е на различен степен на доближеност. Кај секоја, меѓутоа, мора да се врати довербата дека евроинтеграциите се во корист на приклучувањето на земјите кон Унијата. За предизвиците и задачите говореа шефовите на дипломатиите, а од дискусиите се слушна и мислењето дека ЕУ новите членки не треба да ги прима во „пакет“, туку секоја земја одделно, согласно со степенот на постигнатото.
Екарт Стратешулте, модератор на министерскиот панел посветен на евроинтеграциите, потсети на спорот со името меѓу Македонија и Грција. Забележа дека и покрај пресудата на Меѓународниот суд за правдата, грчката блокада шестта година по ред ја сопира Македонија на нејзиниот европски пат. „Со самото тоа што Грција е членка на ЕУ, таа е и во посилна позиција“, констатираше Стратешулте, па го праша министерот Штајнмајер: „зошто останатите 27 членки на Унијата не можат да ја убедат Грција да ја промени својата позиција и зошто никој не и' каже дека треба да сопре со блокирањето на Македонија?“
„Државите како Велика Британија и Германија имаат влијание во ЕУ. Ние колку што можеме преземаме одговорност. Но, иако имаме влијание, секој и не слуша што кажуваме! Понекогаш тоа се процеси кои се водат во позадина, без присуство на јавноста. Ова е многу критична тема, посебно спорот со името. Ние од различни страни го поддржуваме меѓународното посредништво да се изнајде решение во оваа 'борба' меѓу Грција и Македонија. Ако сме присилени да најдеме оддржливо решение за економската ситуација во Грција, треба да се најде и пат за решавање и на другите прашања. Но, не верувајте во изјавите за можниот успех во текот на наредниве две или четири седмици. Ни треба време и понекогаш поголема одговорност во земјите членки. Ние немаме шанса да наредиме, да наметнеме некакви решенија во Европската унија! Понекогаш е тешко партнерите да се убедат, но тоа е единствениот пат да се оди напред. Притисокот и брзањето понекогаш се потребни, но токму во последниве пет-шест години, во овој случај ( спорот со името н.з.) се покажа дека не беа успешни“, изјави министерот Франк Валтер Штајнмајер.
Физика и во политиката!
Во дискусијата министрите од регионот говореа за актуелните проблеми во земјите кои ги претставуваат. Министерот Поповски беше прашан: дали во Македонија има назадување, со оглед што Европската комисија не е особено задоволна со спроведувањето на реформите и тоа го нотира во последниот извештај за напредок? „Како и во физиката, така и во политиката, има закон на акција и реакција. И има последици од добивањето на шестте последователни препораки од Комисијата, кои не донесоа старт на пристапните преговори. Можеби треба да се работи на внатрешнополитички прашања, на меѓуетничките или меѓурелигиските односи, но од друга страна граѓаните имаат очекувања од ветувањата од ЕУ и гледаат што се исполнува. Врз реалноста на луѓето најмногу се рефлектира ситуацијата што и шест години по позитивните препораки на Комисијата ние сме одбиени и сме во полоша ситуација од 2009 година. Но, би повторил: Македонија е дефинитивно исто толку подготвена за старт на пристапните преговори,колку што беше во 2009 година “, подвлече Попоски.
Беше актуелизирана и темата дали инсистирањето на уставното име не е преголем залог за иднината на луѓето и земјата? Од една страна Грција ја држи Македонија надвор од Унијата, од друга Македонија си ја турка темата околу Александар Велики. И Грција официјално се вика Хеленска Република но кој така ја именува?
„Не е ли време да се промени однесувањето и да се каже не ни се потребни повеќе скулптури од Александар Велики, туку работни места и поголемо доближување до Унијата?“, праша Стратешулте.
Попоски одговори дека според теоријата и тоа што е напишано за функционирањето на Европската унија важни се вредностите, принципите како почитувањето на меѓународното право, вредностите околу самоиндентификацијата, околу името на државата и сл.
„Во 1995 направивме мошне болен компромис кога го прифативме бесмисленото именување во Обединетите нации, го сменивме знамето, уставот. Сето тоа го направивме со цел - нашиот сосед да ни гарантира дека нема да ја блокира нашата евро-атлантска иднина. Сега научивме дека има онакви кои се внатре (во ЕУ н.з.), и оние кои се надвор.И меѓу нив не може да се дискутираат работи како меѓународното право и одлуки од Меѓународниот суд на правдата од 2011. Не велам дека сега ние ќе ја смениме реалноста. Живееме во реален свет во кој нашите грчки пријатели се внатре во ЕУ, а ние сме оние кои сме надвор. И доколку се дискутира за предизвиците, оваа условеност да функционира, треба да се каже Македонија ќе го сработи ова и ќе го добие тоа што треба!“, одговори министерот Никола Попоски, кој во текот на посетата на Берлин имаше разговори и со својот домаќин Франк-Валтер Штајнмајер, со британскиот шеф на дипломатијата Филип Хамонд, како и со високи претставници на германската Влада и пратеници на Бундестагот.
БиХ во фокусот на вниманието
Главното тежиште беше ставено на иницијативата на Берлин и Лондон, која треба да биде пресвртница за европската иднина на Босна и Херцеговина. Идејата на германската и британската дипломатија е со европското рефокусирањето кон Босна и Херцеговина и со цврста регионалната соработка со соседите, да се придонесе за економските реформи, владеењето на правото и функционирањето на институциите кои земјата ќе ја вратат на европскиот колосек. Или, како што истакнаа и двајцата шефови на дипломатии, Германија и Велика Британија ќе бидат „адвокати“ на Босна и Херцеговина која ќе мора да испорача промени и реформи на политички и економски план, со кои ќе се обезбеди функционирање на државата, подобар живот за граѓаните, а со тоа и отворање на европските перспективи.
Инаку на конфернцијата на Аспен институтот покрај за политичката димензија на проширувањето со земјите од Западен Балкан, се разговараше и за регионалната економска соработка, инфраструктурната поврзаност и инвестициите кои се предуслов за развојот на регионот и неговото вклучување во Унијата.