1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе обновува Мицкоски, а што ќе урива Заев?

7 јули 2020

Христијан Мицкоски ќе го обновува тоа што го урна Зоран Заев, а го изгради Никола Груевски. ТВ-дебатите можеби немаат големо влијание, но многу кажуваат за личноста која треба да биде премиер. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3etTo
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

И последниот предизборен ТВ дуел Заев – Мицкоски, иако на повисоко ниво од претходниот, со помалку меѓусебни навреди и со нешто поголемо уважување, покажа дека се мали разликите во ветувањата, но многу поголеми од реалните можности, личниот капацитет, минат труд и досегашните постигнати резултати на претендентите за премиерската функција. Разликите се големи во секој поглед. Ништо не е исто.

Зоран Заев довербата од гласачите ја побара со сугестивноста и фактите на она што е направено  во изминатите две ипол години. А Христијан Мицкоски остана на ставот дека за три години Заев потпишал капитулација на државата, ја деградирал Македонија и го уништил сето она што ВМРО ДПМНЕ и претходната власт  го постигнала во претходните 11 години. Мицкоски како иден премиер вети дека ќе го обнови сето тоа што е уништено во време на владеењето на СДСМ и Зоран Заев. И Заев се гледа себе како премиер и вети дека ќе продолжи да ги урива барикадите кон Европа и дека ќе обезбеди економски раст и во наредниот четиригодишен период спроведувајќи ги реформите. Тоа би било краткото резиме од синоќешниот дуел на МТВ.

Во ветувањата нема големи разлики

Аналитичарите велат дека телевизиските дуели имаат мало влијание на определбата на гласачите. Двете страни брзаат својот кандидат да го прогласат за победник. Но, дали е баш така. Овие дебати можеби навистина немаат големо влијание, но многу кажуваат за личноста која треба да биде премиер.

Nord-Mazedonien Präsident Stevo Pendarovski Zoran Zaev und Hristijan Mickoski
Фотографија: Büro des Präsidenten von Nordmazedonien

Кога би се остварило половината од тоа што го гарантираат двајцата кандидати би било голем успех. И двајцата ги охрабруваат неопределените гласачите кои сакаат да се со победникот со тоа што најавуваат сигурна победа и дека веќе резервирале жешка фотеља да седнат на  најодговорната извршна функција во земјата. И Заев и Мицкоски не ја земаат многу во предвид неизвесноста колку ќе потрае светската економска криза и пандемијата, два глобални фактори кои ќе имаат силно, многу веројатно пресудно влијание врз економијата и вкупната стабилност на земјата. За тоа ќе размислуваат по изборите.

Повеќе на темата: 

-Заев ја најави ИКЕА, адутите на Мицкоски - слатка тајна

-Лидерски дуел: Твоето лице ми звучи познато

И на двајцата претенденти за премиерската функција не им беше тешко да понудат убава иднина, повисок стандард, поквалитетен живот, повеќе демократија и слобода, владеење на правото и правда подеднакво за сите, решителна пресметка со организираниот криминал и корупцијата,ветиниг, односно прочистување  за политичарите и судската власт, конфискација на се што е незаконски стекнато, подобро задравство, подобро образование, стотици километри автостради, брзи пруги, гасоводи и нафотводи, брани, вештачки езера, хидро и сончеви централи, целосна заштита на човековата околина, поубаво и пославно минато, спасување на националниот идентитет и јазикот, експресно членство во Европската унија, повисоки плати и пензии, милијарди странски и домашни инвестиции, нови работни места, субвенции, побогати земјоделци и работници, повеќе пари и грижа за најсиромашните....

Партиски неопределен и неупатен човек би рекол, па добро кој и да победи граѓаните ги очекува пристојна иднина, гласал или не гласал сеедно. Тие пак што не веруваат ни во едните, ни во другите, ни во третите, во никој, ќе останат и овојпат дома убедени дека ништо нема да им се промени во животот и на нив и на нивното семејство. Но, не ќе да е така. Овие избори се најзначајните во еден пресуден историски момент за Македонија. Ќе одиме напред, или ќе се враќаме назад, како што веќе пристигнуваат добронамерни предупредувања од повеќе страни.

Слабата страна на Мицкоски

Која е слабата страна на ВМРО ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски и во оваа дебата, колку и да ја прикрива, тоа го прави прилично невешто. Мицкоски ја нема силната поддршка на својата партија, ниту пак свој личен јасен став кон неколку кључни прашања за иднината на Македонија.

Прво, дистанцирањето на Мицкоски од Никола Груевски и неговите политики не може да се постигне со фактот дека не го спомнува  во предизборната кампања, ниту пак со тоа што азилантот од Будимпешта одлучил да помогне за време на предизборната кампања бидејќи јавно не ги испраќа своите пораки и сведоштва. Тој е тука и неговото влијание во партијата  е присутно и јасно видливо.

Други колумни од авторот:

-Исцелителот ќе ја исправи Македонија

-Каков премиер и каква влада сакаме

-Чукнете во дрво и во глава- ќе има избори

Да не е така Мицкоски прво ќе расчистеше во својот двор со компромитираните политичари од врвот на партијата со јасна осуда на Груевски и неговите стратегиски грешки, Многу посилен е нападатот на Мицкоски врз судството во заштита на обвинетите во бројните предмети од времето на режимот, отколку осудата на криминалот. Неговата гласност на аферата Рекет е посилна од стотиците милиони евра исчезнати во време од речиси цели три мандати владеење без контрола во период од 11 години. Скандалот „Рекет“ добива брза судска разврска, а стотина обвинети од претходната власт се уште се во фаза на опструкции и попречување на правдата, за што Мицкоски единствено има јасен став застанувајќи во одбрана на обвинетите.

Уште во самиот старт на неговото претседателствување со ВМРО ДПМНЕ, додека Груевски не беше избеган од земјата, Мицкоски се определи партскиот баласт со криминалот да го истури  во туѓиот двор префрлајќи ја вината кон пратениците и функционерите  на ВМРО ДПМНЕ кои дадоа поддршка на уставните промени и на евроатланските интеграции на Македонија. Тој став Мицкски до ден денес не го промени, што се виде и на последниот тв дуел.

Популизмот не е секогаш исплатлив

Второ не помалку значајно е што Мицкоски понесен од примамливоста на популизмот и вмровската анахрона квази патриотска доктрина членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ ги виде повеќе како шанса за промена на власта на предвремени избори, отколку на време да се приклучи кон овој историски успех на Македонија.

Во блокадата на Франција и избрзаната емотивна оставка на Заев, во огорченоста на јавноста Мицкоски препозна лесна можност за освојување на власта. Притоа нескриено беше неговото задоволството од тој морален чин на оставката што го прикажа како неуспех на политиките на владата и премиерот Заев. Но, популизмот не е секогаш исплатлив. Тој знае да се врати како бумеранг.

Трето, храбрите одлуки на премиерите Заев и Алаксис Ципрас, отстапките што беа направени иако не ги загрозуваа ни националниот идентитет, ни суштината на името на државата, ниту јазикот  ги дочека како предавство и капитулација на државата доволни за пад на владата.

Договорот за добрососедство со Бугарија е претставен во јавноста со жестина како да станува збор за објава на војна, за набргу да се претвори само во неспосбност на Заев и на владата и ново предавство на националните интереси и проблематизирање на јазикот. За на крајот Мицкоски да ги прикаже членството во НАТО и почетокот на преговорите како заеднички успех. Односно како што тој нагласува со немушт јазик и на последниот дуел дека тоа што е направено е голема штета и предизвикува незадоволство и горчина, но ќе ја прифати реалноста на потпишаните договори одбегнувајќи и за ова да има јасен став. Идеите за нови подобри договори со Грција и со Бугарија веќе не се спомнуваат како на почетокот, но во незадоволството од отстапките што се направени уште гледа добра база за гласови кај неопределените.

Политизацијата на пандемијата

Пандемијата нигде не помина без политизација, па ни во Македонија. Уште на стартот кога не беше одреден датумот за предвремени избори на 12 април Мицкоски се огласи дека Заев моли бога да стаса пандемијата за да се одложат изборите. За подоцна да бара и самиот одлагање на изборите и прифаќање на кризна, па веќе утредента и на вонредна  состојба кога виде дека ситуацијата е сериозна.

Во изминатите четири месеци постојано се менуваа ставовите на опозицијата и на Мицкоски,  час за олабавување на ограничувањата, час за поголема поддршка на економијата и на оштетените компании и граѓани, повисока социјална помош на сиромашните, поголемо задолжување во странските банки и финансиските светски институции. И обратно, во зависност од дневните политички потреби, спроведување на порестриктивни и построги мерки, подршката на економијата и на социјално загрозните стана предизборна корупција, а задолжувањето преголемио и неповолно, парите за помош на загрозените неефикасно потрошени.

Почна и пазарењето за датумот на избори. Заев почна со 7 и 14 јуни, Мицкоски со средината на јули. Заев покачи на  21 јуни, Мицкоски крајот на август, или почетокот на септември, потоа дојде 28 јуни наспроти септември, или почетокот на октомври за на крајот конечно да се прифати првата понуда на Мицкоски точно средината на јули. При пазарењето за датум на избори Мицкоски ја исфрли примамливата парола не сакам да бидам премиер ако има само еден починат поради небезбедни избори. Сега тоа веќе не се спомнува иако секој ден умираат луѓе од коронавирусот. Исчезна загриженоста за луѓето, а критиката се префрли на здравствените комисии и погрешните  стратегии во борбата со пандемијата на здравствените власти и на министерот за здравство Венко Филипче.

Популизмот и во оваа несреќа е лесно препознатлив. Виновна е владата, но добар е министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Епидемиолозите и медицинските експерти не ги бива, а добри се лекарите и медицинскиот персонал. Министерот Филипче влече погрешни потези и не ги прифаќа советите на партиските експерти, затоа имаме најлоши резултати во справување со епидемијата во целиот регион. Притоа непочитувањето на препораките и забраните не се предмет на осуда, ни со апели, ниту со личен пример на почтување на законските одредби. Тоа се само малубројните контроверзи на ВМРО ДПМНЕ во врска со пандемијата.

Во секој случај Македонија е на една недела пред најзначајните избори во својата 30 годишна историја на независна држава од кои зависи иднината на државата. Гласањето ќе се одржи во ек на пандемија. Излезноста ќе зависи од тоа дали во наредните неколку дена ќе опаѓа бројот на заболени и починати и колку ќе бидат безбедни избирачките места. Ако се суди според посетеноста на кафаните, на движењето на граѓаните и жестокоста на предизборната кампања излезноста од 40 до 50 отсто би била задоволителна и релевантна за веродостојни избори, се рабира, ако се помине во најдобар ред. Мирно и без инциденти.

Тоа што ќе се случува по изборите со преговорите за коалиции и поделба на власта, со вообичаените пазарења и уцени може да биде помачно и од самите пандемични избори.