Јункер ја претстави визијата за ЕУ по Брегзит
2 март 2017Вчера (01.03.2017) во Европскиот парламент, Жан-Клод Јункер претстави пет опции за иднината на ЕУ и порача дека е време земјите членки на Унијата повторно да станат „пионери“ и да ја насочат иднината на 27-те земји – мислејќи на преостанатите членки откако Велика Британија ќе ја напушти Унијата. Неговиот говор беше одржан неколку недели пред планираното активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор од страна на британската премиерка Тереза Меј – со што треба официјално да почне „разводот“ на Велика Британија од ЕУ. Јункер порача дека без разлика на тоа „колку ќе биде тежок Брегзит, тоа нема да ја сопре ЕУ да продолжи кон иднината“.
Пет патишта
Јункер претстави пет „патишта за единство“ за кои лидерите на ЕУ треба да разговараат на специјалниот самит во Рим кој ќе се оддржи на 25 март по повод 60 годишнината од усвојувањето на основачкиот договор на ЕУ.
Еден од „петте патиштата" на Јункер е сведување на Европската унија само на заеднички пазар. Друга опција е формирање на Европа со повеќе брзини – односно формирање на групи од земји кои можат да остваруваат заеднички проекти доколку останатите не се согласуваат.
Меѓу понудените опции е и повлекувањето на Брисел од повеќе области како што се регионалниот развој, здравството, социјалната политика и политиката на вработување. Но, како опција се нуди и задржување на „статус кво“ во блокот, изјави Јункер, што подразбира ограничен прогрес во зајакнувањето на заедничката валута и ограничена соработка во одбраната. Петтата опција вклучува федерален пристап, односно „поделба на повеќе моќ, ресурси и носење на одлуки на сите нивоа".
За време на неговиот говор, Јункер се осврна и на постојаното „напаѓање на Брисел“ од страна на политичарите популисти. Тој инсистираше дека ЕУ не е одговорна за проблемите на секоја земја. Јункер сепак призна дека Брисел често се крева на пиедестал иако не успева да оствари многу од амбициозните ветувања, како што е соочувањето со високата стапка на невработеност.
Како обврска за иднината Јункер изјави: „Нашата задача ќе биде јасно да кажеме што може, а што не може Европа да направи“. Тој ги повика европските држави да одговорат на неговите предлози до крајот на годината и да одлучат за чекорите кои треба да бидат преземени пред изборите за Европскиот парламент во јуни 2019.
Можно одложување на Брегзит
Додека Јункер се подготвува за брз Брегзит, британската премиерка Тереза Меј се соочи со првиот парламентарен пораз за законот со кој формално правно ќе и биде овозможено да ги отпочне преговорите за излез на Британија од ЕУ.
На вчерашното гласање, Горниот дом на британскиот парламент ги поддржа амандманите за заштита на правата на граѓаните на ЕУ кои престојуваат во Британија. Амандманите беа предложени од најголемата опозициска партија и со нив се бараат гаранции од владата дека граѓаните на ЕУ кои живеат во Велика Британија ќе можат да добијат право на престој откако ќе почнат преговорите за Брегзит.
Со напуштањето на ЕУ, Британија се повлекува од политиката за слободно движење на граѓаните меѓу земјите членки на Унијата. Тоа остава три милиони граѓани на ЕУ кои живеат во Британија и еден милион Британци кои живеат во земјите на ЕУ во ситуација на вакуум .
Изгасувањето на амандманите значи дека законот ќе биде вратен во Долниот дом на британскиот парламент на второ гласање.
Аналитичарите сметаат дека ваквиот развој може да ги наруши временските рамки на планот на владата за отпочнување на разговорите за Брегзит со Брисел.
Законот треба да биде донесен на 7 март, што ќе и даде можност на Меј да го активира членот 50 од Лисабонскиот до крајот на март.