1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што прави ЕУ во Македонија?

ЕМФ/стандард/орф23 јуни 2016

Обраќањето на македонскиот претседател Иванов, како и протестите во Македонија и Шарената револуција - се темите со кои денеска се занимаваат дел од медиумите на германски јазик.

https://p.dw.com/p/1JBxf
Фотографија: AP

Во кусата информација по вчерашното обраќање на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, австрискиот радиодифузен сервис ОРФ денеска пишува:

„Во Македонија, која ја тресе тешка владина криза, претседателот Ѓорге Иванов сака во случај на нужда да ги употреби и воените сили за да се воспостави јавен ред. Иванов, според медиумските извештаи од вчеравечер, тоа го најави откако во Парламентот пропадна предлогот на опозицијата и на албанската партија ДУИ, која е дел од власта, за импичмент на претседателот. Претседателот ги обвини опозицијата и невладините организации, кои повеќе од дваипол месеци демонстрираат против Иванов и најголемата владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, дека водат 'тајна војна' против земјата. Тој наводно добил информации од тајни служби дека неговата спорна амнестија на политичари не е вистинска причина за протестите, туку тие биле и претходно планирани, за да 'предизвикаат тензии'', се вели во информацијата на ОРФ со наслов: „Македонскиот претседател ѝ се заканува на опозицијата со ангажман на армијата“.

Весникот „Стандард“ пак, во опширниот текст со наслов „Шарена револуција во Македонија“, денеска меѓу другото пишува:

„Што прави ЕУ? Демонстрантите ја обвинуваат ЕУ дека долго не правела ништо. Еврокомесарот Јоханес Хан требаше да посредува меѓу опозицијата и владата за одржување нови избори и една година беше влечен за нос од Никола Груевски. Груевски, додуша, формално се држи до сите термини, тој дури и официјално се повлече од функцијата. Но, тој не исполни ниту еден од договорите кои требаше да доведат до слободни и фер избори. Сѐ уште нема нов Избирачки список, неговиот клан сѐ уште има контрола врз медиумите, партијата и државата сѐ уште не се одвоени. На крајот, Хан изнервирано го фрли пешкирот. Во меѓувреме преговорите ги презеде германскиот дипломат Јоханес Хајндл. Демонстрантите кои се залагаат за европска иднина на нивната земја, се чувствуваат оставени на цедило од страна на ЕУ.“