1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ги изедначи рејтинзите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ?

9 август 2018

Додека дел од аналитичарите сметаат дека Договорот со Грција е причина за падот на рејтингот кај СДСМ, други тврдат дека нема криза во евроатлантската ориентација на граѓаните. Дали е во прашање криза на одговорноста?

https://p.dw.com/p/32s0J
Mazedonien Kommunalwahlen Sieg der Regierungspartei SDSM
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Огромно внимание во јавноста предизвика промената во довербата кон СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за период покус од три месеци, а нотиран преку најновата анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) реализирана од 24-ти јули до 1-ви август, со 1026 испитаници.

Иако е симболичен, и речиси во рамките на статистичка грешка, падот од 1,1% во довербата кај СДСМ (од 25,1% во мај годинава до 24,4 % на почетокот од август), и растот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ од 3,4%, (од 20,6 % до 24 % во истиот период), отвори бројни прашања и дебати: на што се должи ваквата промена, со која речиси се изедначија рејтинзите на двете најголеми партии?

Повеќе:Македонскиот расцеп пред референдумот и домашните задачи на владата

Анкетите откриваат трендови за референдумот, но појасна слика - во септември!

Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС, смета дека најголемо влијание во намалената разлика во рејтинзите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се должи на Договорот со Грција. Но, посочува и други поместувања.

„Дел од падот на поддршката за СДСМ се должи и на падот на довербата кај етничките Албанци, откако изненадија на изборите во декември 2016 година со проценети 15% добиени гласови од нив, и постигната максимум доверба кај нив во февруари 2017 година (20,4%). Веќе во септември 2017 (пред локалните избори) имало пад на довербата на 15,1%, а на мајската анкета паднала на 13,2% (но е компензирано со зголемена поддршка кај Македонците), а сега тоа е продолжено и изнесува само 8%. Тоа сѐ уште е многу повеќе од бројката на ВМРО-ДПМНЕ од само 0,9% доверба кај Албанците. На истата споредба, има раст на довербата за ВМРО-ДПМНЕ кај Македонците: од 28 % во мај, на 32,8%, што мислам дека ја потврдува теоријата дека тоа е поради Договорот со Грција. Тие што се против Договорот, а минатиот пат не биле определени, сега се приклонуваат кон ВМРО-ДПМНЕ. Практично, 4,8 процентни поени напредок кај етничките Македонци, го носи целото нивно зголемување од 3,4 процентни поени“, објаснува Кржаловски.

Според него, можно е сосема мало влијание да имале и случаите со тендерот на Министерството за здравство и со доделувањето на државната помош од Фондот за иновации, кои кренаа прав во јавноста. Но, сепак смета овие случаи немале поголемо влијание.

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
ВМРО ДПМНЕ со пораст на рејтинготФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Криза на одговорноста

Во јавноста генерално доминираат две толкувања на можните причини што го изедначиле рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Прво, дека растот кај ВМРО-ДПМНЕ се должи на интензивирањето на нивните партиски активности, главно пласирана од нивните медиумски поддржувачи. Второ, дека падот кај СДСМ се должи на активностите во процесот на решавање на спорот со Грција.

„Иако обата спомнати фактори можат да дадат придонес во промената на рејтингот на партиите, сепак, не се толку значајни за да ги објаснат големите промени“, вели универзитетскиот професор Ненад Новковски.

„Можното интензивирање на активностите на ВМРО-ДПМНЕ не би можело да доведе до забележителни промени за партија со голема моќ и искуство, која со години интензивно работи на терен. Уште потешко е промената да биде резултат на 'идентитетски' отстапувања, имајќи предвид дека насоката на дејствување на овој план не е суштински променета во последниов период. Имено, треба да се има предвид растечкиот тренд на поддршка на промена на името“, укажува Новковски. Како илустрација за тој тренд ја посочува анкетата на ИПИС од март 2016 година, кога 28,3 % од избирачите биле подготвени да гласаат „за“ на прашањето: „Дали сте подготвени на прифатите промена на уставното име за меѓународна употреба со цел Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО“. Во декември 2017 година тој процент пораснал до 38,2 %. Новковски потенцира дека во најновата анкета на МЦМС, тој процент не само што не опаднал, туку се зголемил до 41,5 %, а револтот на бранителите на името повеќе е свртен кон ВМРО-ДПМНЕ поради разочарување од отсуството на посилни реакции против Договорот од Преспа, отколку кон СДСМ. Од тие причини, промената во рејтинзите не ја лоцира во Договорот со Грција.  

Повеќе:Напорниот марш на Ѓорге Иванов

„Многу поверојатна причина за големата осцилација во рејтинзите може да биде кризата на одговорноста која е вообичаена по една година од владеење на секоја политичка гарнитура. Избивањето на корупциски скандали по правило се решава со реконструкции на Владата. Во случајов власта се наоѓа во менгеме помеѓу неодговорноста на одредени функционери и несоработката со претседателот на државата неопходна за нови реконструкции на Владата. Секако, ВМРО-ДПМНЕ не е партија што ветува видливи подобрувања на планот на одговорноста, но во нашиот амбиент таа е единствената релевантна политичка сила што може да се перцепира како замена за СДСМ. Дополнително, учеството на ДУИ во власта со сите свои хипотеки води до префрлање на голем негативен товар од претходната власт врз оваа“, оценува професорот Новковски.

Не е во криза евроатлантската ориентација

Сличен став дели и поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов.

„Не верувам дека е во криза евроатлантската ориентација на граѓаните. Од СДСМ треба да преиспитаат на кој 'фронт' или на кои прашања губат доверба. Затоа што народот си суди. Треба да видат дали се во прашање одредени случаи, афери, и начинот на кој граѓаните ги примаат. Дали граѓаните бараат поголема енергичност во расчистување на тие случаи? Сите овие прашања бараат анализа: да се види дали постојат некои внатрешни блокади, и дали одговорните за одредени случаи ги сносат последиците. Без таков одговор, граѓаните би можеле да создадат прецепција дека и СДСМ не е решение за излез од сегашната ситуација“, вели Андов.

Повеќе:Фаталната баналност на Заев

Според него, таа анализа мора да се направи што поскоро и да се поправат состојбите, бидејќи во спротивно може да се одрази и на референдумот, односно да се расипат сегашните позитивни трендови кои ветуваат мнозинска поддршка за интегративниот пат.

Во опозицијата сметаат дека растот на довербата во нив е резултат на консолидирањето на партијата, на работното лето, односно на секојдневните контакти со граѓаните, на слухот за нивните проблеми и потреби, и на демаскирањето на „штетните политики на Владата“.