Спој на жици, топлото време или човечки фактор?
4 август 2021Неколку дена по огнената стихија којашто зафати повеќе делови на Северна Македонија, надлежните ги утврдуваат причините за избувнувањето на пожарите со коишто се води деноноќна битка. Енормно високите температури кои надминуваат над 42 степени изминатите денови внесоа немир кај жителите на Кочани, Кумановско, Битола, Струмица, Гевгелија и уште десетина други места коишто стравуваат од огнените јазици кои тешко се гаснат. Силниот ветер само придонесува огнот брзо да се шири и да се заканува и на населените места. По страотните пожари во Кочанско и во Старо Негоричане коишто зад себе оставија пустош, надлежните ги истражуваат причините за огнената стихија. Топлото време, човечки фактор или нешто сосема трето ги предизвика пожарите коишто веќе неколку дена создаваат немир во земјата?
Спој на жици
„Штетата предизвикана од пожарите е материјална и таа ќе биде надоместена, сега е најважно дека немаме ниту повредени, ниту жртви“, порача вчера директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Според него, пожарот во Кочани, чии пламени јазици стигнаа речиси до градот, бил предизвикан најверојатно од спој на жици. „Најверојатно, причината е спој на жици од бандери. Сувата вегетација придонела пожарот да се рашири во неколку различни правци“, рече Ангелов.
Човечки фактор
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, по избувнувањето на повеќе пожари низ источниот и југоисточниот дел на државата, изјави дека најголем проблем, „односно приоритет треба да се стави на свеста, на контролата, според сите показатели овие се подметнати пожари. Или намерно подметнати или се избувнати од невнимание на човечкиот фактор“.
ДЗС апелира да се почитува мерката за забрана на движење во шумските предели, која е во сила од 3 август годинава. Поради зголемениот ризик од пожари од високите температури и портокаловата фаза со која е зафатен регионов, како и големиот број локални пожари што се активни на терен, по барање на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, Владата воведе целосна забрана и за движење на Водно и на Скопска Црна Гора.
-повеќе на темата: По пожарите расте притисокот за одговорност
Најчести причини за појава на пожарите е човечкиот фактор и затоа граѓаните да бидат внимателни и да ја почитуваат забрана за движење во шуми, да не палат оган, скари и да не фрлаат догорчиња на отворен простор.
Ригорозни казни
Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека секој кој на каков било начин ќе предзвика пожар ќе се соочи со ригорозни казни односно затворска казни од шест месеци до осум години. Полицијата презема координирани превентивни и други мерки, во месните заедници, со граѓански советодавни групи, навреме да се пресретнат овие појави, а во соработка со другите надлежни институции засилени се и контролно-репресивните активности.
„МВР будно ја следи ситуацијата со пожарите во земјава. Секогаш се вршат проверки ако постои сомнеж или веројатност дека станува збор за подметнат пожар“, велат од МВР за ДВ.
Според податоците на полицијата, од 01.07.2020 до 31.07.2021 година поднесени се 28 кривични пријави за 26 кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и две кривични дела „тешки дела против општа сигурност“. Седум од пријавите се поднесени од СВР Куманово, од СВР Скопје-шест, од СВР Штип-пет, по четири од СВР Тетово и СВР Охрид и по една од СВР Битола и СВР Струмица.