1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавната пропаганда оставена без правила

23 август 2018

Водењето јавна пропаганда мора да се регулира со посебен правилник на ДИК, за да се прецизира под кои услови здруженија, поединци или групи може да ја водат, и да се реагира ако ја злоупотребат, укажуваат експерти.

https://p.dw.com/p/33c86
Mazedonien Zentrale Wahlkommission
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Никој не знае под кои услови здруженија, поединци или групи може да водат јавна пропаганда за референдумот, бидејќи такви услови засега не се пропишани. Познавачите на законската регулатива во оваа област, сметаат дека ДИК ова прашање мора да го регулира со посебен правилник.

„Ова може да создаде проблеми, бидејќи е оставен простор јавната пропаганда да трае од распишување на референдумот до 48 часа пред денот на гласање, а покрај Собранието како овластен предлагач, не е регулирано кои се 'останататите' кои може да водат пропаганда“, укажува поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски.

„Како ќе се контролира нивното учество, кога тие не се должни да се пријават. Јавната пропаганда мора да биде регулирана со посебен правилник и да се знае дека Собранието е предлагач, односно партите во него, а за сите други - дали се тоа здруженија, поединци или групи, ДИК треба да заземе став дали и под кои услови може да водат јавна пропаганда. И да се знае од каде се средствата со кои се води јавната пропаганда“, објаснува Новаковски.

Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

Според него, мора да се донесе и попрецизно упатство во однос на начинот на водење на пропагандата, за да може ДИК да реагира ако таа се злоупотребува.

„Ова е многу суштинско и сериозно прашање, кое засега генерации. Се одредува иднината на државата, се даваат насоки за влез во Унии со други држави и за влез во меѓународни организации. Затоа мора дебата да биде мирна, транспарентна, да се води аргументирано. Пред се, преку јавната пропаганда мора да се избегнат поделбите по која било основа. Затоа е неопходна регулација. Тоа е суштината на демократијата и владеење на правото“, потенцира Новаковски.

Опозицијата не се изјаснува

Во моментов не се знае како ќе ја водат јавната пропаганда ни партиите, односно пратеничките групи застапени во Собранието. Единствено е јасно дека парламентот ќе добие еден милион и триста илјади евра за референдумската кампања. Одлуката ја донесе Владата вчера, откако Законодавниот дом со допис побарал да му бидат обезбедени финансиски средства за водење јавна пропаганда. 

„Владата донесе одлука со која го задолжи Министерството за финансии да подготви предлог-одлука за обезбедување на 80 милиони денари од тековната буџетска резерва кои ќе бидат ставени на располагање за спроведување кампања, врз основа на одобрен план, на Собранието на Република Македонија, како овластен предлагач на референдумот. Доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие ќе бидат вратени во Буџетот на Република Македонија“ - Влада на Република Македонија. 

Mazedonien Hristijan Mickovski Parteichef der oppositionellen VMRO DPMNE
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Право на користење на овие средства имаат сите пратеници кои ќе водат кампања - без разлика дали ќе се залагаат „за“, „против“ или за бојкот. Односно, вкупната сума се дели на сите 120 пратеници, а средствата кои нема да бидат потрошени - остануваат во буџетот.

Од ВМРО-ДПМНЕ до вчера се уште немаше одговор дали и како ќе ја водат кампањата. Единствено пратеникот Панчо Минов од партијата ГРОМ која е дел од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, изнесе личен став дека граѓаните треба да бидат оставени сами, слободно и демократски да оценат како ќе постапат.

Поддршка од Меркел

Додека најголемата опозициска партија и натаму молчи и не го соопштува ставот за референдумот, од европски политичари стигнува поддршка за плебисцитарното изјаснување. Како што соопшти Владата, германската канцеларка Ангела Меркел во телефонски разговор со премиерот Заев го поддржала престојниот референдум.

„Канцеларката Меркел ја потврди поддршката на Германија за постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција, кој го решава долгогодишниот спор, што беше главна пречка за членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Во таа насока заеднички е заклучено дека референдумот е врвен демократски чин и одраз на определбата на граѓаните за иднината на државата“, соопшти Владата.

Deutschland Bundekanzlerin Angela Merkel in Meseberg
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Во разговор за МИА, поддршка за референдумот стигна и од еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

„Ова е избор меѓу пат свртен кон иднината на ЕУ-интеграцијата со конкретни бенефити за граѓаните како владеењето на правото, атркативност за странските инвеститори и повеќе работни места, или пат свртен кон изолација, стагнација и пропуштање на единствена шанса за напредок во клучни области (...) Изборот е помеѓу држење до стари националистчки концепти или прифаќање на иднината на земјата, со реформи и со интеграција во ЕУ и НАТО“, компарира Хан.

Тој вели дека граѓаните треба да бидат свесни дека со референдумот им се нуди шанса да да гласаат за да ја обликуваат својата, и иднината на земјата. Притоа одговори и што мисли за движењето кое повикува на бојкот на референдумот. „Многу жалам што во мигови кога е потребно национално единство за да се прифати направениот извонреден напредок, се уште има актери кои повеќе сакаат опструкција отколку конструктивна работа во интерес на иднината на земјата“, оцени Хан.