Ќе помине ли Твитер на берза подобро од Фејсбук?
7 ноември 2013Излегувањето на берзата на Твитер треба да му донесе 1,75 милијарди долари. На Волстрит денеска (07.11) интернет фирмата ќе понуди 70 милиони акции по цена до 25 долари.
Твитер официјално најави дека ќе излезе на берза уште во септември. Во моментов, претпријатието месечно има околу 230 милиони активни корисници, кои меѓутоа не се активни секој ден. За споредба - над една милијарда луѓе во светот имаат профили на Фејсбук и повеќето од нив го отвораат својот профил секој ден. За разлика од Фејсбук, Твитер во моментот на излегување на берза е и во „црвено салдо“, што од претпријатието се правда со големите технички инвестиции. Тој минус би требало да биде амортизиран во наредните години. Добри изгледи за успех или за почетен дебакл, како кај Фејсбук, кој ги продаваше акциите по цена од 38 долари и веќе првиот ден забележа загуби?
Заситен пазар?
„Излегувањето на берзата е многу добар потег, со него повторно една технолошка фирма ќе се претвори во вистинско претпријатие“, вели во интервју за Дојче веле Франк Хорн од консалтинг фирмата за дигитални прашања „Кпунктнул“. За разлика од него, блогерот и новинар кој пишува на економски теми, Холгер Шмит, нагласува: „Јас не би купил акција на Твитер“. Тоа го образлага со фактот дека курсевите на интернет-фирмите по првата емисија најчесто доживуваат многу подеми и падови, што кај Твитер може да биде многу изразено. Шмит оценува: „Твитер има проблем со порастот. Многу од основните корисници, значи оние кои се заинтересирани за информации, на Твитер се активни одамна.“
Пазарот е речиси заситен, „веќе не доаѓаат толку многу корисници како што тоа си го посакува Твитер“, а и кога доаѓаат, тогаш се повеќе пасивни, тие се од оние кои „најмногу пишуваат по една порака за некоја телевизиска емисија“.
Освен тоа, се заканува и меѓународна конкуренција во таканаречените „месиџинг“ и „чет“ мрежи: Whatsapp има 350 милиони корисници на Западот, а Lion има 280 милиони корисници во азиските земји и веќе сега двете се попопуларни од Твитер.
Единствен плус е тајмингот. Интернет фирмите се во берзански тренд. „Повеќе од една година расте вредноста на интернет акциите. Фејсбук, Гугл, Амазон, Линкед-ин, сите акции се на највисоко ниво. Оттука, Твитер многу добро го избра моментот“, оценува Шмит.
Прво висок лет, потоа...
Честопати, меѓутоа, сметките не се остваруваат: „При емоционални излегувања на берзата, какви што се интернет приказните, да играат сакаат многумина инвеститори кои немаат многу поим“, нагласува Дирк Милер, автор на книгата „Кешкурс“. Тоа, додава Милер во разговор за Дојче веле, не е гаранција за стабилност на курсевите.
Негативен пример е Групон. Акцијата на веб-страницата за евтини понуди, при стартот во 2011. година вредеше 20 долари, а сега нејзината вредност е само половина од тоа. И онлајн-понудувачот Зинга си „ги изгоре прстите“. На денот на излегување на берза акцијата вредеше 10 евра, а денес има вредност од само една третина од таа цена.
Фејсбук - лош старт, потоа стабилизирање
Со волумен од 16 милијарди долари Фејсбук во 2012 година го реализираше најголемиот настап на берзата во интернет-историјата. Прво се зборуваше за цена од 28 до 35 долари по акција, за краткорочно, непосредно пред излегување на берзата, цената да се зголеми на 38 долари. Потоа следуваше отрезнување - акциите не ги исполнија очекувањата дури ниту на првиот ден, а во првиот месец загубија многу од вредноста.
„Фејсбук тогаш беше проценет на 100 милијарди долари и сакаше од берзата да собере 16 милијарди долари. Сега Твитер е проценет на 14 милијарди, а сака да собере само две милиајрди долари“, објаснува Шмит. „Големата разлика е оправдана, поради тоа што претпријатието е помало, прави помал обрт и се‘ уште не е во плус.“
Акциите на Фејсбук, по една година од излегувањето на берза се опоравија и достигната е највисоката цена - 45 долари за акција, со што вредноста на Фејсбук на берзата порасна на 109 милијарди долари. „Сепак, низ печатот се‘ уште може да се прочита дека излегувањето на берзата било катастрофално“, вели Хорн. „Тука, меѓутоа, треба да се направи диференцирање - на првиот ден од тргувањето на берзата имаше технички проблеми, тоа беше катастрофа за берзата Насдак. Сепак, од денешен апсект погледнато, излегувањето на берза за Фејсбук се покажа како добивка.“
За да се спречи слична катастрофа, Твитер за своето излегување на берза ја одбра Волстрит, а не Насдак. Ако чекорот биде успешен, Твитер ќе стане дел од десетте најважни интернет концерни во светот.