1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрајк во Луфтханза - сообраќајот досега редовен

ДПА / З.Ј.28 јули 2008

На полноќ започна временски неограничен штрајк на аеродромскиот персонал на германската авиокомпанија Луфтханза. 50 илјади вработени бараат повисоки плати. Сообраќајот досега не е нарушен.

https://p.dw.com/p/ElJB
Штрајкувачите на ЛуфтханзаФотографија: AP

Првиот временски неограничен штрајк во Луфтханза за последните 13 години, и тоа среде сезоната на годишни одмори, досега минува без посебна драматика. Денеска тежишта се аеродромите во Франкфурт и Хамбург. Според наводи од синдикатот, околу 5 илјади работници штрајкуваат, само во Франкфурт 2500 ја прекинаа работата. Станува збор главно за вработени во одржување на авионите и за нивно снабдување со оброци и пијалоци. Во штрајкот не учествуваат пилоти и кабински персонал, кои се организирани во други синдикати.

„80 проценти од колегите од ноќната смена се одзваа на повикот за штрајк, а сега гледаме дека целосно им се придружи утринската смена. Значи, имаме добро учество и задоволни сме“ - соопшти претпладнето претставник на синдикатот вер.ди на аеродромот во Франкфурт.


Реализирани сите 600 предвидени летови


Но, тоа сепак не предизвика нарушувања на редовниот сообраќај. „Досега сите летови се точно на време и влијанијата на штрајкот за нас се’ уште не се чувствителни, оти мерките што во меѓувреме ги презедовме за последиците да бидат колку што е можно помали за патниците, очигледно дејствуваат“, изјави на телевизија портпаролот на Луфтханза Клаус Валтер.

Од компанијата не сакаа да соопштат подробности за какви мерки станува збор. Реализирани се сите со планот предвидени 600 летови. Во споредба со нормалните денови во Франкфурт е денеска релативно мирно. Многумина од патниците веројатно се определиле за некакво алтернативно решение, бидејќи штрајкот беше од порано најавен.


Штрајкот ќе ја чини Луфтхаза пет милиони евра дневно


Последиците од штрајкот вистински ќе се почувствуваат дури по неколку денови, веројатно во четврток или петок, велат синдикалистите. Нивни проценки се дека штрајкот ќе го чини претпријатието пет милиони евра дневно. Синдикатите бараат повисоки плати за 9,8 проценти и договор со важност за една година, Луфтханза нуди 6,7 и тоа постапно и со важност за 21 месец и една еднократна исплата. Шефот на одделот за комуникација Клаус Валтер преку телевизија упати апел за враќање кон преговори. Водачот на преговорите од синдикална страна Ерхард От го услови тоа со поднесување подобрена понуда од страна на Луфтханза.

Од штрајкот во Луфтханза профитира Ер Берлин. Таму во изминатите денови значително е зголемен бројот на резервациина домашните и европските линии, па дури во некои случаи морале да бидат ангажирани поголеми авиони од предвидените, соопшти претставничка на втората по големина германска авиокомпанија.

►◄