Јанша во затвор
21 јуни 2014Јанез Јанша во затворот Доб, на околу 50 километри источно од Љубљана, беше испратен од околу 3000 свои приврзаници. Тој на симпатизерите им рече дека „веројатно во затвор има повеќе чесни луѓе, отколку што се денес во словенечката политика“.
„Во Словенија треба да биде рехабилитиран зборот ‘чесност‘, посебно во политиката која стана обичен циркус и каде зборот ‘чесност‘ не постои“, истакна 55-годишниот Јанша.
Освен политичарите, тој ги обвини и словенечките медиуми поради наводно пристрасно известување за неговиот случај и судењето, на кое доби две години затвор поради корупциската афера „Патриа“.
Според пресудата, Јанша во 2006 година, кога бил премиер, од посредници на „Патриа“ прифатил ветување дека ќе добие парична награда доколку оваа финска компанија го добие тендерот за опремување на словенечката војска со оклопни возила, кој бил вреден 278 милиони евра. Оваа пресуда може да ја укине единствено Врховниот суд, каде Јанша поднесол жалба.