1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер: Ја потценивме еболата

Х.А.Циглер / Е.М.Фиданоска12 октомври 2014

Кризата со ебола во Африка ја принудува меѓунaродната заедница да дејствува. Германскиот министер за надворешни работи Штајнмајер признава дека се направени пропусти. Дотолку погласни сега се апелите од сите страни.

https://p.dw.com/p/1DToY
Фотографија: Reuters/Tony Gentile

„Сите ние ги потценивме катастрофалните последици од еболата“, изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер за весникот „Билд ам Зонтаг“. Сега почнува „трката да се надополни пропуштеното“.

Министерот е уверен дека епидемијата ќе биде запрена. Германија и Европа би морале да ги зајакнат своите напори во борбата против болеста, вели Штајнмајер и додава дека темата ќе има приоритет на наредната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Лекување пациенти во Германија - само во одделни случаи

Координаторот на помошта за ебола од германската влада, Валтер Линднер, непосредно пред да замине за западна Африка изјави дека епидемијата се‘ уште не стигнала до највисоката точка. Ако се‘ оди добро, ширењето на еболата би можело да биде ставено под контрола уште годинава, потенцираше Линднер. Тој истовремено ги амортизираше надежите дека Германија би можела да прифати поголем број заболени од ебола од Африка. Тоа е можно само во одделни случаи, нагласи Линднер.

Германскиот министер за здравство Херман Грее изјави дека во Германија нема причина за загриженост. Има „извонредно опремени центри за лекување“, кои се специјализирани за третман на лица со високо заразни болести, рече тој за весникот „Рајнишен пост“. Редовно се вежбаат постапките согласно плановите за итни ситуации кога станува збор за третман на болни.

Грее истовремено апелира и за поголем број доброволци за помош во западна Африка. На регионот му е неопходна помош во третманот на пациенти, изјави министрот за „Велт ам Зонтаг“. Според медиумски извештаи, на Црвениот крст во Германија на располагање досега му стојат 117 доброволци за борба против еболата во западна Африка. Од околу 1600 најави на заинтересираност и 350 конкретни пријави на лица, овие 117 лица се соодветни, се вели од кругови на Црвениот крст. Меѓу нив, 43-ца се лекари.

Ebola Helfer Personal Medizinische Helfer Arzt Spanien Infektion
Се множат знаците за можни медицнски успеси во борбата против болестаФотографија: picture alliance/dpa/Ministry of Defense

Во меѓувреме се множат знаците за можни медицнски успеси во борбата против болеста. Руската влада соопшти дека експертите успеале да создадат три вакцини кои би требало да бидат подготвени за употреба во текот на наредната година. Министерката за здравство на оваа земја, Вероника Скворцова, изјави дека еден од серумите веќе бил клинички тестиран.

Дали првите хуманитарци ќе бидат вакцинирани веќе во ноември?

Светската здравствена организација оцени дека две од вакцините ветуваат многу и изрази надеж дека првите резултати од тестирањето на двете ќе бидат познати во ноември или декември. Некои од малкуте луѓе кои пружаат медицинска помош во регионот на ебола би можеле да бидат вакцинирани во ноември, доколку првите тестови бидат позитивни. Тестовите од втората фаза, во која треба да провери ефективноста на вакцините, би можеле да почнат во јануари или февруари во регионот зафатен од болеста.

Infografik Ebola-Fälle in West-Afrika
Случаи на ебола во западна Африка (црвена боја - број на инфицирани, црна боја - смртни случаи)

Во западна Африка, според наводи на СТО, од почетокот на годинава од ебола починаа повеќе од 4000 лица. До 8 окотмври заразени беа околу 8400 лица во седум земји. Секој втор смртен случај, според СТО, е регистриран во Либерија, која е особено многу погодена од болеста. Другите две земји кои исто така се многу погодени од заразата се соседните Сиера Леоне и Гвинеја. Со оглед на тоа што во сите три земји податоците не се вистински одраз на состојбите, се претпоставува дека најверојатно има многу поголем број инфицирани лица отколку што тоа официјално се соопштува.