1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе ги повлече ли Трамп САД од НАТО?

Тери Шулц/Н. Домазетовиќ17 август 2016

САД долго предупредуваат дека сами ги покриваат повеќето трошоци за НАТО и оти го губат трпението. Номинацијата на Трамп за претседателски кандидат, ги претвори предупредувањата за излегување на САД од НАТО во реалност.

https://p.dw.com/p/1Jizc
Tschechien US Militär Rückkehr nach Übungseinsatz zum Basis ins deutsche Vilseck
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Singer

Во пресрет на изборите, републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп го претвори незадоволството на Американците од финансирањето на НАТО во политичко прашање. Тој ги укори европските сојузници кои не одвојуваат минумум 2 проценти од својот БДП за финансирање на армијата, а исто така, се закани дека доколку биде претседател на САД нема да ги почитува обврските за заедничка заштита на НАТО.

Трамп вели дека „учеството во НАТО е непотребно и екстремно скапо за САД, затоа треба да го промениме НАТО“. Тој вети дека доколку стане претседател, учеството на САД во операции кои се опфатени под членот 5 ќе зависи од тоа дали сојузникот „ги исполнил обврските“ кон САД. Не е јасно дали Трамп мисли дека останатите НАТО земји и должат пари директно на САД, бидејќи тој претходно изјави дека европските партнери „не плаќаат онолку колку што треба“ и дека тој сака „тие да платат“.

Поранешниот амбасадор на САД во НАТО, Курт Вокер, се согласува дека јазот помеѓу трошоците на САД и на европските земји е голем и дека претставува проблем кој треба да се реши. „Важно прашање е што ќе се направи во врска со тоа? Заканите за растурање на НАТО може да се само преговарачка тактика, но не мислам дека е добра идејата, затоа што истовремено се испраќа погрешен сигнал до Русија, која се закануваше на земји членки на НАТО“, изјави тој.

Вокер сепак забележува дека американскиот систем има „голем број на институционални процедури кои ќе се вклучат доколку Трамп биде избран и доколку сака да ги спроведе ваквите планови“.

‘Трамп нема смисла’

Дури и тврдокорните републиканци сметаат дека ставовите на Трамп се толку вознемирувачки што веќе предизвикаа многумина да го напуштат и јавно да ја поддржат Хилари Клинтон. Меѓу нив е неоконзервативецот Ројел Марк Герехт кој е поранешен офицер на ЦИА и кој напиша отворено писмо во кое алармира за позициите на Трамп во однос на надворешната политика.

Герехт со неверување вели: „Доколку ме прашавте пред 18 месеци дали би можел да замислам да гласам за Клинтон, одговорот ќе беше – не“. Но сега, тој отворено ја поддржува Клинтон. „Господинот Трамп нема смисла,“ вели Герехт, иако не се сложува со многу од ставовите на Клинтон, тој смета дека таа барем „има допир со реалноста“.

За тоа дали Трамп навистина би можел да ги повлече САД од НАТО, Герехт шпекулира: „Функцијата претседател во себе ја содржи командната одговорност врз армијата. Доколку Трамп биде избран за претседател и доколку ги повтори таквите изјави за непочитување на членот 5, тоа де факто би значело дека НАТО е нефунционален“.

Констанц Штелценмилер од институтот Брукингс често ги коментира изјавите на Трамп. Таа вели дека дури и Трамп да не победи и не ја прекине соработката со НАТО, штетата е веќе направена. „Реалноста е дека во политиката, со самото дискутирање на одредена работа, а особено како што тоа го направи Трамп, се влијае врз очекувањата на луѓето и на идните односи“, ијзави таа и додаде: „Тоа ги загрозува и им наштетува на трансатланските односи и вредности, затоа што европјаните сфаќаат дека Трамп не е поединечен феномен, туку тој е симптом на едно општо расположение“.

USA Donald Trumps Gestik
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Raedle

Исламофобијата во мејнстримот

Растечката исламофобија низ целиот свет, подгреана од нападите во Европа инспирирани или организирани од исламисти ќе биде важен дел од политичките кампањи во Европа - како што беше случај и во САД. Шахед Аманула, поранешен советник во Стејт Департментот за исламски прашања е загрижен дека популарноста на ставовите на Трамп, како оној за забранување на влез на муслиманите во земјата, ја нормализира структурната исламофобија во земјата.

„Сметам дека Трамп не е свесен дека со таквите идеи и ставови, тој всушност додава масло во огнот. Тоа ќе ги влоши работите на Блискиот исток, ќе го наруши интегрирањето во Европа, а најмногу ќе ги загрее расните и етничките тензии во САД. Тоа го гледаат сите освен тој“, завршува Аманула.

А што со кабинетот на Трамп?

Се поголем број на републиканци изјавуваат дека не би сакале да учествуваат во администрацијата на Трамп. Поранешниот амбасадор Вокер вели дека тој и неговите колеги се погледнуваат и си велат „Не сакам да служам на Трамп, но би сакал ти да му служиш“.

Останува нејасно кој би можел да биде дел од неговиот кабинет, особено откако минатата недела 50 службеници јавно искажаа несогласување со Трамп. Отвореното писмо, кое тие го испратија во јавноста доби статус „без преседан“, пред сè поради важните имиња кои беа потпишани и поради нивните остри ставови. Станува збор за високи службеници во американската администрација и проминентни републиканци, кои работеле во областа на националната безбедност и надворешната политика под палката на Ричард Никсон, па се до Џорџ В. Буш.

Во писмото се наведува дека кандидатот „има слабо разбирање за виталните интереси на САД, комплексните дипломатски предизвици, сојузниците и демократските вредности врз кои мора да се заснова надворешната политика на САД. Истовремено, тој ги фали нашите непријатели, а ги напаѓа нашите сојузници и пријатели. За разлика од претходните претседатели кои немаа големо познавање за надворешната политика, господинот Трамп нема ни желба да се едуцира“.

Од кампањата на Трамп возвратија со писмо во кое им се заблагодаруваат на групата „што го испратиле писмото до јавноста, па сите во државата ќе знаат кој е крив што светот е опасно место“.