Што всушност се случува во Кемниц?
29 август 2018Просечно дневно во Германија на насилен начин умираат шест до седум луѓе, трендот е надолен. Во 2017 година криминалистичката статистика забележала 2379 убиства и смртни деликти. Малку од нив се во фокусот на надрегионален интерес. Тоа веројатно ќе беше случај и со 35-годишникот кој на викендот во Кемниц беше смртно повреден. Но, инцидентот на градскиот фестивал прерасна во нереди, кои прво го разбрануваа саксонскиот град, а потоа и целата држава.
Предисторија на случајот
Кемниц со голема забава на викендот го славеше 875. роденден на градот. На маргините на градскиот фестивал, доцна вечерта во саботата дошло до кавга во која учествувале повеќе луѓе. Деталите не се јасни, факт е дека бил потегнат нож. Ранети се тројца германски мажи, еден од нив почина во болница. Со секавична брзина низ интернет се прошири вест за потеклото на извршителите и жртвите: убиениот е Даниел Х., 35-годишен Германец, наводно со кубански корени, за осомничени брзо беа прогласени еден Сириец и еден Ирачанец. На социјалните мрежи се дискутираше - повод за расправијата наводно било сексуално вознемирување на некоја жена. Полицијата ден потоа не најде никакви докази за тврдењето.
Двајцата осомничени, 22-годишниот Ирачанец и 23-годишниот Сириец од понеделникот се во истражен затвор, мотивите за нивното дело засега се непознати, но се исклучува делување од самоодбрана.
Што се случи во Кемниц по убиството?
Во неделата информациите и гласините прераснаа во високо експлозивна мешавина, десноекстремистичка група хулигани преку Фејсбук ги повика „навивачите и симпатизерите“ на одредено место и во одредено време заеднички да покажат кој го има „решавачкиот збор во градот“. Групата е набљудувана од Службата за заштита на уставниот поредок на Саксонија, во десно екстремистичката сцена во Кемниц се смета дека има 150 до 200 луѓе.
По повеќекратно споделениот повик, во неделата на протест се собраа околу 800 лица, меѓу кои и насилно настроени десничарски екстремисти. Видеа документираат напади на маргините на спонтаниот марш: заплашување луѓе за кои се сметало дека се странци, нивно гонење, сојузната влада ден потоа зборуваше за „хајка“, на која „не ѝ е место на нашите улици“. Полицијата немаше постојана контрола врз ситуацијата, на видео-снимки се гледа како демонстранти напаѓаат полицајци. За да ја смири состојбата, полицијата употреби солзавец и пендраци, градската забава беше официјално предвремено прекината.
Во понеделникот вечерта во центарот на Кемниц се собраа илјадници граѓани во две спротивставени демонстрации: на повикот на десничарско екстремистичкото здружение „Про Кемниц“ според полициски информации се одѕвале околу 6.000 луѓе, на другите протести, меѓу нив на Левицата, според полицијата, околу 1.500 луѓе. До 21 часот полицискиот кордон успешно ги раздвојуваше спротиставените табори, а потоа почнаа да летаат првите шишиња, петарди, ситуацијата стана непрегледна, полицијата премина повторно во дефанзива. 35 маскирани лица подигнаа барикада од столици и маси, која полицијата ја растури. Во акцијата во Кемниц беа ангажирани близу 600 полицајци.
Повеќемина десничарски екстремисти употребуваа јавно Хитлеров поздрав, во десет случаи е поведена истражна постапка. Најмалку 18 демонстранти се повредени, од двата табора, како и двајца полицајци.
Како се реагира во земјата?
Покрај шокираноста од инцидентите во јавноста, засилено се јавува критика кон саксонската полиција и покраинската влада предводена од ЦДУ. Шефот на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Антон Хофрајтер ја обвини владата на Саксонија „за предолго запоставување на борбата против десничарите и целосно потфрлање“.
Генералниот секретар на ЦДУ за Саксонија, Александер Диркс ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека полицијата воглавно била добро подготвена и успеала да спроведе ред. Полицискиот синдикат се приклучи на пофалбите. Портпарол на полицијата во Саксонија сепак призна дека службите го потцениле бројот на демонстранти во понеделникот.
Повеќе:
Покраинскиот премиер Михаел Кречмер изјави дека државата нема да дозволи да ѝ биде одземен монополот на сила, критикувајќи ја „политичката инструментализација од страна на десничарските екстремисти“ како одвратна. Сојузната министерка за правда Катерина Барли предупреди од создавање беззаконски зони: „Оној кој им се заканува на луѓето, напаѓа и подбуцнува расположение против малцинства, мора да биде повикан на одговорност. Во Германија не смее никогаш повторно да има хајки и земање на правдата во свои раце.“ Германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер ѝ понудија поддршка на саксонската од сојузната полиција. Меркел истакна: „На ниедна улица и ниедно место не смее да се случат вакви судири.“
Деснопопулистичката партија АфД, која на покраинските избори во Саксонија во 2019. година се надева да биде втора политичка сила, се обидува да формира единствен став. Нејзин пратеник во Бундестагот на Твитер напиша дека „запирањето на смртоносната миграција на напаѓачи со ножеви е граѓанска должност“. Друг пратеник во Бундестаг од АфД напиша дека „проблем во Кемниц не се протестите на куражните граѓани, туку силувачите и убиствата извршени од илегални доселеници, мигрантското насилство“. Во други соопштенија партијата АфД се дистанцираше од вакви изјави и истакна дека државата мора да го задржи својот монопол на употреба на сила.
Секогаш повторно Саксонија?
Десничарскиот екстремизам и ксенофобијата со години го руинираат угледот на Саксонија и нејзините четири милиони жители. Терористичката група НСУ, до нејзиното разоткривање во 2011. година, несметано живееше во илегала во Саксонија. Во покраинската престолнина Дрезден од 2014. година на улиците демонстрираат припадници на т.н. протестно движење Пегида - „патриотски Европејци против исламизирањето на Западот“. Во саксонскиот Хајденау десничарска толпа водеше во 2015. година улични битки со полицијата за да спречи една зграда да биде пренаменета во дом за бегалци.
Група сеирџии во 2016. година ги попречи пожарникарите во Бауцен во гаснењето пожар во бегалско сместувалиште. Во истиот град се случи директен судир на 80 десноекстремисти и 20 бегалци. Во градот Фрајтал десничарска терористичка група изврши повеќе напади со експлозив врз бегалски домови и планирала натамошни, во март 2018. година на нејзините членови им беа изречени повеќегодишни затворски казни. Во Саксонија лани биле извршени 1959 десноекстремистички кривични дела, од кои 95 биле насилни.
Но, екстремизмот и ксенофобијата не се саксонски ексклузивен проблем, туку се присутни во сите германски покраини.