1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Bundespräsident Aufgaben

24 мај 2009

Шефот на државата во Германија има право на еден реизбор за уште еден петгодишен мандат. Каква е улогата на првиот човек на државата и кои задачи тој ги има?

https://p.dw.com/p/HwAR
Хорст Келер го доби и вториот мандатФотографија: picture-alliance/ dpa

Претседателот, или претседателката - што досега не се случило во Германија, протоколарно е на прво место во државата. Шефот на државата ја претставува Германија во земјата и во странство. Медиумите генерално повеќе го поштедуваат претседателот, отколку останатите политичари. Претседателот, пак, избегнува да се меша во дневната политика, особено кај теми кои се спорни за партиите. Претседателот треба да се однесува политичко-партиски неутрално, и најголемиот број од претседателите го ставаа во мирување своето членство во партијата. Политичката тежина на германскиот претседател е многу помала, отколку на претседателите на САД, Франција или Русија, кои народот директно ги избира.

Ограничена политичка моќ

Ограничувањето на политичката моќ на претседателот на Германија е консеквенција од владеењето на нацистите, извлечена по Втората светска војна. „Мајките и татковците на германскиот устав“, 65-члениот „Парламентарен совет“, кој во 1948/49 година го изработи и усвои германскиот устав, ја имаа на ум лошата улога што ја одигра поранешниот претседател на Рајхот, Паул Хинденбург, кој го назначи Хитлер за канцелар и се согласи за распуштање на Рајхстагот, парламентот на Вајмарската Република.

Schloss Bellevue - Amtssitz des Bundespräsidenten in Berlin
Замокот Белви - седиштето на сојузниот претседател

На внатрешно-политички план, германскиот претседател има улога при изборот на најмоќниот германски политичар – канцеларот: тој му го предлага на Бундестагот кандидатот за канцелар. Досега немаше изненадувања, бидејќи предлозите следуваат врз основа на претходен договор со партиите, кои можеа да обезбедат мнозинство за формирање влада. Во случај канцеларот некогаш да остане без доверба од страна на парламентот, сојузниот претседател може да го распушти Бундестагот и да закаже нови избори. Така се случи во 2005 година, со владата на канцеларот Герхард Шредер.

Претседателот дејствува со силата на зборовите

Натамошна важна политичка задача на германскиот претседател е проверувањето дали новодонесените закони се во согласност со уставот. Освен тоа, претседателот располага и со правото на помилување.

За време на многубројните настапи, сојузниот претседател дејствува со силата на зборовите. Тој се обидува да поттикне важни општествени дебати. Државните посети на претседателот во странство, поврзани со обемни подготовки, честопати го трасираат патот за подобрување на билатералните односи или му отвораат врата на германското стопанство.


Автор: Бернд Греслер / Ана Алибегова

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска