1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белчева: Не сакам да сум дел од конформистичко мнозинство

БГ
6 мај 2020

Општина Центар тоне и се движи во обратна насока од она што се случува на централно ниво, вели во интервју за ДВ поранешната претседателка на Советот, Јана Белчева- Андреевска, која деновиве поднесе оставка

https://p.dw.com/p/3brze
Nord-Mazedonien Jana Belceva Andreevska, Lokalpolitikerin aus Skopje
Фотографија: Jana Belceva Andreevska

ДВ: Не така одамна Општина Центар беше симбол на отпорот против една аздисана власт, и практично преку трипати повторуваните избори во неа се отворија и првите пукнатини во она што наликуваше на монолитен режим. Читајќи го образложението на Вашата оставка, се добива впечаток дека не се промениле многу нешта на подобро оттогаш и покрај промената на власта?

Јана Белчева- Андреевска: Промената на власт во Центар, во момент кога целата држава беше под режим, ја направи општината „слободна територија“. Тоа беше неоспорен момент, и тука се случија акции на отпор кои ги разбудија и ги поттикнаа граѓаните дека промени се можни, покажа пркос кон дивеењето на власта на локално и државно ниво.  Со промената на власта се донесе демократски напредок на државно ниво и напредок наспроти режимското владеење во минатото, а со тие промени се очекуваше да се смени дотогашниот начин на локално управување и решавање на локални проблеми во Општината. Локалната самоуправа е многу важна за директниот квалитет на живот на граѓаните. Нема да зборувам како се одвивале работите во текот на мандатот на претходниот градоначалник, но сведок сум како се одвиваат сега. Општините се одговорни за низа области во моментов, од уредувањето на просторот; планирањето на градби за домување, но и за школување, за култура, за спорт, за рекреација, паркови, игралишта; одржувањето на хигиената и справувањето со отпадот; заштитата и безбедноста на граѓаните; сервисите на основно, средно и предучилишно образование; обезбедување комунална инфраструктура; квалитет на животната средина или она што влијае на квалитетот на нивниот живот. Не се случајно овие области децентрализирани. Тие се директно поврзани со луѓето и за секој нивен проблем токму локалната управа треба да биде место каде ќе се обратат и ќе побараат поддршка и помош. Многу предизвици од живеењето се директно поврзани со она што се одлучува на ниво на општина, и затоа општинските советници и општинското раководство треба да се запознаени со состојбите и проблемите на своите сожители и соседи и да работат на нивно решавање. Советот треба да ги дава насоките на делување на општината, да има споделени стратешки цели кои менаџментот ќе ги спроведува преку администрацијата. Центар во моментов нема стратегија и нема цели кои се обидува да ги реализира. И се додека процесите се одвиваат на стариот прифатен начин и не се модернизира и осовремени работењето, се додека има отпор кој се гледа во едноставната фраза: „не може така, .... секогаш вака сме правеле...„ ние не сме го смениле курсот и не можеме да кажеме дека ќе оствариме конкретни цели. А локалните цели треба да придонесат кон остварување на националните цели, особено оние кои се прифатени и со меѓународни конвенции како ООН Одржливите цели, а кои се локализираат во мерењата за да се следи и мониторира промената. Жал ми е што отворено ќе кажам дека ставивме на хартија цели кон кои заеднички ќе се стремиме со градоначалникот, 43 точки од Платформа „Здравје пред профит“. Таа граѓанска и надпартиска платформа стана низа на ветувања кои не се остварија, а довербата на граѓаните здружени околу таа платформа се изигра. Центар сака да се рекламира со тотално несуштински активности, а тоа ја потврдува безидејноста и потребата од сликање, наместо вртење на кормилото кон прогрес што ќе се почувствува.

ДВ: Во еден разговор деновиве рековте дека Општина Центар дозволува назадни, ризични, конзервативни и нетранспарентни процеси. Можете ли да бидете малку поконкретни во овие оценки. Кои се точно тие процеси?

