1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што Вучиќ (не)рече за Косово?

Џулија Саудели | Немања Рујевиќ
5 март 2019

Српскиот претседател е подготвен да го признае Косово ако добие нешто за возврат? Ваква вест на АНСА стигна во светските медиуми. ДВ дознава дека веста е брзо повлечена поради погрешна интерпретација и грешка во преводот

https://p.dw.com/p/3ESIS
Aleksandar Vucic
Фотографија: DW/Nemanja Rujević

Веста е голема. По дваесет години војна, прогон и јалови преговори, еден српски престедател - и тоа некој кој има апсолутна моќ - навестува дека Србија би можела да го признае Косово. „Не можеме да го признаеме Косово, а за возврат да не добиеме ништо од другата страна“, го пренесе вчера попладне белградската агенција Бета клучниот одговор на Александар Вучиќ од интервјуто за италијанската агенција АНСА.

Таа формулација може лесно да се протолкува како Вучиќ да „не исклучува можност за евентуално признавање на независноста на Косово“. Така на своите сервиси на германски и на англиски јазик пренесе и една од најголемите светски агенции Франс прес (АФП) и таквата верзија сега се наоѓа на низа влијателни светски портали.

Неволјата е во тоа што во моментот на објавување на веста на АФП (понеделник во 21:58) италијанска АНСА, а потоа и српска Бета, наголемо ја имаа коригирано првобитната верзија. „Имаше проблем во интерпретацијата, како што често се случува со странските јазици. Во координација со кабинетот на претседателот одлучивме да ја исправиме веста“, изјави за ДВ Франко Квинтано, дописник на АНСА од Белград.

Во коригираната верзија останаа помалку или повеќе општите места за кои Вучиќ порано зборуваше многупати: „Ако не биде постигнат компромисен договор за Косово, тоа ќе биде катастрофа.“ Претседателот на Србија е уверен „дека можеме да дојдеме до решение со помош на нашите европски пријатели и со поддршка на Русија, Америка, Кина и други земји“.

Повеќе:Размена на територии на Балканот - кобна грешка

Значи ништо од големата вест, ниту пак од навестување на експлицитно признавање на Косово. Како што ДВ неофицијално дознава во агенцијата АФП, и тие подготвуваат исправка на својата задоцнета и погрешна вест. Но, како и многупати досега, не е исклучено новинарите ширум светот веќе да седнале пред компјутерите да ја анализираат и коментираат изјавата која, судејќи според сѐ, никогаш не е дадена.