1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се крие зад одлуката на ДУИ за повлекување од власта?

Катерина Блажевска1 април 2016

Соопштението на ДУИ намерно отвора простор во кој за излез од состојбата ќе интервенираат гарантите на Договорот од Пржино, со оглед дека состојбата е далеку од нормални услови за избори, сметаат аналитичари.

https://p.dw.com/p/1INiB
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Неколку сценарија се вртат во јавноста откако доцна синоќа ДУИ соопшти дека партиското претседателство одлучило да ги повлече сите сегашни претставници во извршната власт. Претседателството потврдило дека во ваква ситуација на лидерот на партијата, Али Ахмети, му се доделуваат сите извршни овластувања за носење одлуки и дека тој има право да одлучува за следните чекори на партијата. ДУИ соопшти оти ќе ја информира меѓународната и домашната заедница дека во наредните денови ќе ги преиспита своите политики, но во тоа преиспитување не спаѓа веќе донесената одлука за излегување од извршната власт. Таа се смета за конечна.

Како што објави на полноќ телевизијата „24 вести“, високи партиски функционери официјално не сакале да ги коментираат причините за ваквата одлука, но неофицијално потврдиле дека една од причините е објавувањето на приватни телефонски разговори во кои се посочуваат нивни високи функционери.

„Не може Пржинскиот договор да важи само за ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, а не и за нас“, изјавил за телевизијата партиски функционер. Тој потенцирал дека оваа одлука воопшто не го доведува во прашање учеството на ДУИ на изборите, кои, како што изјавил, „сигурно ќе бидат на 5 јуни“.

Две сценарија

Провладините медиуми ноќеска експресно објавија дека причината поради која е донесена одлуката на ДУИ е да се обезбеди со сигурност дека парламентарните избори ќе се одржат на 5-ти јуни. Тие потсетуваат дека министрите на ДУИ сочинуваат една третина од членовите на Владата, а според Уставот, ако премиерот предложи промена на најмалку една третина членови од Владата, тогаш Собранието одлучува како за избор на нова влада. Бидејќи за тоа нема време, со оглед дека парламентот треба да се распушти на 7-ми април, оваа одлука на ДУИ ја толкуваат како нејзино бетонирање на датумот за избори - 5 јуни.

„А дали објавувањето на вакви снимки води кон услови за фер-избори?“, одговори реторички функционер на ДУИ, запрашан од ДВ дали партијата ќе оди на избори, без оглед дали ќе бидат исполнети условите за фер-избори. Сепак, признава дека во партијата немаат информации за мотивите за одлуката, и дека „претседателството“ кое заседавало, всушност го претставувале неколку лица од најтесниот круг околу Ахмети.

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Во партијата немаат информации за мотивите за одлуката, „претседателството“ кое заседавало, всушност го претставувале неколку лица од најтесниот круг околу Ахмети, вели функционер на ДУИ за ДВФотографија: Petr Stojanovski

Други извори од албанскиот блок, сметаат дека ова може да сценарио за враќање на состојбите пред Договорот од Пржино, иако засега не може да препознаат преку кои механизми Груевски би се вратил на чело на Владата, за таа да го продолжи мандатот до 2018 година.

Второто сценарио е дека ДУИ е свесна дека нема услови за избори и дека на повидок е отворање можност за создавање широка влада во која ќе учествуваат четирите партии. Создавањето ново парламентарно мнозинство без ВМРО ДПМНЕ аналитичарите го сметаат за невозможно, со оглед на осумгодишниот „минат труд“ на ДУИ со ВМРО ДПМНЕ. И покрај многу реални причини и критични моменти досега, ДУИ ниту еднаш не реши да ги повлече министрите од Владата и да му откаже љубов на коалицискиот партнери. Она што сега е неизвесно, дали можеби постои поширок договор на ДУИ и со други партиски субјекти, преку создавање ново парламентарно мнозинство да се ребрендираат во „спасители“ за излез од кризата.

Кој ги објавува снимките?

