1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што бара Шредер на Северен Кипар?

Ulrich Pick1 февруари 2008

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер денеска е во посета на меѓународно непризнаената Република Северен Кипар, при што ќе има средба и со нејзиниот претседател Мехмет Али Талат.

https://p.dw.com/p/D0wu
Германскиот екс-канцелар Герхард Шредер секогаш подготвен за изненадувањаФотографија: AP
Зошто Шредер токму сега патува во северниот дел на островот не е познато, подеднакво како и причината на неговата посета. За непризнаениот државен врв на Северен Кипар посетата се смета за посебна почит и како помош во обидот барем да се ублажи меѓународната изолација. Ова го изјави претседателот Мехмет Али Талат за германските слушатели: „За нас е многу важно кога некоја позната личност го посетува островот, да не слушне и за тоа да ја извести меѓународната заедница. Зашто ние сме изолирани од светот. Во тој контекст сметам, дека посетата е исклучително важна за турските Кипрани„. Освен тоа, тој се надева дека преку посетата на Шредер ќе се остварат и ветувањата на Европската унија. Брисел имено, по неуспешниот референдум за повторното обединување на островот, вети економска и финансиска помош за северниот дел, бидејќи таму, за разлика од мнозинското грчко население на југот, се гласаше позитивно, па се сакаше тоа на некој начин да биде наградено. Меѓутоа, до денес таквата помош се одвива мошне ограничено. Посетата инаку, предизвика лутење и незадоволство кај претседателот на Република Кипар, Тасос Пападопулос. Тој изјави дека е разочаран што Шредер го посетува северниот дел. Притоа од посебно значење е што Шредер ќе слета и ќе полета од северно-кипарскиот аеродром Еркан, а не на аеродромот во Никозија, па потоа да ја мине внатрешната граница. Северн Кипар посакува признавање на Еркан како меѓународен аеродром што се смета за решавачки чекор за излез од изолацијата.