Јавните собири под удар на коронавирусот
28 февруари 2020Короновавирусот ги носи во неизвесност одржувањата на сите манифестации од масовен карактер, што особено може да се одрази на активностите во предизборниот период во земјава, поврзани со одржувањето на бројни партиски митинзи. Од ДУИ вчера изјавија дека донеле одлука за редуцирање на партиските активности во неопределен период, заради спречување на ширењето на коронавирусот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, запрашан дали по неодамнешниот ќе продолжат и со други протести, имајќи ја предвид појавата на коронавирусот и апелот да нема поголеми собири, одговори со критика до опонентите.
„Најсреќни би биле исплашените од СДСМ да го користат коронавирусот како изговор за ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизира народот во оваа држава. Тие, претпоставувам, молеа Бога да се случи сето ова за ВМРО-ДПМНЕ да не излегува заедно со народот и да протестира против она лицемерие што денеска е секојдневие во Македонија, за жал. Чекорите на ВМРО-ДПМНЕ во следниот период благовремено ќе ги презентираме пред јавноста. Да почекаме, одиме чекор по чекор, внимателно, за да не се создадат какви било причини од страна на исплашените од СДСМ да можат да го злоупотребат тоа против народот и против ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мицкоски.
Зависи од ситуацијата
Во моментов, партиите оправдано немаат одговор како ќе ги димензионираат активностите во контекст на потенцијално проширување на вирусот. Најчестите одговори се - „се` зависи од ситуацијата“, „тековно ќе се прилагодуваме“, „не можеме да предвидиме, но се надеваме дека се ќе биде во ред“.
Според епидемиолози, поризични се сметаат собирите во затворен простор отколку оние на отворен простор, доколку има минумум дистанца меѓу луѓето од два метра. Но, при масовни собири, тешко е да се биде сигурен дека ќе биде обезбедена таква дистанца.
Митинзите и други собиринема да бидат единствената грижа за надлежните. Изборите ќе се одржат на 12 -ти април, на денот кога католичките верници го слават Велигден, а според најавите, голем број македонски иселеници празничните денови ќе ги искористат за посета на татковината и за гласање. Не може да се претпостави дали и со кое темпо дотогаш може да прогресира вирусот, но и колку од нашите државјани би дошле од т.н. ризични подрачја.
Карневалите ќе бидат откажани
Иако во изминатите денови течеа интензивни подготовки и беше најавено како сосема извесно одржувањето на реномираниот Струмички карневал, еден ден пред неговиот почеток стигнуваат информации дека тој ќе биде откажан. Ова го објави Радио Струмицанет, повикувајќи се на потврда од градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, а соопштувајќи и дека нема да се одржи ни маскенбалот во струмичкиот хотел „Сириус“ кадешто се избираат принц и принцеза за карневалот, ниту Детскиот карневал планиран за в недела, на Прочка. Според Радио Струмицанет, ова било обелоденето по синоќешниот состанок што градоначалникот го одржал со Организацискиот одбор на карневалот, и по комуникацијата со надлежните институции задолжени за следење на состојбата со коронавирусот. Според извори од Организацискиот одбор, неколку странски карневалски групи кои требало да пристигнат денеска, вчера попладне веќе го откажале учеството на Струмичкиот карневал.
Според медиумот, се очекува Владата на денешната претпладневна седница да донесе одлука со која ќе препорача или забрани одржување масовни јавни собири во наредните денови , врз основа на предлогот што синоќа го утврдил Управувачкиот комитет. Покрај карневалите во Струмица и Прилеп, можно е со одлуката да бидат опфатени и други манифестации и спортски натпревари.