Деновиве на каналот Јутјуб беа објавени, а потоа пренесени и на социјалните мрежи и порталите, снимки од наводни телефонски разговори меѓу вицепремиерот Муса Џафери и пратеничката Ермира Мехмети, како и меѓу Али Ахмети и поранешниот министер за правда Блерим Беџети, во врска со екстрадиција на поранешен припадник на УЧK од Kосово. Според партиски извори, уште еден наводен разговор меѓу Џафери и Мехмети се „вртел“ и во Косово. Партијата предупреди на хаосот кој може да го предизвикаат таквите неодговорни постапки и побара нивно институционално санкционирање, а за истото прашање вчера преку Твитер се огласи и амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли.

„Како што нагласи специјалната јавна обвинителка вчера, неовластените материјали треба да бидат предадени во СЈО. Кој е најдобар начин да се спречат натамошни објавувања? Дополнете го Законот за заштита на приватноста согласно препораките на Венециската комисија. Загрозувањето на приватноста треба да биде истражено“, напиша Бејли.

Уште при првото објавување на Јутјуб на наводен разговор меѓу двајца новинари, опозициската СДСМ се огради од тој чин, со образложение дека сите снимки од незаконското следење на комуникациите кои ги имала партијата се предадени во СЈО. Од партијата посочија дека истите снимки кои СДСМ ги предаде во СЈО, ги поседува и МВР. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, ваквите постапки ги доведоа во врска со околу 70.000 разговори најдени кај осомничен во аферата „фалсификувани лични карти“, кој бил член на СДСМ.

МВР поведе постапка за случајот со снимките и истрагата е во рацете на обвнителството. Но, фактот дека се води истрага, не го запре трендот на нивно објавување, кој продолжува со несмален интензитет. Завчера и обвинителката Катица Јанева ги повика засегнатите да ги пријават ваквите случаи во СЈО.

Последен крик

Извори во албанскиот блок сметаат дека ДУИ ги повлекла министрите од Владата бидејќи не е сигурна која „страна“ ги објавува снимките што предизвикуваат штета на угледот на нејзини функционери и генерално на партијата во клучен период - пред избори. Според нив, овој потег е „последен крик“ или „опомена“ за институционално откривање и санкционирање на сторителите. Други, пак, велат дека состојбата треба да се анализира од еден аспект: какви ефекти предизвикуваат објавените спорни снимки?

„Токму 'загрозата' од овие снимки уште повеќе ја зацврстува кохезијата меѓу ДУИ и ДПМНЕ во заеднички фронт и одбрана од 'креирани, монтирани, сечени, лепени разговори' за кои од почетокот на објавувањето на 'бомбите' ја обвинуваа опозицијата. Од тој аспект треба да се постави прашањето: кој има интерес да објавува снимки што уште посилно ќе ја туркаат и ќе ја држат ДУИ во прегратката на коалцискиот партнер?“, потенцира соговорникот, функционер во помала партија на Албанците.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Претседателството на ДУИ потврдило дека во ваква ситуација на лидерот на партијата, Али Ахмети, му се доделуваат сите извршни овластувања за носење одлуки и дека тој има право да одлучува за следните чекори на партијатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Во текст под наслов „Ако правдата ја земеме во свои раце, само Господ знае како ова ќе заврши“, пред два дена весникот „Дневник“ објави дека во ДУИ кулминира незадоволството од наводните снимки за нејзини функционери.

„Несфатливо е зошто институциите не дејствуваат по службена должност иако тоа им е обврска. За каков јавен интерес зборуваме во инкриминирачката снимка која викендов беше пуштена за нашите функционери? Ова е лудило. Се уништуваат животи, семејства, а институциите ништо не преземаат. Молкот на институциите може да резултира во самоволие и преземање на правдата во свои раце. Ако системот не функционира, само Господ знае како ова може да заврши“, изјавиле од ДУИ, со напомена дека „влакно фали ситуацијата да излезе од контрола и поединци да фатат лично да се пресметуваат со лицата што ги објавуваат снимките“.

Според аналитичарите, соопштението на ДУИ без одговори на клучните прашања, намерно остава и отвора простор во кој за излез од состојбата ќе интервенираат гарантите на Договорот од Пржино, со оглед дека сегашната состојба е далеку од нормални услови за избори.