Јосип Јуратовиќ: „Немирите во БиХ можеа да се предвидат“
8 февруари 2014Дојче веле: Протестите кои почнаа во Тузла со молскавична брзина се проширија во голем број градови во БиХ. Што, според вашето мислење, изразуваат овие протести?
Јосип Јуратовиќ: „Јас веќе подолго време ја следам ситуацијата во регионот, па и во БиХ. Секогаш предупредував дека ќе дојде едно ново време, нова генерација која ќе бара нови решенија и која веќе не може да си дозволи едноставно така и понатаму да се живее како што се живеело досега. Тоа е некоја реакција на немоќ, поради неможноста да се влијае врз политичките процеси во БиХ. Она што сега се случува, според мене, е ужас за сите. Секој кој има и мала политичка писменост можеше тоа да го предвиди“.
Како сега да се заузда физичкото насилство?
„Јас не сум експерт за такви ситуации, но морам да препорачам оваа група, која сака мирно да протестира и мирно да укажува на ситуацијата, треба да се дистанцира од хулиганите и оние кои сакаат неред. На таа група и’ одговараат хаос и насилство, бидејќи таа сака да извлече корист од тоа – како политичка, така и материјална. Затоа, би ги замолил сите кои организираат мирни протести, така и да продолжат и строго да се дистанцираат од насилсниците, да ангажираат редари од своите редови, кои на дистанца ќе ги држат оние кои сакаат немири“.
Потребно е итно решение
Во едно претходно интервју за Дојче веле рековте дека босанските политичари се подготвени да направат чекори во правец на политички промени, ама дека темпото им е бавно. Дали тие предолго го игнорираа незадоволството на народот и дали ќе мораат да го забрзаат темпото?
„Не да мораат, туку мораат под итно да решат неколку основни работи. Јас се згрозувам дека за пет години не беше можно да се решипрашањето ’Сејдиќ-Финци’, кое може да се реши преку ноќ. Така сите ми рекоа – ако се сака. Но, тие тоа не го сакаат. Без демократски темели, без човекови права, без правна држава нема инвестиции, нема нормален економски развој ит.н. Они се занимаваат со броење на крвни зрнца или, како што јас тоа го нарекувам, со стадо овци. Ним им е значајно да имаат свои овчички кои фино ги слушаат. Земјата заостана не само во однос на Европа, туку и зад целиот регион. Тоа е сосема неодговорно. Сега под итно мораат да се подигнат оние кои имаат дури и мала одговорност кон сопствениот народ. Не може некој цела година да работи, а да не добие плата за тоа. Тоа е срам за целата држава“.
Граѓаните во БиХ изразуваат незадоволство од владејачките структури, а опозицијата во земјата е многу слаба. Кој би можел сега да ја преземе лидерската функција и да ја однесе земјата во коренити политички реформи?
„Милсм дека постојат владејачки партии и тие мораат конечно да ја преземат таа одговорност за која се и избрани. Јас и порано често зборував дека ќе се појави еден нов бран, една нова генерација. Притоа не мислев на старосна генерација, туку на генерација луѓе кои ќе бараат свои решенија. Јас не знам кој е тоа, но знам дека ќе дојде. Луѓето во политиката сега мораат да се одлучат – или сами ќе најдат решение или решението ќе им го најде улицата. Значи, крајно време е одговорните да седнат и да се договорат како ќе го решат проблемот на целата земја“.
Предупредување за сите
Дали социјалните немири, според ваше мислење, би можеле да се прошират и во регионот?
„Јас не знам дали тие ќе се прошират од БиХ во другите региони, ама во целиот регион постојат некои кои мудруваат и се занимаваат со прашањето на ’кирилицата’, кој со кого спие, наместо да се занимаваат со прашањето – како на луѓето да им се даде доволно леб? Тоа не е искра која се појави во БиХ, туку е прашање кое постои во целиот регион. Мислам дека во него нема светилници на демократијата. Јас се згрозувам од целава ситуација, ама таа истовремено претставува предупредување за сите во регионот, дека ќе го доживеат истото, доколку не внимаваат“.
Каде ја гледате иднината на БиХ?
„Иднината на БиХ ја гледам во тоа таа конечно да стане една нормална, демократска земја, изградена врз основните човекови права и слободи, во која најспособните, а не најподобните ќе ја градат земјата. На таа земја и’ се потребни способни, а не послушни луѓе. Досега шанса имаа само послушните. Најспособните или останаа во земјата или мораа да ја напуштат. Тоа е срамота за БиХ“.
Како може Германија да и’ помогне на БиХ во изградбата на стабилна демократија?
„БиХ теоретски е демократска земја, каде народот ги избира своите лидери. Ние како партнери во преговорите ги имаме токму тие лидери, кои ги избрал народот. Во тие работни групи во последно време не се преговараше за тоа како да се помогне и организира земјата општествено и политички, туку една група секогаш известуваше дека е загрозена од другата група. Се’ додека се зборува само за тоа, не знам што би можеле Берлин, Брисел и цела Европа да направат да и’ помогнат на БиХ. Европа сака да и’ помогне на БиХ, но можеме да помогнеме само на оној план на кој постои интерес од БиХ“.