Ѓукановиќ се повлече, за повторно да се врати?
28 октомври 2016Во некоја друга земја таа вест не би била толку бизарна: претседателот на најсилната партија и истовремено премиер, по тесната победа на изборите не сака повеќе да биде мандатар за состав на новата влада. Во Црна Гора таа вест беше примена со чудење. По 27 години, како функционер на Комунистичката партија, премиер и претседател, Мило Ѓукановиќ повеќе нема да биде судбина на малата балканска земја и нема да управува со нејзините 625 илјади граѓани.
Тоа не е новина. Ѓукановиќ веќе двапати официјално се повлекуваше од политиката. Првиот пат тоа беше во октомври 2006 година. Веќе во февруари 2008 повторно беше премиер. Истата слика и во 2010 година: Ѓукановиќ поднесува оставка и „прави место за новите генерации“, како што тогаш рече. Тоа место лично го презеде повторно во 2012 и тоа како премиер.
По парламентарните избори одржани во октомври, земјата е во пат позиција. Иако неговата Демократска партија на социјалистите (ДПС) освои мнозинство мандати, легитимитетот на Ѓукановиќ никогаш не бил толку спорен. Со 36 од вкупно 81 мандат, на Ѓукановиќ му недостасува апсолутно мнозинство. Три опозициски групи и партии кои порано беа блиски до власта, а во меѓувреме ја сменија страна, вкупно имаат 39 мандати.
Голема улога во битката за власт можат да имаат и малцинските партии на Бошњаците, Хрватите и Албанците кои досега беа сметани за „природни партнери“ на Ѓукановиќ. Кон нив треба да се додадат и двата мандати на сателитските партии на ДПС. Таквата мнозинска влада е многу проблематична и опозицијата вредно работи на тоа да ја поткопа. Таа на претставниците на малцинствата им ја нуди и премиерската функција само да се ослободи од Ѓукановиќ.
Владеење од сенка
Гледано надворешно-политички, Ѓукановиќ е гарант за врската на малата земја со НАТО и нејзино приближување кон ЕУ. На геополитичката шаховска табла оваа земја би можела да привлече уште поголемо внимание. Причината е ривалството меѓу Русија и Западот. Поради тоа Ѓукановиќ не може да си дозволи повеќе во своето авторитарно владеење одошто западните демократии вообичаено толерираат. Сѐ додека дел од опозицијата покажува „традиционална“ црногорска љубов кон Русија, Ѓукановиќ и натаму ќе биде „прозападен политичар“.
Неговото големо богатство, неговиот владејачки клан и цврстите узди со кои управува со медиумите, им пречат и на многу негови симпатизери. Но, алтернатива нема. И покрај сѐ, тој и во наредните години ќе биде носител на моќта во Црна Гора. Притоа е сосема сеедно дали во 2018 ќе се кандидира за претседателската функција и според Путиновиот принцип ќе шета меѓу двете најважни функции во државата или за сѐ ќе одлучува од сенка. Дури и откако Душко Маровиќ наскоро ќе ја преземе премиерската должност, тој, како впрочем и сите останати во Црна Гора, нема лесно да мине покрај Мило, како што Ѓукановиќ го нарекуваат и пријателите и непријателите.