1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрајкот во „Луфтханза“ ќе донесе загуба од 100 милиони евра

22 февруари 2010

Пилотите на Луфтханза од денеска се во штрајк. Раководството на најголемата германска компанија не успеа да се договори со синдикатот кој бара зголемување на платите и задржување на сите работни места во Германија.

https://p.dw.com/p/M89r
Пилотите на „Луфтханза“ за време на протестот на аеродромот во ФранкфуртФотографија: AP

Повеќе од 4 илјади пилоти денеска не се појавија на работните места, што предизвика откажување на повеќе од 300 летови, но не и хаос на аеродромите, како што се очекуваше.

Шрајкот во „Луфтханза“ досега не предизвика поголеми проблеми во одвивањето на авионскиот сообраќај во Германија. Само денеска откажани се повеќе од 300 летови на компанијата, но поголемиот дел од патниците биле навреме информирани, па најверојатно успеале да ги заменат или откажат своите летови.

Патниците кои се соочени со откажување на летовите велат:

„Засега сме тука, но од Франкфурт за Берлин во вонреден случај може да патуваме и со воз .“

„Се’ разбира дека нервира. Сега мора да чекаме.“

Поделени се и реакциите меѓу патниците околу тоа колу се оправдани барањата на пилотите:

„Мислам не е бесмислено, но сметам дека е малку претерано. Други професионални групи би имале повеќе причина за штрајк.“

Иако формално, пилотите на Луфтханза бараат покачување на платите за 6 проценти, тоа не е вистинската причина за нивниот штрајк. Нивниот синдикат „Кокпит“ всушност бара поголемо учество во донесувањето на клучните одлуки во компанијата, особено за оние кои се однесуваат на префрлањето на работата на помалите филијали на фирмата заради заштеда на трошоците.

Токму од тие причини, раководството на „Луфтханза“ денеска поднесе тужба против синдикатот со барање да запре четиридневниот штрајк, кој го оценија како „неоправдан“.

Почетната плата во „Луфтханза“- 60 илјади евра

Lufthansa Pilotenstreik
Патниците се пренасочуваат кон други компании или добиваат билети за возФотографија: AP

Печатот во земјата во изминатите денови беше полн со коментари за штрајкот, најголемиот дел негативни на сметка на пилотите. Интернет изданието на „Дер Шпигл“ пресмета дека почетната плата на еден пилот на Луфтханза изнесува 60 илјади евра годишно, а искусните пилоти добиваат и до 240 илјади за година. За споредба, платите на пилотите кај најголемиот конкурент на „Луфтханза“, „Ер Берлин“ се за една третина помали.

Засега мала е надежта дека до четврток, до кога е најавен штрајкот, преговорите меѓу синдикатот и раководството на компанијата ќе донесат резултат. Портпаролот на „Кокпит“, Јерг Хандверк потврди дека во пресрет на штрајкот воопшто и не контактирале со раководството.

„За жал раководството на концернот, не е во состојба без предуслови, кои би воделе до укинување на постоечките тарифни преговори, да води разговори, тоа не можеме да го прифатиме.“

Портпаролот на „Луфтханза“ Клаус Валтер соопшти дека последиците по компанијата, која веќе неколку години се соочува со тешка криза и пад на прометот, можат да бидат катастрофални. „Четирите денови штрајк ќе не‘ чинат околу 100 милиони евра, не сметајќи ја тука штетата врз угледот на фирмата“.

Aвтор: БГ/АТ/дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска