Што треба да знае секој лекар? Германски!
21 ноември 2019Во агенцијата за вработување во Србија се пријавени 15.000 медицински работници. Оние кои не се во евиденција, а не се ни вработени, се знае, или се спремаат или веќе заминале во Германија или други земји во Европа. На разговор со медиумите тешко се решаваат.
Анѓела направила се` како треба - и имала среќа
За малку ќе заминела и 26-годишната Анѓела Огњановиќ, која Медицинскиот факултет во Ниш го завршила со оценка 9,87. Неверувајќи дека ќе добие работа, почнала да учи германски јазик, подготвувала документи и чекала повик од амбасадата.
Телефонот навистина заѕвонил, но не од амбасадата: „Ми рекоа дека ме бараат од Министерството за здравство по повод конкурсот за вработување на најдобрите дипломци од Србија и ме поканија на разговор во Белград.“
Нејзината приказна е со среќен крај, зашто наместо да замине во странство, почнала да работи во својот град. Добила специјализација по желба - детска хирургија, започнува со работа од јануари, ќе и` се смета и работен стаж. Во министерството нејзе и на останатите студенти им ветиле можност да добијат и докторски студии, исто на државен трошок. Сепак, не престанува да учи германски.
Но, што е со оние кои немаат висок просек? Многу лекари без вработување, се одлучуваат на волонтерска специјализација. Тоа значи дека сами ја плаќаат, а за време на специјализацијата волонтираат во некоја клиника во Србија.
Никола сам си ја плаќа специјализацијата
Еден од нив е и Никола Радовановиќ, кој за своја специјализација ја избрал една од најдефицитарните гранки на медицината. Ќе биде радиолог, со многу специфични знаења од оваа област.
Кога ќе ја заврши специјализацијата, никој не му гарантира вработување. Никола би бил задоволен ако остане во Клиничкиот центар и се занимава со интервентна радиологија, како сега додека волонтира. Вели дека ништо не би добил со заминување.
„Основавме здружение на волонтерски специјализанти за да привлечеме внимание. Еден специјализант им плаќа на факултетите и до 700.000 динари за специјализацијата, а притоа факултетите и државата немаат никакви обврски кон него. Државата и факулттеите направија многу интелигентна работа, добиваат готов специјалист без вложен динар. Би сакал да ги вработуваат волонтерските специјалисти“ вели тој.
Од Министерството за здравство, и покрај бројните повици и меилови, не добивме одговор колку волонтерски специјализанти има во Србија. Ниту колку специјалисти се потребни. Ниту пак дали имаат стратегија за дефицитарни лекари или колку лекари ја напуштиле земјата во последните десетина години.
Повеќе:
Работа во Србија има, ама работниците се во Германија
Србите чекаат со спакувани куфери
Зошто толку многу Срби ја напуштаат земјата?
Сонот на младите- остани дома и заработувај повеќе
Тијана е педијатар во Германија
Тијана Николиќ специјализација добила од државата. Откако двеипол години работела како педијатар во Здравствениот дом, а пред тоа како лекар по општа пракса, денес живее и работи во Лер, во северозападна Германија.
Се согласила да ги врати парите за специјализација, повторно да специјализира педијатрија во Германија, затоа што не сакала да се помири со бројните ограничувања во Србија. Вели дека Германија вложува во здравството, па е полесно да се работи со подобри, побрзи и современи дијагностички методи и терапии.
„Мојот сон отсекогаш беше заминување во странство, заради професионално остварување и подобра финансиска ситуација. Бев спремна повторно да бидат специјализант, зашто и почетничката лекарска плата во Германија ми беше поголема откако специјалистичката во Србија. Германците ценат работа, трудољубивост и чесност.“
Тијана признава дека на старт не одело се` најдобро. Целосно сама, на самиот почеток останала и без работа, зашто паднала на испитот по германски јазик за медицинари. Додека добила друг термин за полагање, траело неколку месеци, а следната болница во која била вработена, била непријателски настроена кон неа.
„Се чувствував како на дно, си мислев - оставив во Србија сигурна работа, стан, семејство... Но, потоа се` си дојде на свое место“, вели таа.
Страхиња учи германски
Условите и секако подобра плата се причини што 28-годишниот Страхиња Бониќ ги остава докторските студии и почнува да учи германски јазик. Иако негова љубов е науката, платите на научниците и лекарите во пракса многу се разликуваат, а Србија веќе има 10 невработени доктори по медицински науки.
„Сега работам на проект во Медицинскиот факултет, а местото не е трајно. Пред неколку месеци положив тест за ниво Б2 германски јазик на Гете универзитетот и сега сум во последни подготовки за заминување во Германија.“
Страхиња дури не сака ни да бара работа во Србија, единствено на што се надева е добар прием во Германија.
„Би сакал да бидам добро прифатен, да стекнам искуство. Би сакал да специјализирам урологија“, истакнува Страхиња.