1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јавниот долг во „рикверц“- реално остварливо сценарио

Костадин Делимитов
24 февруари 2018

Фискалната политика на владата дава надеж дека јавниот долг може осетно да се намали. Промените се можни но не преку ноќ, предупредуваат експертите.

https://p.dw.com/p/2tEPU
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Со умерено трошење и добра економска политика Македонија може да се врати во категоријата на ниско задолжени држави. По неколкугодишно забрзано темпо на „билдање“ на задолжувањето, фискалната политика на  актуелната власт дава надеж дека учеството на јавниот долг во бруто домашниот производ може значително да се намали. Првите сигнали се веќе видливи и охрабрувачки:

„Ние поминавме период во кој јавниот долг од под 30% од БДП се зголеми на над 50%, што е брз раст и предизвикува структурни проблеми. Тој се должеше на прекумерно задолжување и на релативно високите дефицити придружени со релативно ниски стапки на економски раст. Сега од таа состојба претпоставуваме сите дека излез почнува да се гледа, но тоа нема да биде ниту лесно ниту брзо да се оствари “, коментира Никола Поповски, универзитетски професор и поранешен министер за финансии.

Охрабрувачки сигнали

Намалената стапка на задолжување, понискиот дефицит и повисокиот проектиран раст се параметри кои ветуваат  позитивни промени:

„Првата година не е лоша затоа што покажа знаци на ревитализација со намалување на јавниот долг и на дефицитот. Се разбира дека оваа еврообврзница што се зема е релативно висока по обем, но од друга страна во наредните 16 до 18 месеци веројатно ќе нема потреба од такви задолжувања во странство па полека ќе опаѓа јавниот долг и на некој начин ќе се компензира. Стапката на задолжување се намали, дефицитот е позициониран на ниво на околу 2,7% од БДП што значи со стапка на раст од над 3% колку што е планирано ние ќе го намалиме учеството на јавниот долг во БДП. Но тоа е незначително. Дефицитот е сметководствена категорија, тој ќе се оствари веројатно, а за растот ќе почекаме да видиме дали прогнозите на владата се точни. Може да се случи и удар врз растот на економијата и однапред ништо не можеме да бидеме сигурни“, смета Поповски.  

Gebäude der Ministerien für Finanzen Soziales und Kommunale Selbstverwaltung
Фотографија: Petr Stojanovski

Повеќе:

-ММФ: На Западниот Балкан му е потребен инфраструктурен бум

-Социјална пензија за социјален мир!

-Светска Банка: Охрабрувачки прогнози за растот во Македонија

Првичните сигнали се охрабрувачки и навестуваат промени, но дали тие се доволни за македонската економија да влезе во помирни и попредвидливи води? Во услови на зависност на Македонија од глобалните случувања експертската јавност предупредува дека Македонија мора да биде посебно внимателна, пред се во делот на расходната страна. Клучно според Поповски е да се води порестриктивна фискална и малку подобра економска политика:

„Со оглед на предизвиците на Македонската економија и нејзината многу голема изложеност на глобалните движења кои веднаш се пресликуваат кај нас, ние треба да сме подготвени, посебно при негативни движења кои не можеме да ги издржиме. Затоа треба да сме подготвени да ја намалиме стапката на задолженост под 40%. Јас сметам дека таа треба да се намали за околу 10% во учеството на јавниот долг во БДП. Тоа би можело да се оствари преку намалување на дефицитот некаде до 2% и покачување на стапката на раст до 4 па и 5%. Тоа во период 3 до 4 години ќе ја спушти задолженоста некаде на 40%  и ќе влеземе во зоната на ниско задолжени земји. Во таков случај би биле кредитно поспособни со ниски камати да се финансираме и економијата ќе може да се развива затоа што нема да има фискална пресија врз даночните обврзници. Сега е тоа на владата дали ќе ја прифати таа политика или не. Тоа бара да се биде порестриктивни во трошењата, да се подигне растот на економијата со други мерки, не само фискални за да се ослободи простор да се намали задолженоста која понатаму ќе биде благопријатна затоа што ќе немаме високи отплати ниту пак поголема зависност на јавните финансии од дополнителни извори“, укажува Поповски.

Во рамки на регионалниот просек

Позитивни сигнали детектира и монетарната власт, од каде сепак се предупредува и на потребата од внимателност од евентуални надворешни удари врз домашната економија:

Македонската економија сепак треба да биде внимателна, треба да биде добро подготвена. Изминатиот период и ние презедовме низа мерки со кои што го зајакнавме банкарскиот сектор. За владините финансии веќе имаме намалување на буџетскиот дефицит во последните неколку години. Верувам дека во наредниот период ќе дојде до стабилизирање на јавниот долг. Фактот што во јануари беше издадена еврообврзница во многу поволен амбиент има позитивно значење, односно се избегнува периодот на нестабилност кој што може да следи во текот на годината и со тоа се обезбедени финансиите до средината на наредната година. Тоа дава уверување дека македонската економија е добро подготвена за евентуални турбуленции на светските пазари“, смета гувернерот на Народната банка Димитар Богов.

Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со ниво на јавен долг од 46,7% од БДП Македонија е во редот на умерено задолжени држави. Меѓународниот монетарен фонд во последната анализа посветена на Западниот Балкан забележа дека Македонија според овој параметар е во рамки на регионалниот просек, односно не е загрозена од висок јавен долг. Сепак монетарците укажуваат на предизвикот за сервисирање на дефицитот и јавниот долг во наредната година за што ќе бидат потребни околу 15% од Бруто домашниот производ.

Она што е клучно за Македонија, а што е стратегија и на актуелната Влада, е што процесот на стабилизација на домашната економија веќе стартува преку стабилизирање на јавните финансии и стегање на ременот. Ваквите мерки се можеби непопуларни, но дефинитивно и неопходни посебно по децениската политика на растрошност на минатата власт која за период од осум години успеа двојно да го зголеми нивото на јавниот долг. Од 23% во 2008 на 48,5% од БДП во 2016. Во последниот квартал од минатата година јавниот долг се намали на 46,7% од БДП.