Ќе почнам со нетранспарентноста која ме вџашува и од која сум искрено запрепастена дека не се поправа. Општината на својата веб страна нема објавено податоци како финансиски извештаи кои се разбирливи за граѓаните и кои ќе ја покажат отчетноста и одговорноста во располагањето со општинските средства. Иако е законска обврска, Планот за јавни набавки се крие, па ниту Советот го нема добиено. Наједноставната информација за одговорни лица по сектори и нивни контакти ја нема на интернет. Реализацијата на програми и проекти е невозможно да се утврди, камо ли да биде лесно пронајдена, а тоа се основните информации за на интернет. Јас и при расправата на донесување програми за работа и буџет за 2020 реков дека во ниту една програма не се споменува потребата од транспарентност, отчетност и дигитални услуги кон граѓаните на локално ниво. Крајно нејасно е зошто општината дозволува да падне над 10 индексни поени по транспарентноста, но тоа како и да не ја загрижува па не предлага никакви мерки за подобрување. Со амандман побарав да се одвојат средства, но и да се креира тим кој ќе работи на ова. Сите мои амандмански предлози беа одбиени, а се однесуваа на: интерактивна, отворена, ажурирана и функционална Веб-страница и достапни контакт електронски мејл адреси од сите раководители на сектори; овозможување на дигитални услуги за граѓаните кои се поставени на платформата на Министерство за инфоратичко општество и администрација; за приклучување кон отворено финансирање (open finance) програмата на Владата; за креирање на отворени податочни сетови според препораки на ЕУ; за креирање на отворени геоинформатички сервиси за пребарување информации по градежни парцели и подобрување на сега нетранспарентниот процес, без точен увид каде се или не се издава одобрение, а според барањето од платформата за: Транспарентност при издавање градежни дозволи.

Nord-Mazedonien Jana Belceva Andreevska, Lokalpolitikerin aus Skopje
Белчева- Андреевска на седница на Советот на општина ЦентарФотографија: Jana Belceva Andreevska

Од како влегов во општината се обидував да добијам поддршка за промени во деловникот на општината кои ќе водат кон поголема граѓанска партиципативност, но и појасна видливост за работата на секој советник. Предлагав записниците да содржат информации за изјаснувањата на советниците по одредени точки, а не само дали земале учество во расправа, но немав поддршка и до ден денес во нив нема да добиете вистинска слика за работата на вашите претставници. Побарав систем на објава на предлог одлуките со кој ќе се овозможи коментар или предлог од граѓани, слично на ЕНЕР системот на Влада. И ова беше одбиено повеќепати. Се ова ми зборува дека во Општина Центар ние тонеме и се движиме во обратна насока од она што се случува на централно ниво, но тоа како да се толерира, и не се посочува како слабост која мора да се поправи. За мене беше неприфатливо и до ден денес сметам дека овие промени е недозволиво да се одбиваат.
И за крај ќе кажам дека доаѓајќи професионално од област која се занимава со дигитална трансформација, сметав дека Општина Центар треба да е предводник на промени и во технолошка смисла. Дигиталната трансформација на општината и нејзиното функционирање ги сметам за суштински важни, за да се обезбеди средина за работа во која ќе се располага со податоци, процесите ќе се забрзаат и ќе станат поефикасни, а анализите ќе служат за подобро донесувања на одлуки. Центар има покриеност со мрежа и одлична интернет конекција. Центар има услови и можности и мораше да се покаже како предводник на промените. Тоа се случи со одржување на е-седница и пред Уредбата на Владата, но после две седници онлајн, кога се обидов да вклучам и јавност на седницата, Советниците одлучија да се вратат на работење во живо. Тоа придвижување чекор напред, па за брзо два назад ме поразува, но ете се случува.

ДВ: Во објавата на Фејсбук говорите за групна хармонија која нема партија и идеологија. Од тоа произлегува дека одлуки во општината се носат врз база на некои други интереси. Кои се и чии се тие интереси?

