1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Поуките од случајот Анис Амри

7 јануари 2017

По нападот во Берлин се покажа дека полицијата во Германија направила голем број пропусти. Еден од нив е тоа што Анис Амри, иако и порано ѝ бил познат на полицијата, не бил уапсен на време.

https://p.dw.com/p/2VOke
Deutschland Terroranschlag Berlin  Anis Amri
Фотографија: picture alliance/dpa/Bundeskriminalamt

Продолжува потрагата по потеницијалните организатори и помагачи на Анис Амри, кој го изврши нападот врз божикниот панаѓур во Берлин. Државното обвинителство е убедено дека лицето кое загина при престрелката со полицијата во Милано, е Тунижанецот кој на 19. декември го изврши нападот. Соодветно објаснување во средата (4.1.) во Карлсруе даде и портпаролката на истражните органи Фрауке Келер. Во таа пригода таа соопшти дека нема доволно докази врз основа на кои би можело да се издаде налог за апсење на сонародникот на Амри осомничен за вмешаност во нападот. Во вторникот (3.1.) полицијата во Берлин го претресе живеалиштето на 26-годишното момче од Тунис.

Меѓутоа, Берлинското обвинителство издаде налог за апсење на други осомничени лица. Станува збор за еден познаник на Амри. Тој, наводно, со две различни имиња, од април до ноември 2015. година во повеќе градови незаконски користел социјална помош која ја добиваат барателите на азил. Поради тоа во пролетта минатата година против него е започната истрага. Анис Амри поради такви дела и пред нападот во Берлин бил во визирот на истражните органи.

Deutschland Berlin - Polizei patroulliert am wieder geöffneten Weihnachtsmarkt am Breitscheidplatz
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Темпирана бомба

Како што е веќе познато, Амри бил следен неколку месеци. Поради тоа истражителите во Заедничкиот центар за одбрана од тероризам (ГТАЗ) знаеле дека размислува за напад. Меѓутоа, поради недостаток на докази, не можеле да издадат налог за апсење. Денес се знае дека 24-годишникот бил темпирана бомба. Неговиот потенцијал е погрешно проценет. Согласно тоа се и критиките на јавноста дека властите задолжени за безбедност целосно потфрлиле. Со оглед на големиот број загинати и ранети, таквиот сомнеж станува сѐ пооправдан.

Политичарите и медиумите двеипол недели по нападот и натаму се натпреваруваат околу тоа, кој во овој ужасен настан ќе има поголемо значење. Во недостаток на нови информации, се повторуваат познатите детали или- старите барања. Меѓутоа, кои сознанија се навистина нови? За тоа дека Амри бил во контакт со џихадистите и оти на интернет барал упатства како се прави бомба, јавноста е информирана само неколку дена по нападот. Истотака е и познато зошто, и покрај сето тоа, не е уапсен.

Thomas de Maizière  Innenminister
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/E. Contini

Коцките во случајот на Амри се погрешно наредени

Тоа се однесува и на оправданата критика зошто не му се издадени какви било ограничувања и забрани, посебно по одбиеното барање за азил и пропаднатото принудно враќање. Правни можности за ограничување радиусот на движење на Амри постоеле. Во најмала рака, можело да се бара тој редовно да се јавува во полиција. Таквите пропусти и можните натамошни грешки, немаат никаква врска со недостатокот на докази. Она што недостасува е нивно доследно спроведување.

Затоа интензивната политичка расправа, која се води од почетокот на годината, нема  да придонесе кон решавање на проблемот. Опсежна централизација на германските структури за безбедност, кон што тежи германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер, не е гаранција за подобра безбедност. Случајот на Амри покажа дека: полицијата имала опширна слика за тој човек кој се вбројува меѓу 549-те лица, кои во Германија се сметаат за многу опасни. Меѓутоа, коцките на одлучувачкото место- се погрешно наредени.

Загрижувачки соопштенија од Сојузното обвинителство

Колкава е терористичката опасност и без Амри може да се дознае по кус поглед во соопштенијата на Сојузното обвинителство кои се издадени во изминатите недели. Истиот ден кога во Берлин е извршен нападот, во Долна Саксонија е уапсен Мароканецот Редуан С. кој е осомничен дека е вмешан во повеќе атентати меѓу кои и нападот извршен на 13. ноември 2015. година во Париз. На 14. декември во Берлин е повторно уапсен Тунижанецот Чарфедин Т. алијас Ашраф Ал-Т.. Тој е осомничен за планирање напад по налог на „Исламска држава“.

Deutschland Fahndungsfoto Anis Amri
Фотографија: picture alliance/dpa/Bundeskriminalamt

По привременото апсење на почетокот на ноември, сѐ уште немало доволно докази за да се издаде налог за негово апсење. 6 недели подоцна, Сојузното обвинителство соопшти: „Во подоцнежните истраги се утврдени дополнителни сонежи“.

Тој е осомничен дека во Германија чека натамошни упатства за спроведување на налогот на ИД, за кои во моментов нема повеќе детали. Ашраф Ал-Т. и Редуан С. се само двајца од големиот број лица осомничени за тероризам, кои се уапсени на време.

Истрага дури два дена по нападот

Во едно од соопштенијата на Сојузното обвинителство, се наведува и името на атентаторот во Берлин: „Сојузната служба за борба против криминалот, по налог на Генералното сојузно обвинителство со поддршка на полицијата на сите нивоа, трага по 24- годишниот Анис Амри, роден во Тунис. „Оваа вест е објавена на 21. декември, два дена откако Амри со украден камион влета на божикниот пазар и притоа усмрти 12 луѓе.

Ако навреме постоеја доволно докази, можеше да биде издаден налог за апсење на Амри, а со тоа и да биде спречен нападот. Тогаш никој немаше да мора да шпекулира зошто Амри, без оглед на бројните прекршоци, на крајот слободно можел да се движи во Германија. Според досегашните сознанија, за оваа грешка треба да одговараат други, а не Сојузното обвинителство.