1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шулц: Македонија, Албанија и Србија се на вистинскиот пат

Елиана Џани / Превод: Александар Методијев10 ноември 2012

Европскиот парламент останува на поддршката за визната либерализација. Сепак, земјите од Балканот треба да поработат на спречувањето на лажните азиланти, укажува претседателот на ЕП Мартин Шулц во интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/16gXp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле: Во ЕУ во моментов се разговара за суспендирање на безвизниот режим за балканските земји - Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и Србија. Причината е зголемениот број на баратели на азил, главно Роми од Србија и Македонија, кои ги користат социјални бенефиции за барателите на азил. Тоа би значело голем неуспех за сите, а особено за младите во овие земји, кои на укинувањето на визите гледаат како на чекор кон ЕУ. Исто така со ова паушално ќе бидат казнети и оние кои не ги прекришиле условите за визната либерализација. Каква позиција има Парламентот за ова прашање?

Мартин Шулц: Со визната либерализација истовремено беше воведен и механизам за следење со цел да се оцени спроведувањето на сите мерки и реформи договорени во рамките на дијалогот за визите. Европската комисија неодамна поднесе детален извештај за тоа. Во моментот Парламентот работи преку својата специјална комисија на механизмот за привремено укинување на безвизниот режим и за тоа води преговори со Советот на министри. Тамошните дебати не можам и не сакам да ги прејудицирам. За Европскиот парламент визната либерализација за граѓаните од западнобалканските земји, во текот на интеграцијата во ЕУ, е една од најреалните придобивки и јасен поттик да се унапредат реформите во правосудството и внатрешните работи.

EU Präsident Europa Parlament Martin Schulz
Визната либерализација е една од најреалните придобивки за граѓаните од Западен Балкан во приближувањето кон ЕУФотографија: Reuters

Дојче веле: Балканските земји се обидуваат да ги запрат злоупотребите. Што би можеле вие во оваа смисла уште да направите?

Мартин Шулц: Всушност може уште многу да се направи за да се спречи злоупотребата. Мора да се интензивираат напорите за идентификување на „шверцерите“, како што се туристичките агенции или транспортните компании, но исто така и да се подобрат контролите при излегувањата од земјата. Ветувачки ми се чинат информативните кампањи за истакнување на последиците од злоупотребата на визната либерализација. Пред се’ мора да се подобри поддршката за малцинствата, посебно за ромската заедница.

Дојче веле: Пред неколку недели беше презентиран извештајот за напредокот од страна на Европската комисија. Вестите за Албанија, Македонија и Србија беа добри. Изгледите за пристапување се поврзани со тешки услови. Каков временски период гледате како веројатен за прием на овие земји?

Мартин Шулц: Извештаите за проширувањето на комесарот Филе за Албанија, Македонија и Србија беа позитивни. Сега и овде да се шпекулира за временски момент на прием сметам дека не и’ одговара на таа цел. Јасно е дека овие земји имаат европска перспектива. Но, исто така е јасно и дека за да можат да и’ се приклучат на ЕУ мораат да се исполнат сите критериуми – Копенхашките критериуми, како и демократско владеење на правото, почитување на човековите и граѓански права, почитување и заштита на малцинствата, функционална пазарна економија, како и преземање на целото законодавство на ЕУ, т.н. „Аки комунитер“. Без исполнување на овие критериуми, не може да има пристапување кон ЕУ. Сепак, Албанија, Македонија и Србија се на вистинскиот пат.