Што е „covfefe“? Трамп повторно го збуни светот!
31 мај 2017Не за првпат, твит на американскиот претседател Доналд Трамп го запали интернет. Но овојпат, корисниците на социјалните мрежи ширум светот не успеваат да сфатат што значи „covfefe“: бизарен збор креиран од Трамп.
„И покрај постојаниот негативен новинарски covfefe“, се наведува во кусиот твит објавен од американскиот претседател рано утрово. Дали се работи за акроним? Тајна порака? Или само грешка во пишување?
Твитерџиите ширум светот одговорија со доза сарказам, а #covfefe веќе стана топ трендинг хаштаг на Твитер.
Коментарите вклучуваат и лажен Гугл превод на covfefe од руски на англиски како „Давам оставка“, и коментари како „Ќе го пресушам covfefe“- игра на зборови со ветувањето на Трамп дека ќе го „пресуши мочуриштето“ во Вашингтон.
За да се избегнат недоразбирања, Центарот за англиски јазик од Лондон напиша: „До сите наши студенти по англиски јазик, потврдуваме дека covfefe не е англиски збор. Сѐ уште!“
Лапсусите на Трамп на Твитер не се ништо ново ниту невообичаено, како што покажува и овој:
Повеќе часови подоцна, твитот не е коригиран ниту избришан, ниту пак некој објасни што сакал Трамп да каже.
До осум часот утрово, „covfefe“ твитот на Трамп имаше повеќе од 100 илјади ретвита и беше споделен над 35 илјади пати.
Откако ја презеде функцијата, Трамп го користи Твитер за да го каже своето мислење за сѐ и сешто, од ТВ настапите на Арнолд Шварценегер до наводниот „огромен трговски дефицит со Германија“.