Ќар или зијан: СЈО на мета низ призмата на парите
26 ноември 2019Дали биле законски надоместоците за доверливост што ги добивале специјалните јавни обвинители? Ова е прашањето по кое треба да постапува Јавното обвинителство, откако стана достапна алатката „Отворени финансии“, па медиумите пресметаа дека Јанева по таа основа добила 150.000 евра, а другите обвинители од СЈО од 80.000 до 100.000 евра за период од четири години. Извори од СЈО потврдуваат дека бил исплаќан надоместок за доверливост, и тоа го објаснуваат со обемот и тежината на задачата што ја добило тоа Обвинителство - да истражи сѐ што е поврзано и што произлегува од незаконско прислушуваните разговори за периодот 2008-2015 година, период на држава заробена од партијата која владеела во тој период, вклучително и на заробено редовно обвинителство.
Повеќе:
Заедничкиот фонд на СЈО се трошел за разни цели
Вработените од СЈО планираат да тужат
Зошто надоместок за доверливост?
„Имајќи го предвид профилот на лицата од разговорите и извонредно големата можност да се искомпромитираат и лицата и содржината на разговорите, јасно е дека довербата е основен елемент на прием на вработени, паралелно со формалните услови за соодветното работно место на секој вработен. Начинот на заштита за да не протечат разговорите е уреден со внатрешни акти, а меѓу другото и со договори за доверливост помеѓу СЈО и секој вработен. Секое вработено лице добива паричен износ за почитување и исполнување на тој договор, во зависност од типот на прислушувани разговори со кои има допир", објаснуваат од СЈО.
Висината на тие надоместоци со одлука ја определувал Специјалниот јавен обвинител, и тие не биле повисоки од истиот тип надоместоци кои ги примале специјалните обвинители во соседните земји.
„При определување на висината на надоместоците, улога имаше и потенцијалната опасност на која беа изложени специјалните обвинители и сите вработени при извршувањето на нивната функција. По оваа основа, надоместок за доверливост, специјалните обвинители примаа апроксимативно 21.500 евра во текот на една година. За период од четири години по таа основа обвинителите од СЈО добиле вкупен износ од околу 90.000 евра, без Специјалниот јавен обвинител, кој добил поголем износ, но ни приближно како што се наведува во некои медиуми“, велат извори од СЈО.
Плата 1.300 евра
Платата на обвинителите од СЈО, чија задача била да се гони најтешкиот криминал во државата, изнесувала околу 1.300 евра, што е за 300 евра повеќе од платите на другите јавни обвинители во земјата, но на исто ниво споредено со примањата на специјалните обвинители во регионот. Но, од СЈО велат дека има една голема разлика, која во јавноста се заборава: дека во првите 18 месеци СЈО воопшто немало работно време, дека таму се работело деноноќно, и дека било соочено со огромни опструкции.
„Иако функционирањето на СЈО не треба да се мери со какви било финансиски критериуми, јавноста треба да знае дека со постапувањето на СЈО само во предметот ‘Труст', запленета е противправна имотна корист од 17 милиони евра, што е повеќе од целокупниот буџет на СЈО за сите години на функционирање“, велат нашите соговорници.
Заради тоа се спротивставуваат на шпекулациите во врска со (не)основаноста на висината на платата и надоместоците.
„Но, доколку Јавниот обвинител смета дека со потпишување на ваквите договори и примање на платите и надоместоците е повреден каков било пропис, обвинителите се подготвени веднаш да поднесат оставка“, велат нашите соговорници.
Заради споредба, предлагаат да се направи пресметка дали, на пример, годишните примања на обвинителите по основа на доверливост се поголеми од годишните патни трошоци на пратениците.
Нема спец-каса, туку солидарен фонд
Покрај платата и надоместокот за доверливост, нашите извори тврдат дека не биле вршени никакви други исплати од буџетот на СЈО кон обвинителите, и дека не постои спец-каса во СЈО.
„Сите вработени, вклучително и обвинителите, учествуваа со дел од своите лични примања во сопствен, солидарен фонд, кој беше прилично долго елабориран во медиумите. Тие средства се користеа за потребите на работата на СЈО (набавка на клима уреди, хартија, тонери, за убави и лоши моменти за вработените) во период кога Бирото за јавни набавки не одобруваше. Тој фонд никако не смее и не може да се поистовети со т.н спец-каса каква што постоеше во тајната полиција. Таква каса во СЈО не постои“, децидни се од СЈО.