„Македонија се наоѓа во загрижувачка ситуација“
5 февруари 2015„Најновите настани по којзнае кој пат покажуваат дека Македонија се наоѓа во загрижувачка ситуација. Се заканува опасност во Европа да се етаблира авторитарен режим и Македонија да се издвои од регионот“, вели Јосип Јуратовиќ, пратеник во Бундестагот од редовите на Социјалдемократската партија на Германија во разговор за Дојче веле. Тој нагласува дека во актуелната ситуација „мора да биде обезбедена независност на правосудството и услови за функционирање на опозицијата. Истовремено би сакал опозицијата да може да ја продолжи својата критичка работа на веродостоен и конструктивен начин - во парламентот“, нагласува Јуратовиќ.
Владата не полага голема вредност врз членство во ЕУ
Во врска со можните последици од најновите настани во Македонија врз нејзината евроатлантска интеграција, Јуратовиќ оценува: „Недвосмислено е дека актуелната влада не полага никаква повисока вредност врз европските вредности и членство на Македонија во ЕУ.
Европската комисија јасно кажа: мора да се гарантира придржувањето кон темелните стандарди на правната држава. Освен тоа, Брисел побара од македонските партии да водат конструктивен дијалог“.
За Јуратовиќ блокадата на евроатлантските интеграции на Македонија поради бизарниот спор со Грција околу името нема битно влијание за континуираното влошување на политичкиот амбиент во земјата: „Дури и да има некаква меѓузависност, не би го прифатил тоа како изговор. Кој ги сака европските вредности, може да ги води политиката и општеството во соодветна насока. Кој не ги сака,ќе бара шртвени јарци кои наводно му го спречуваат напредокот“.
Помош за силите кои работат за иднината на Македонија
Германија ги следи со внимание настаните во Македонија и ќе продолжи да се ангажира како и досега. Јуратовиќ нагласува: „Германската вллада со вистински јасни зборови ја искажа својата загриженост со оглед на актуелната политичка ситуација. Но, и покрај се’, продолжува реализацијата на сите проекти за кооперација на ниво на граѓанското општество и на стопанско ниво. Со тоа ги јакнеме оние сили, кои навистина работат за иднината на Македонија“, истакна Јосип Јуратовиќ во разговор за Македонската редакција на Дојче веле.