Овој Совет го изгласа етичкиот кодекс. И за негово прифаќање имаше многу отпор, многу негативни коментари, а тој само ги потсетува советниците дека се во општината за граѓаните, дека со секоја одлука која ја носат мора да внимаваат какви реперкусии ќе има по квалитетот на услуги кои им се даваат на граѓаните, дека не смеат да гледаат на работите од лична перспектива и за личен интерес, туку за повисоки цели, за мнозинството луѓе, сограѓани и секако за ранливите групи. Но, таа хармонија која се воспоставува за да со мнозинство се донесуваат одлуки без потребно образложение и објаснување, без анализа, без податоци кои ќе поткрепат дека тоа е исправниот модел за решавање на проблемот лесно се создава, кога наместо јавниот интерес се гледа личниот интерес или многу често се гледа како да му се удоволи на предлогот на градоначалникот. Затоа и реков: Донесувањето лоши одлуки е најчесто ако се преферира групна хармонија над независноста на мислата, над аргументите и анализираните достапни информации. Надпартиското здружување во Центар се потхранува и со него се тргува, а тоа води кон неефективно и штетно донесување одлуки. Таа групна хармонија во Центар не е партиска, нема идеологија, туку е со друга поларизација, па затоа се случуваат екстремни, ризични, конзервативни или назадни решенија. Приклонувањето значи и лично помирување дека понапредни, поразумни или стручно/научно сугерирани одлуки се невозможни.
Не можам да се приклонам кон група во која мнозинството не е спремно за прогрес, не сакам да сум во мнозинство кое лесно се приклонува калкулирајќи со личен бенефит или комфор, не сакам да сум дел од тим без желба за транспарентност, споделување, но и знаење потребно за да донесат одлуки. Ќе ви дадам и неколу примери. Мнозинството на последната седница на Советот одби предлог одлука за одбележување на денот на Европа, 9 мај, во момент кога нашата земја цели да стане членка на ЕУ, истото тоа мнозинство одби да одобри адаптација на празните простории на ПОЦ за НВО за жените жртви на семејно насилство во момент кога истото бележи нагорна линија. Општина Центар како главен  спонзор на КК Работнички има донесено одлуки да му се даде на клубот користење на спортските сали во училиштата на Општината без надоместок, а со цел да се врши комерцијална дејност и тренинг на ученици.
Бизнис интересите не смеат да надвладеат, а балансот мора да биде направен од силни и професионални институции. Затоа и Центар треба да се трансформира, модернизира и професионализира.

ДВ: Сте ги информирале ли надлежните државни институции за неправилностите кои сте ги забележале во работата на општината? Доколку такви неправилности постојат претпоставувам дека има простор за реакција на владата, обвинителството или антикорупциската комисија?

Јас многу отворено и јавно зборував за проблемите кои се наследени, за незаконитоста во урбнистичките планови, за пропустите кои се направени со прекршување на параметри или недозволени решенија кои треба да се спроведат ако тие планови се реализираат. Така се стопира и се стави мораториум на спроведување на урбанистички планови, но ниту една институција не покажа спремност и одважност да ги испита пропустите, институционално да провери кој ги дозволил и зошто. Простор за реакција има и кога граѓаните пријавуваат дивоградби, а никој не сака да им одговори ниту ним, ниту мене дали е постапено од страна на општината и инспекцијата. Така и по стотици претставки од граѓаните одговори нема, а дури и кога барав Советот да добие информации, еве на последната седница Советот одлучи со мнозинство дека не сака да добие информација како и дали воопшто општината реагирала на барањата и пријавите. Нели е тоа доволен доказ дека постои спрега која наместо да влее доверба и носи одлуки разгледувајќи ги сите факти и показатели, доброволно се одлучува да замижи. И секако, со надлежните министерства во владата многупати сум имала разговори за потребите на подобрување на работата на општината. Признавам дека имав разбирање од нивна страна за она што го апелирам, се обидуваа да  делуваат во рамки на свои надлежности, но Законот за локална е потребно сериозно да се менува во однос на одговорноста која ја има градоначалникот и секој советник. Задскривањето зад колективната одговорност и дозволувањето неправди и грешки кои останаа неказнети во минатото и денес им отвораат простор на самоволие и беззаконие на оние кои локално делуваат.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи