Што ќе се прави со Скопје 2014?
30 јуни 2017Власта се смени но центарот на Скопје се уште се облекува во барок. Промената во институциите засега нема некое драстично влијание на „Скопје 2014“, чија прашина се уште продолжува да го гуши главниот град. Пари за реконструкција, отстранување или дислоцирање нема и тие би чинеле прескапо, вели за Дојче веле новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски.
„Тоа не го менува ставот којшто го имам не само јас, туку и домашната и меѓународната стручна јавност за тој проект, кој претставува една узурпација и деградација на архитектурата и јавните простори во градот. Ние не се откажуваме од идејата да го вратиме Скопје во сегашноста. Затоа како што најавив, ќе отвориме и јавна расправа на која ќе ги разгледаме предлозите на нашата јавност и граѓани, како и меѓународен конкурс, на кој ќе бараме идеи коишто би ја постигнале таа наша заложба, но без тоа да претставува поголем товар врз буџетот или пак повторно бесполезно трошење парите на граѓаните“, додава Алаѓозовски.
Тој денеска учествува на дебатата организирана од „Плоштад Слобода“ насловена – „Што треба да се прави со Скопје 2014“. Добивањето нова влада повторно го актуелизираше прашањето за барање решенија за поправање на хаотичниот изглед на главниот град. За тоа дали тие би дислоцирале одредени објекти или би ги промениле фасадите тој вели дека објектите кои се под надлежност на Министерството за култура се речиси целосно завршени.
„По направената анализа и пресек на извештаите за реализација на овој проект, во согласност и со ставовите на јавноста, ќе се донесе конкретна одлука за тоа што ќе биде со овој проект.
Што се однесува до фасадите, рефасадирањето на многу објекти се спроведуваше преку Градот Скопје и општините и голем дел од овој проект беше реализиран на еден бизарен начин, вон секоја правна логика, протнувајќи многу споменици и објекти, кои се дел од овој мегаломански зафат, како споменици од локално значење. При тоа, за целиот проект воопшто не се отвори дебата во Собранието, а одлуките ги носеа единиците на локалната самоуправа, пред се Општина Центар и Град Скопје. Министерството за култура, и во овој поглед, ќе се залага за една суштинска и стручна јавна расправа, од која можат да произлезат функционални решенија, а кои нема дополнително да ги оптоварат граѓаните и Буџетот“, додава Алаѓозовски.
Широка стручна расправа и ревизија
Професорката по историја на уметност и археологија Донка Барџиева Трајковска од Центарот за културно наследство вели дека во моментот може само да се почне постапка на ревизија, што досега стручњаците не можеле да го направат. Таа вели дека најголем дел од објектите од овој проект се внесени како меморијални споменици и спомен обележја.
„Тука е куќата на Мајка Тереза, Музејот на ВМРО и тие се внесувани преку Законот за меморијални споменици и обележја, но без почитување на процедурите во Собранието. Споменикот „Воин на коњ“ за кој сите знаеме дека е Александар Македонски не беше ниту поминат во процедура и беше внесен во буџетот како ставка за „заштита на културното наследство“ со што е извршена злоупотреба. Прво е потребна ревизија на законската регулатива, како и враќање на дискусијата во Собрание.
Прво мора да се открие кој и како ги донел одлуките и дали тоа е воопшто законски направено. Треба да се отвори собраниска комисија каде ќе се дискутираат решенијата за овој таканаречен проект. Друг аспект е што е направен упад во културното наследство. Ваков тип на објекти ние не сме имало во нашето традиционално културно наследство. Она пак што е автентично наследство го изгуби статутот на културно наследство, за да се направат барокните фасади. Тоа има криминални аспекти кои треба да ги разгледаат институцииите“, вели Барџиева Трајковска.
Урбанистот Леонора Грчева вели дека јавноста треба да биде вклучена во процесот, но дискусијата треба да биде поткрепена со експертиза, сериозни анализи и истражувања и вклучување на експерти од архитектурата, урбанизмот, градежништвото, економијата, сеизмологијата, историјата на уметноста, правото итн.
„Архитектите и урбанистите, заедно со правниците да спроведат истражувања со кои ќе се одговори на основното прашање: што всушност е „Скопје 2014“, и, кој е законскиот и просторниот опсег на овој никогаш легално дефиниран „проект“. Потребни се анализи на архитектонскиот квалитет, начинот на користење и можностите за иден развој на секоја поединечна зграда или јавен простор; како се користат сега зградите, дали ја извршуваат добро својата функција, дали имаат потенцијал за пренамена или надградба, дали ги задоволуваат сите архитектонски стандарди за квалитет - од безбедносни излези, до пристапи за лица со попреченост во движењето, па до поединечни стандарди кои се однесуваат на различни функции (музеи, архиви итн.). Да се одржат јавни дискусии каде стручно ќе се дискутираат архитектонските, просторните и градските вредности на проектот, и можните сценарија за неговиот архитектонско-урбанистички третман“, вели Грчева која подетално ги анализира сите итни чекори што мора да се преземат во нејзината колумна за порталот Окно (https://okno.mk/node/65050).
Ивана Драгшиќ од Плоштад Слобода вели дека „Скопје 2014" како префинета системска кражба, легализирано уништување на природната средина и културното наследство и загрозување на човечки животи без поднесување одговорност во идеални услови би требало да биде отстранет по тивок, но транспарентен институционален пат.
„А, во нашите услови на политичка траума, сиромашно но поларизирано население, испразнет државен буџет, превработени и окупирани институции, Скопје 2014 треба интердисциплинарно да се преиспита и оцени (иако тоа е апсолвирана тема, овој пат знаењето и податоците мора да влезат во документите и архивите на сите надлежни институции). По институционален и легален пат да се најдат начини: заштитеното културно наследство да се врати во првобитна состојба, коритото на реката вардар да не претставува закана за безбедноста на жителите на Скопје, на станбените згради до кои е спречен пристапот на противпожарни возила да им се обезбеди тоа, да се отстранат сите нефункционални дивоградби, да се отстрани употребениот штетен материјал кој зголемува ризици, наместо да ги намалува, да се регулира снабдувањето со вода, животната средина, сообраќајот и други одредници за достоен градски живот кои се уништени со овој проект“, вели Драгшиќ.
Но кои би биле решенијата? Дали одредени објекти треба да се дислоцираат или урнат? Дали е можна пренамена на објектите од овој проект, за потреби од областа на културата?
Драгшиќ вели тоа е можно, но тоа не може да биде еднократна, самостојна одлука или идеја. „Само процес кој физички и општествено-филозофски ќе го разгледа постоењето на Скопје 2014, процес во кој воедно ќе се реформира и културната политика на земјата, може да каже што со секој посебен објект треба или може да се прави", додава таа.
Ќе се ослободи ли Скопје од лажниот барок?
За Никола Наумоски од истата организација во основа постојат три можни опции за секој објект: да се одржува, да се сруши/дислоцира, или да се пренамени.
„Секоја од овие опции ќе чини пари и од тоа нема бегање. Затоа, стручните луѓе што би го спровеле процесот на справување со последиците од СК2014 ќе мораат да аргументираат научно и стручно за судбината на објектите, а за исправноста на своите одлуки да гарантираат со својот јавен и стручен кредибилитет. Она што е важно е овој процес да биде спротивен од градењето на СК2014, а тоа значи одлуките да не ги носи еден човек или мала група, да се работи транспарентно, да се вклучат експерти и засегнати страни за да се спроведуваат политики базирани на докази.
А сепак, не сите одлуки можат да им се отстапат на научниците и анализите за исплатливост, безбедност и одржливост. Некои од нив се неизбежна политичка обврска за секој трезен и разумен политичар. Тука секако мислам на судбината на споменици на кољачи, содржините во музејот на ВМРО, приватниот плоштад на партијата, кулата на врвот на Водно, бродовите, панорамското тркало“, додава Наумоски.
Скапиот контроверзен проект „Скопје 2014“ ги чинеше граѓаните најмалку 600 милиони евра, сума која се уште се зголемува..